1 Какво е чувството да спиеш со џелатот? Веројатно исто како што е чувството кога претседател ти е Ѓорге Иванов. А ти си осуден да преговараш со него.
Не ми се верува дека Зоран Заев е толку наивен, за да мисли дека со претседателот на државата ќе може да се разбере како што се разбираат соработници меѓу себе. Оти, не може да соработуваат. Затоа што претседателот не работи за интересите на државата. Работи за својот личен интерес. Да не оди в затвор. И ќе ги искористи сите можни политички инструменти што му преостануваат до крајот на неговиот втор мандат, во април идната година, за да се спаси.
Еден од тие инструменти е амбасадорот на Македонија во САД Васко Наумовски. Кој не само што не учествувал во подготовката на посетата на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска на Пентагон, туку и сосема ја бојкотирал. Не е ни Васко толку глупав, за да не знае дека прави голем скандал што во фотофинишот за влез во НАТО не се појавил кај секретарот за одбрана на најсилниот партнер во НАТО. Тоа не е скандал. Тоа е антидржавно однесување. Кога Џејмс Матис ѝ „аплаудира на Македонија за успешниот отпор на руското малигно влијание на Балканот“, Путин може да му аплаудира на Ѓорге Иванов за успешниот отпор на западното влијание на Балканот, меѓу другото и со испраќање ваков амбасадор во срцето на неговиот најголем ривал.
Дали сега Заев ќе калкулира и со еден Васко Наумовски? Не може да го отповика, оти го отповикува тој што го поставува – претседателот. Ама, шефот на дипломатијата Никола Димитров може да го викне на консултации во Скопје. И консултациите нека траат до крајот на мандатот на Иванов. Можеше да го прибере во Скопје уште кога почна да ги опструира обновените преговори со Грција на новата влада. Ионака нема никаква корист од тоа што го имаме Васко Наумовски да ја претставува Македонија во САД. Тој таму само штета прави.
2 Иванов сега ќе се пазари и за Димитар Богов. Нему му е совршено јасно дека за повторен мандат на сегашниот гувернер на Народна банка на Македонија нема политички договор и не може да помине кај мнозинството во Собранието. Но, тој е спремен и нова криза да направи, само за да се спаси. Да се спаси од истрага. И за 12 април 2016 кога аболицираше осомничени за тешки криминали, и особено за 27 април 2017 кога се спремаше да прогласи вонредна состојба за да ги спаси криминалците.
Кој може да го спаси Иванов? Христијан Мицковски? Никола Груевски? Сашо Мијалков? Владимир Путин? Илхам Алиев од Азербејџан?
Знае Иванов дека може да проба да се спаси само со злоупотреба на претседателските ингеренции што ги има до крајот на мандатот. Зашто, тие ингеренции му се единственото што го има за пазарење. Оти, в година во април, кога ќе му заврши политичката кариера, неговиот избор ќе биде професор на факултет или затвор. А в затвор не сака да оди. И ќе проба да си ја купи слободата со претседателските уцени.
3 Заев конечно почна да збори и за план Б. Ако не нѐ примат во НАТО и не почнеме преговори со ЕУ, тој ќе ја донесел Европа во Македонија.
Му се восхитувам на ентузијазмот на Заев. Како ќе ја донесе Европа? Ќе ја стави во вреќа, ќе ја натовари на грб, ќе се качи во возот од Бугарија и некаде кај Деве Баир ќе ја истури на пругата за да се рашири низ Македонија? Тешко. Оти пруга нема.
Па да беше толку лесно да се донесе, Европа до сега ќе беше донесена. И што е тоа Европа? Камшик што треба да нѐ дисциплинира? Оти кај нас владее политика на неказнување. Некоја натчовечка сила што треба да ни го исчисти ѓубрето? Некој гуру што ќе ни ги среди здравството, образованието, судството? Некој супермен што ќе ја дисциплинира јавната администрација? Некој суперспајдермен што ќе ги ослободи тротоарите за пешаци? Некоја суперправосмукалка да го исчисти воздухот? И конечно, некој магичен прашок што ќе ни го дадат на сите да го испиеме за да си ги смениме навиките и да станеме одговорни граѓани.
Времето си минува. Ние сме сѐ уште заложници на ВМРО-ДПМНЕ во секоја смисла. Не само затоа што Иванов е претседател и нѐ кочи на секој чекор. Главните судски процеси по обвиненијата на СЈО уште не се ни почнати. Ниту за изборните измами, ниту за прислушувањето. А следните парламентарни избори се за само две и пол години. Тоа значи дека Заев има само уште една година за да покаже резултати. И за план А, и за план Б. Имаме само уште една година за Европа да дојде кај нас. Или ние да одиме бестрага.
4 Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го изјави следново: „Со жалење можам да констатирам дека се работи за еден тежок период за Република Македонија, за што сведочат и јавувањата на граѓаните во утринските емисии“.
Пред да умрам од смеење од констатацијата на Мицковски базирана на факти, само да потсетам дека тоа се истите оние граѓани на кои ВМРО-ДПМНЕ им ги плаќаше телефоните да се јавуваат. Во емисиите што ги измисли ВМРО-ДПМНЕ. За да се емитуваат на телевизиите што ВМРО-ДПМНЕ ги плаќаше со наши пари.
5 Градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин, кој целата предизборна кампања ја водеше со ветување дека ќе се бори против урбаната мафија, за промена на урбанистичките планови и за повеќе зеленило, сега се правда дека не можел да ги смени плановите, затоа што Општината многу заработува од комуналиите за нови згради. А на граѓаните што реагираа на сечата на дрва за да се ослободи простор за нова зграда им одговори дека „има еден куп тревници низ општината. Граѓаните велат дека нема, но ако излеземе ќе ги видиме зелените површини“.
Не знам дали Заев има и план В. Ама, веројатно му е јасно дека со вакви градоначалници и општо со вакви службеници, сигурно ќе ја изгуби поддршката на граѓаните што не се од СДСМ, а го поддржаа на минатите избори. А вмровците сигурно нема да ги добие.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST