1 Фино претседателот си береше калинки, си броеше штркови и си одеше во Азербејџан да го почитуваат, кога оп – одеднаш му се допадна да биде важен. Му стана интересно секои три недели да се појавува со повраќање до јавноста, кое од Кабинетот го најавуваат како обраќање до јавноста.
На полувремињата на фудбалите на Европското првенство во Франција се појавува маскотата Виктор. Кај нас пред некој ден на полувремето на фудбалот меѓу Португалија и Унгарија драматично се појави Ѓорге. Виктор се појавува како забава за публиката. А Ѓорге се јавува како закана за публиката.
Претседателот рече дека имал само две опции. Или да ја ангажира Армијата или да наметне нови правила на игра. Новите правила на игра се помилување на 56 политичари и нивни соработници осомничени или под истрага за криминал. Земја што има претседател со ваква логика треба да плаче за својата иднина.
2 Знае ли Иванов што значи кога ќе се извади војска на улица? Како се вика таа состојба? Зошто воопшто би ја вадел војската? Против кого да се бори? Против својот народ? Против чаталот и Здравко Савевски? Против Уранија Пировска и Мирјана Најчевска? Против студентот Борјан? Против возачот на комбето со чаталот? Едни насилни ликови, што да ти кажам. Или против оние што играат мајтап со градоначалникот на Битола, па малку им се 27 кривични пријави, па уште и војска ќе им праќа да ги собере разлетаните пари „владимирки“? Што треба да прави војската? Да го елиминира непријателот што со платно на кое се испишани политички пораки сака да му го зафркне роденденот на ВМРО-ДПМНЕ и да ја преземе славата од славеничкиот говор на Никола Груевски? Оти платното е поголема закана од заканите што ги изрече Груевски во говорот. Или војската ќе поведе жестока офанзива со сите оружја против Катица и Фатиме оти му ги вознемируваат тие што го донесоа на власт.
Па уште, лут, па неразбран, па навреден, па љубоморен… На другите претседатели им правеле атентати, гинеле по авионски несреќи и никому ништо, а за него – најдобриот од сите до сега му гласале недоверба во Собранието. Зошто? За една обична аболиција на политичка елита осомничена за тежок криминал. Е па стварно нема правда, нема мир. И сега ќе видите вие. Не само странски служби, не комбиња што шетале, не терористички групи, не само мигранти што ќе ја преплавеле Македонија, не туѓи наметнати игри, не меѓумакедонски судир, не крвопролевања по улиците, криминални мрежи, море закани за атентат… туку на Врховниот командант му текна и на војската. На истата војска, која под негова команда спиеше на земја и јадеше конзерви од месен нарезак бранејќи ја границата на Европа од тие опасни мигранти, што на Ѓорге му беа изговор за неговото херојско дело.
И во МВР отиде да му се заблагодари на министерот Митко Чавков. Дека успеал да ја сочува зградата на ВМРО-ДПМНЕ од боење. Оти државата може да падне, ама ВМРО-ДПМНЕ не смее. Што мислите, ако за боење на Министерството за правда, Собранието, Триумфалната порта, општина Битола, судовите и зградата на Владата се добива притвор, како ли ќе го казнат тој што ќе се осмели да фрли боја врз зградата на ВМРО? Ќе му пресудат по куса постапка. Ќе го обесат среде плоштад за мадето на Букефал.
3 Иванов ги повика партнерите да не ја користат состојбата за остварување свои интереси. Кои партнери? Оние што ги седнаа закрвените политички лидери на заедничка маса во Пржино? Оние што се обидуваат да ја решат најтешката политичка криза во Македонија и чии што напори истиот тој претседател ги минира на секој чекор, меѓу другото и со аболицијата.
На кого му се лути Иванов? На Америка и на ЕУ? На НАТО? Цело време се крие зад некои сили, некои центри на моќ, некои странски служби… Гатачката на поранешниот премиер е поконкретна во именувањето на непријателите. Зошто отворено не каже дека тој смета оти САД и ЕУ ни се непријатели, нека ги избрка амбасадорите и „ајт со здравје“, што би рекла Гоца. И војниците од НАТО операциите во Авганистан и Босна може да ги повлече. Ќе му требаат тука за одбрана од НАТО. Ионака сме си богати, растат пензиите, имаме вртоглав несопирлив раст, растат инвестициите, први по ова, втори по она, четврти по нешто друго, дуинг бизнис, лидери во сè и сешто… еве сега и финален удар на невработеноста ќе ѝ се зададе
Не за џабе илјадници мигранти сакале да ја преплават територијата на државата. Доаѓаат од земјите кај што поминал Александар, се враќаат од кај што тргнал. Баш кај нас ќе останеа. Во ветената земја, што е остров на надеж во светот што тоне.
4 Што им значи на СДСМ тоа времено замрзнување на активностите во Собранието? Не го напуштаат ама нема да работат. И ај, можеби тоа може да се разбере како притисок врз Уставниот суд за да се изјасни побрзо за иницијативата за уставноста на СЈО. Ама, од каде сега Заев одеднаш пак почна да зборува за избори во ноември? Нели до вчера мантрата беше исполнување на условите за нормални избори, па датум. Со избирачкиот список што направија? Со одвојувањето на партијата од државата што направија? Со реформата во медиумите што направија?
Решија нешто, а не ни кажуваат? Или сите брзаат да не ги поклопи некоја трета опција. Се исплашија луѓето да не видат дека помеѓу црното и белото имало и други бои.
5 Цела недела сите го бранат градоначалникот на Битола Владимир Талески. Бил многу фин и чесен. Од бившиот премиер, преку министерката за култура, преку градоначалникот на Скопје и другите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, па сè до жените пред супермаркетот во близина на неговата зграда.
Само Зоран Ставрески не излезе да го брани Талески. Го чувме како министер за финансии дека не само што го нарекува „корумипрано копиле“ и „коруптивен до даска“, туку и детално ја објаснува шемата на кражбата што сега ја истражува СЈО. Затоа само Ставрески не го брани Талевски. Доволно го одбрани уште додека можеше да го брани.
6 Британија на референдум гласаше за излез од ЕУ. И кој најде да фаќа сеир? Гордана Јанкулоска – британска стипендистка, која што магистрирала во Англија.
Дел од кампањата на тие што беа за излез од ЕУ беше и реклама во која што британските граѓани ги плашеа дека во ЕУ треба да влезат Македонија, Албанија и Косово. Тоа што Британците се плашат од Македонија во голема мерка е заслуга и на нивната стипендистка што беше министер за внатрешни работи.
7 Отварам вести да проверам да не се случила уште некоја драма освен излегувањето на Британија од ЕУ, падот на фунтата и нашава секојдневна трагедија, и гледам – премиерот Емил Димитриев отвори градинка во Петровец. Градинката се вика „Авионче“.
Секој со својата агенда. И со своите приоритети.
СЛУШАЈ ТУКА – PODCSAT