КОРИСНИ ИДИОТИ

Имаме уште еден закон за низата „Сѐ по закон шефе“.

    КОРИСНИ ИДИОТИ

    1 Прашањето, дали ти личам јас на идиот затоа што прашувам како ги трошиш моите пари, веќе е надминато. Не само што на власта ѝ личиме на идиоти, туку и нѐ третира како идиоти.  Последната потврда за тоа е 10-дневното патување во Америка на бројна државна делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, за која не се знае ни колкумина се отидени, ни кој сѐ е отиден, ни кој сѐ го придружува. А колку пари тоа ги чини македонските даночни обврзници –  е тоа е најстого чувана државмна тајна.

    Одговорот на власта е: Заев така правеше. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ објавија фотографија од 2019 година со сите патници за Њујорк што го придружувале тогашниот премиер Зоран Заев на Генералното собрание на Обединетите Нации.

    Имено. Затоа Заев не е на власт. Затоа вие сте на власт. Утре ќе дојде некој друг и ќе вика: Мицкоски така правеше. Толку ли ниту една власт не може да сфати дека за сѐ што е врзано со нивната работа, за секој наш денар што на избори сме им го довериле да ни го менаџираат, мора да ни дадат отчет?

    Со вакви одговори власта му се обраќа само на своето верно гласачко тело. Од другите граѓани се има откажано. Иако, искрено мислам дека приказните што правела онаа власт пред седум години не поминуваат веќе ни кај најверните поддржувачи на владејачката коалиција. Евентуално, може ќе поминат кај тие од талогот во ВМРО-ДПМНЕ. Вмровската елита вакви објаснувања веќе не купува.

    Ама овојпат, за разлика од пред седум години, македонската државна делегација имала многу битни средби. Тие пред седум години оделе само да се шетаат. А сегашниве многу работа имале. Премиерот Мицкоски даде интервју за македонската државна информативна агенција МИА од Вашингтон. Вицепремиерот за европски интеграции Беким Сали даде интервју за државната агенција МИА од Њујорк. И министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска даде интервју за државната агенција МИА од Њујорк. Како упадна и градочалникот на Чаир Изет Меџити во тоа друштво е исто така мистерија, ама ете и тој дал изјава за МИА во Њујорк. Што е тоа што имаа да му изјават на новинарот на домашната МИА, кој исто така беше дел од делегацијата, таму, во Њујорк и Вашингтон, а што не можеа да го кажат во Скопје? Си мислат дека ако од Вашингтон дадат интервју на домашна агенција за домашна публика, а ниеден странски медиум не ги изесапил, макар и од регионот, тогаш автоматски екскурзијата на десетици државни службеници добива смисла оти личи на големо државничко достигнување.

    Навистина, на власта ѝ личиме на идиоти.

    2 СДСМ води одлична кадровска политика. За ВМРО-ДПМНЕ.

    Јон Фрчкоски од раководството на СДСМ го повика пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков заедно да одат на тестирање за дрога. СДСМ го одбра правиот човек што може да се расправа со власта на темата дрога. Бидејќи беше снимен како шмрка нешто бело во работно време на работна маса во државна институција, партијата ги користи неговите експертски искуства. Може да познае кој на каква дрога е.

    Андреј Жерновски, кој не знае што значи кратенката НАТО, е главен стратег на СДСМ за меѓународна политика.

    Нов потпретседател на СДСМ стана Горан Герасимовски, градоначалникот на Центар, општината што е бастион на СДСМ, кој заедно со ВМРО-ДПМНЕ наумил да го сруши Водно и да го затне секое дупче во општината со зградичка со четири-пет спратчиња и две-три поткровја.

    Со ваква кадровска политика и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ може слободно да продолжат да нѐ сметаат за идиоти. Па на избори ќе изброиме кому колку верни и корисни идиоти му останале.

    3 Фондот за здравство во најавата за контрола на злоупотребите со боледувањата ќе бара да се вклучи и полицијата. Нема да има веќе боледувања за работа во Хрватска или одмор во Грција.

    А бе, на нив градоначалникот на Карпош, кој само што го избраа, повеќе од два месеца не им одеше на работа и го имаше дадено овластувањето за потпис на друг државен службеник назначен од партијата. До премиерот стасаа да го правдаат дека е многу болен и мора да мирува додека го сликаа како шета низ трговски центри. Тој имаше земено боледување за да не биде градоначалник. А другиот што го најдоа во партија за да потпишува зел неплатен одмор од работното место во друга државна служба за да биде градоначалник.

    И обајцата ги команда партијата.

    Од 1 октомври стапува на сила Законот за висока раководна служба. Според тој закон, и директорот на Фондот за здравство, Златко Перински, не би можел да биде директор оти не е избран, не поминал интервјуа и тестирање и не доаѓа од институцијата. Ама, за него институција е партијата.

    Така што, имаме уште еден закон за низата „Сѐ по закон шефе“.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира