Грчкиот премиер Алексис Ципрас вели дека во преговорите за спорот за името што се водат во Њујорк не одат да го дадат името Македонија, како што тврдат некои, туку да земат назад нешто што е дадено пред 70 години. Ципрас оваа изјава ја даде во Солун, по средбата со солунскиот градоначалник Јанис Бутарис.
„Се наоѓаме во преговори, кои што се чувствителни, критични, направени се чекори напред. Ние одиме напред бранејќи една национална позиција и кога веќе се наоѓам во Солун, во Македонија, сакам да кажам, затоа што слушам некои што велат не го давајте името. Ние тука се стремиме да добиеме нешто назад, а не да дадеме нешто. Да земеме нешто што веќе 70 години е дадено, од други, не од нас“, рече Ципрас.
Тој кажа дека соседната земја и во рамки на Југославија и по распаѓањето на оваа држава го користи името Македонија и тоа без никаква друга одредница. Грчкиот премиер смета дека името без одредница упатува на античкиот грчки свет и на големото културно наследство на грчка Македонија, и додаде дека во преговорите Атина се стреми ова да го добие назад, нешто што според него не е лесно.
„Тоа е оксиморонот, имаат државен ентитет што 70 години се вика Македонија, а немаат никаква врска со Александар Велики и со овој историски тек. Имаат словенски и албански корени и го признаваат тоа. Што значи ако добиеме одредница пред името Македонија е голема победа и уште поголема да се договориме дека едно е нашата Македонија што доаѓа со долгата традиција на грчкиот антички свет, а друго е нивната традиција и нивниот културен знак“, рече Ципрас.
Тој потенцираше дека Грција ниту ја игнорира, ниту пак смета дека не постои нашата традиција или културно наследство, но дека тоа се две различни работи. Според него, време е двете земји да постојат заедно, да соработуваат и да живеат во мир во корист на целиот регион.