Точно четири месеци по организираниот напад во Собранието на 27 април, нема судски процес, ниту покренато обвинение против ниту еден од организаторите. На условна казна беа осудени деветмина од извршителите и тоа за најлесното кривично дело Учество во толпа која ќе спречи службено лице во вршење службена должност, а обвинение има поднесено само против напаѓачот на министерката за одбрана Радмила Шекеринска за кривично дело Насилство и четириесетина полицајци се суспендирани.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски уште на 8 јуни кажа дека без расчистување на 27 април и без санкции за одговорните, МВР нема да може да функционира, но за водачите на протестите на „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Игор Дурловски, за ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и за пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Јохан Тарчуловски кои ги отворија вратите на Собранието и ги насочуваа насилниците каде да ги најдат пратениците од СДСМ, Алијансата на Албаниците и од ДУИ, Обвинителството не покренува истрага.
Во петокот, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција најави дека ќе ја испитува вмешаноста на претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, советникот за безбедност во неговиот кабинет Синиша Алексовски и на српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ во крвавите настани во Собранието на 27 април. Тоа е најновиот момент во истрагата која ја водат неколку обвинители, а кој произлезе деновиве, откако Кабинетот на Иванов влезе во јавна преписка со Живаљевиќ, обвинувајќи се меѓусебно околу присуството на странскиот разузнавач во толпата која насилно упадна во Собранието.
Обвинителката од организиран криминал Вилма Русковска, која ја води истрагата, за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека ова е нов момент во истрагата, кој ќе се истражува.
„Ова и за мене е ново, односно разбрав од медиуми, затоа што сум на одмор. Работата е сензитивна, ама во секој случај ќе се испита дали има поврзаност со организирање на крвавите настани. Самото присуство на Живаљевиќ е од една страна дипломатски скандал, а од друга страна кривично дело учество во толпа, повторно ќе кажам, ако не се докаже учество во организирање“, вели обвинителката Русковска.
Од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија веднаш го поздравија интересот на Обвинителството за вмешаноста на Иванов, Алексовски и Живаљевиќ во нападот на 27 април и во дописот што го испрати медиумите наведе дека тоа е „прав начин да се утврдат фактите и вистината, затоа што деновиве во јавноста се присутни лажни вести и лажни информации“ и, како што велат оттаму, со нетрпение го очекуваат одговорот од Обвинителството за улогата на Живаљевиќ во настаните во Собранието.
На 3 август, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт до Основниот суд Скопје 1 против напаѓачот на министерката за одбрана Радмила Шекеринска за кривично дело Насилство во врска со нападот на Собранието на 27 април. Обвинетиот се товари дека за време на нападот во Собранието извршило грубо насилство, повлекувајќи за коса тогашната пратеничка Шекеринска, сега министерка за одбрана, при што таа се здобила со тешка телесна повреда. За ова кривично дело, предвидена е казна затвор во траење од 3 до 10 години.
На 23 мај, деветмина од насилниците што упаднаа во Собранието добија условни казни од Основниот суд Скопје 1 за делото Учество во толпа која ќе спречи службено лице во вршење службена должност. Предметот го водеше Основно јавно обвинителство Скопје.
Една недела подоцна, Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја презеде истрагата за 27 април од Основното јавно обвинителство Скопје со образложение дека станува збор за организиран напад. Последното известување за истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е од 20 јуни, кога соопшти дека во постапувањето по предмет оформен во врска со настаните во Собранието на 27 април, започнало со повикување на граѓани заради прибирање на потребни известувања.
Според извори на истрагата, за време на нападот на 27 април, сигналот на мобилниот телефон на Чавков бил фатен на три базни станици и тоа на седиштето на ВМРО, Алмако и Италијанската амбасада, во триаголникот во најстрогиот центар на Скопје, на 100 метри од Собранието. Чавков бил во овој дел од градот до 20 часот, а потоа заминал во оперативниот штаб за протестите кој се наоѓал во кругот на МВР.
На 28 април, тогашниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу рече дека за време на нападот на Собранието Чавков два часа не му бил достапен на телефон и дека е директно одговорен за насилството. Од друга страна пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој на денот на нападот на 27 април беше во Виена, на 28 април во телевизиско интервју изјави дека за цело време на насилствата бил во телефонски контакт со Чавков.
Исто така, на 28 април, премиерот Зоран Заев го обвини претседателот Ѓорге Иванов дека заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и тогашниот директор на БЈБ Митко Чавков се организатори на обидот за негово убиство.
„Насилството врз новинарите и легитимно избраните претставници на народот во Собранието беше организирано од Никола Груевски, Ѓорге Иванов, Митко Чавков и нивни соработници, кои не сакаат мирен трансфер на власта. Ова вчера беше обид за убиство со умисла и по план“, изјави Заев на прес-конференцијата на 28 април.
Министерството за внатрешни работи сè што има собрано како докази во истрагата за организираниот напад на Собранието на 27 април ги предаде до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„Сè е дадено во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција. МВР е на располагање во секое време на обвинителството. Се надеваме дека во скоро време ќе има разрешница на целиот случај“, кажа тогаш директорот за Бирото на јавна безбедност Лазе Велковски на прес-конференција на 11 јули.
Во извештајот што го подготви Работната група на МВР, ексдиректорот на БЈБ Митко Чавков е посочен како најодговорен за недавањето наредби на полицијата да постапи и да ги спаси животите на пратениците од СДСМ и од парламентарното мнозинство, во нападот на насилниците кои упаднаа таа вечер во Парламентот. Чавков во извештајот е посочен дека не реагирал и оставил да тече крвавиот напад, во кој имаше обид за убиство на лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, а повреди и рани во главата од удари со мебел и други тешки предмети добија сегашните премиерот Зоран Заев, вицепремиерката Радмила Шеќеринска, министерот за земјоделие Љупчо Николовски и други стотина пратеници од мнозинството, како и полицајци, припадници на собраниското обезбедување, новинари и граѓани.
М. ИЛИОСКИ