МОРКОВ ЗА ЗАЕВ

Што добро може да ѝ се случи на Македонија ако остане надвор од ЕУ и од НАТО?

МОРКОВ ЗА ЗАЕВ

1 Многу е возбудлив животот во Македонија. Си легнуваме како Македонци. И сабајлето сите се будиме како илинденци. И тоа без ниту еден испукан куршум. И без црешовото топче. Дури и без пенкало в рака.

Се разбира дека најновиот предлог за целосно решение на спорот за името  – „Република Илинденска Македонија“ – уште не е официјално потврден и не знаеме дали е ставен на преговарачка маса, ама сигурно е интересно решение за џвакање јазик и во Македонија и во  Грција. Впрочем, секогаш кога ќе има некаков „креативен“ предлог се распалуваат дебати и дискусии. Па како што се лицитираше со Горна, Долна, Вардарска, Скопје, во заграда, без заграда, со цртичка, пред Република, по Република, сега ќе си правиме јазични симулации на тема Илинден. Те како ќе се вика јазикот, те како ќе се преведува името на англиски јазик, те како ќе се викала нацијата, те како Грците ќе нѐ викаат, те за колку време ќе мораме да ги менуваме пасошите за да можеме без ливчиња да одиме на одмор во Грција, те химната дали ќе се менува, те дали пак за нови регистарските таблички ќе треба да плаќаме… Ехее, теми за дискусија едно чудо.

Дебатите толку ќе се вжештат,  што мислење ќе имаат сите. Од тие што уште 1995 година сфатиле дека Македонија преговара за промена на името, па до оние чија позиција е дека за името не смее да се преговaра. Дури и оние што веќе испреговарале нови имиња и нови држајванства, па од далеку ни кажуваат нам, што уште издржуваме само со македонски пасоши, како се чува идентитетот, а богами и достоинството, имаат да кажат зошто се против новата креатива.

А всушност, секогаш кога ќе се појави некој интересен предлог, дури и тврдокорните омекнуваат. На Грците не им успеа со ембарго, не им успеа со блокади на границите, со визи, со лепенки на колите, со кршење на шофершајбни по плажите, со паѓање на компјутерите на граница баш во шпицот за одмори, со поднесување жалби секаде каде што сме претставени со уставното име… Кој да помисли дека на креативност ќе нѐ фатат.

И кога ќе стивнe страста за дискусија, почнува да ти тече студена пот. Оти ќе се сетиме на главното прашање – Што ако и овој пат не успееме да најдеме решение? И останеме сами, ни во НАТО, ни во ЕУ?

2 Премиерот Заев рече дека „ако, не дај Боже, не се постигне решение, тоа нема да доведе до дестабилизација на земјава. Ние градиме и ќе градиме пријателствa“.

Па, не сум баш сигурен дека нема да има дестабилизација. За нас што останавме тука и немаме резервна татковина, најголема дестабилизација ќе биде ако ни се врати тоа што го имавме 11 години. Не мора во ликот на Груевски. Се покажа дека Македонија има капацитет да создаде и успешно да негува режим.

Па и премиерката на Велика Британија Тереза Меј не дојде во Скопје на неколкучасовна посета по самитот на ЕУ во Софија, за да на Македонија ѝ го отстапи местото што Велика Британија ќе  го ослободи со излегувањето од ЕУ. И за името не изгледаше многу заинтересирана. Си кажа отворено зошто е дојдена: „Важно е сите да се здружиме во справувањето и спротивставувањето на надворешните влијанија на Русија во овие земји“. Појасно – здравје.

И покрај целиот оптимизам на Заев дека сѐ ќе биде добро, и покрај сите пофалби и поддршка од клучните играчи во ЕУ и НАТО, и покрај насмевката на грчкиот премиер Алексис Ципрас, сепак се прашувам: Што добро може да ѝ се случи на Македонија ако остане надвор од ЕУ и од НАТО?

3 Анџак ќе ја решиме работава со Илинденска Македонија, на патот кон ЕУ и НАТО ќе мора да го истрпиме и Амди Бајрам во Владата. Додуша, азилатните што тој ги носеше со сомнителните агенции од Шутка веќе се во ЕУ и во НАТО, па може затоа и Заев реши да си ја зајакнува власта со проширување на коалицијата и со партијата на Амди Бајрам.

Ај што го чувме во бомбите како ги вадел списоците на умрените гласачи во Шутка и на нивно место носел лажни гласачи да гласаат за ВМРО-ДППМНЕ, туку уште ги гледаме и видеата од изборната кампања за изборите на 11 декември 2016. Ај што на Заев му покажува морков и му вика дека со „овој морков ќе го фатам Зајко Кокорајко“, туку потоа на протестите на ВМРО-ДПМНЕ пред  ДИК викаше „многу брзо ќе му дојде погребот“. На шарените револуционери кои му даваа поддршка на Заев да истрае со бомбите во борбата против режимот чиј претставник беше и самиот Амди, им покажуваше среден прст и им викаше „Умрете, умрете!“

Добро де, знаеме дека политиката е курва. И Заев тоа го знае. Како што знае повеќе од нас, оти не ни ги пушти сите бомби,  каков борец за правата на Ромите е новиот коалиционен партнер Амди Бајрам. И како Ромите се интегрираат во демократско општество со методот „еден по еден сите за уши ќе ги влечеме“.

Ама кога веќе Заев решил да се курва со Амди Бајрам, да го замолам ако може да се воздржи, и на следните избори да не го зема со себе и да не му дава да зборува на митинзи. Уште ми се гади од сцената кога Амди во бунда раскажува божем смешки, а Никола Груевски, Сашо Мијалков, Трајко Вељаноски, Влатко Ѓорчев, Елизабета Канческа-Милевска, Антонијо Милошоски и други видни вмровци се церекаат на гадотиите што тој ги кажува. Таква сцена, овој пат со ликови од СДСМ што се церекаат, тешко ќе се издржи во „Илинденска Македонија“.

А Заев што го лапна морковот, го лапна.

4 И малку ни беше историска неделава што изминува, за идната недела, барем засега, се најавени уште најмалку два историски настани. В понеделник на 21 мај ќе има прва пресуда за случајот „Поткуп“ во кој е обвинет сегашниот премиер Зоран Заев.  А в среда 23 мај ќе падне и првата пресуда од многуте случаи на СЈО за поранешниот премиер Никола Груевски за мерцедесот од 600.000 евра.

Првата од многуте пресуди кои следат за Груевски се совпаѓа баш со Денот на Власите 23 Мај. Историјата ли сакала, судбината ли сакала, ама ако е точно дека со име „Илинденска Македонија“ ќе влеземе во ЕУ и во НАТО, пак нека каже некој дека Власите се циции.

 

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира