Народниот правобранител излезе со осуда на одговорните во училиштата кои навреме не реагирале и не го превенирале насилството меѓу учениците, по последните инциденти во училиштата во Неготино и во Битола, каде во првиот случај имаше насилство меѓу учениците, а во вториот насилство врз ученик изврши вработен во училиштето. Канцеларијата на Народниот правобранител го осуди и инцидентот во гимназијата во Гостивар, каде две надворешни лица претепаа вработен во училиштето.
„Ги потсетуваме одговорните во училиштата, како и пошироко заедницата дека училиштето е воспитно образовна установа, која има обврска и должност да обезбеди грижа и заштита на децата, и да преземе превентивни мерки за спречување на насилството меѓу децата, но и врз децата“, вели канцеларијата на Народниот правобранител.
Народниот правобранител бара од одговорните во училиштата, локалните самоуправи и просветниот инспекторат да преземат мерки за да се обезбедат училишта без насилство, во кои ќе владее позитивна клима, взаемно почитување и другарување меѓу учениците.
„За Народниот правобранител инцидентот со насилството во гостиварската гимназија е пред сѐ срамен акт, но и лош пример за учениците, кои се образуваат во ова училиште. Го повикуваме Министерството за образование и наука да реагира за да се обезбедат училишта во кои сите ќе се чувствуваат безбедно и сигурно“, велат од канцеларијата на Народниот правобранител.
Според Народниот правобранител потребно е да се зајакнат капацитетите на наставниците да превенираат и спречуваат насилно однесување кај децата, и да развиваат комуникација меѓу децата, толернација, градење на самодоверба.
„Сметаме дека во училиштата треба да се воспостават механизми за соодветна и навремена интервенција при насилство. Укажуваме дека родителите мора да покажат поголем интерес за своите деца, за нивниот однос и активно да придонесат за безбедни училишта без насилство“, вели Народниот правобранител.
Народниот правобранител очекува надлежните органи целосно и до крај да преземат мерки за расчистување на случаите со насилство во училиштата.