На телефонскиот број 193 ќе може да пријави палење пластика, гуми и депонии, како и евентуални диви погони кои согоруваат отпад, како мерка за намалувањето на загадувањето, најави градоначалникот Петре Шилегов. Бројот е активен од денеска.
„Горењето пластика, гуми и неквалитетни дрва влијаат на загадувањето на воздухот. Град Скопје заедно со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Бригадата за противпожарна заштита и Црвениот крст формираа тимови кои 24 часа на ден ќе работат на борба против огновите на отворено. Градот со скромните капацитети со луѓе во изминатиов период врши засилен надзор. Досега немаме лоцирано диви погони за согорување отпад, има гласини по социјалните мрежи но со ништо не се поткрепени со факти. Но еве, од денес може да се пријавува 24 часа на ден, со цел да биде лоциран евентуален извор на загадување поради неодговорно или криминогено однесување на поединци“, рече градоначалникот Шилегов.
Шилегов вели дека проблемот со загадувањето кое деновиве е големо во Скопје не може да се реши преку ноќ и дека Градот работи на системски решенија, за кои се потребни неколку години да дадат резултати.
„Не постои копче кое можам да го стиснам за да се исчисти воздухот. Не е филм ниту шоу, па за два саати да се заврши, треба системско решение. Скопје е жртва на популистички, примитивни и нестратешки политики водени во минатото. Сега го плаќаме данокот на сечење паркови во 4 часот наутро, на уништување на паркот на Плоштад заради изградба на хотел. Сега го плаќаме данокот на непланското градење кое со години се одвиваше, данокот на свесното и организирано уништување на системот на централното затоплување, со цел да се преземе бизнисот. Ѓаволот дојде по своето“, рече Шилегов.
Градоначалникот рече дека во изминативе 47 дена откако е на функцијата презеле низа мерки како чистење на Скопје, садење нови дрва, зголемена е сумата на субвенции за печки на пелети, а по 7 години за првпат била направена инспекција во депонијата Дрисла, по што е изречена казна од 20.000 евра и забрана за користење на печката за медицински отпад.
Се планира набавка на електрични автобуси, како и нов концепт за градскиот сообраќај бидејќи сегашниот се одвива според податоци од 1984 година.
А. АНТЕВСКА