ВИЕНА-БУДИМПЕШТА

Или Мицкоски на знае што се Нирнбершки процеси и кому и за што му се судело, или и тој и партијата сметаат дека на националсоцијалистите на Хитлер за злосторствата во Втората светска војна им било судено во политички монтиран процес.

ВИЕНА-БУДИМПЕШТА

1 211 години затвор добија 16 обвинети за нападот на Собранието на 27 април 2017. Најмногу доби Митко Чавков, тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност.

Расветлен е само еден дел од организираниот напад на Собранието и обидот за пуч. Казнети се извршителите. Целата слика ќе ја добиеме дури кога ќе ќе бидат осудени организаторите. Дури ни тогаш нема да дознаеме што ќе се случеше ако успееше обидот за пуч. Ама, ако бидат казнети и организаторите, можеби ќе бидеме раат дека такво нешто веќе никогаш нема да се повтори.

Тој што на 27 април 2017 беше во Виена, сега е во Будимпешта.  Седи во папучи и пишува мудрости на Фејсбук.

2 Оној, почесниот претседател од Будимпешта, ја смисли фразата „политички прогон“, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и неговите сопартијци упорно повторуваат дека судењето за обидот за пуч и убиства на пратеници на 27 април било „политички прогон“. Каков политички прогон, бре? Не беше тоа обична гужва пред Собрание. Насилниците беа влезени да убиваат пратеници и новинари. Директен пренос се вршеше од нападот. На телевизија гледавме раскрвавени глави. Мислеа дека Села е убиен и го влечеа како мрша. Чекаа да скокнат Албанците да се одмаздуваат. Уште чекаме да се расветли улогата на претседателот Ѓорѓе Иванов, за кого дел од осудените рекоа дека им било речено оти ќе прогласи воена состојба.

Па во тој занес од мантрање „политички прогон“, па „политички прогон“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски го спореди судењето на обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 со историското судење на нацистите по завршувањето на Втората светска војна, познато како Нирнбершки процес. Во интервју за вестите на ТВ Сител, зборувајќи за притворот на Митко Чавков, тој рече дека „изрекувањето на пресудите ќе биде Нирнбершки процес за првпат запаметен во поновата историја на Република Македонија“.

Нирнбершки процес (или Нирнбершки судења) е називот за последователните судења на истакнати членови на политичкото, военото и економското водство на Третиот рајх. Судењата биле одржани во Нирнберг, Германија, од 1945 до 1949. Првото и најпознатото од овие судења е Судењето на главните воени злосторници на меѓународниот воен трибунал, коешто судело 24 лица од најважните заробени водачи во нацистичка Германија.

Прво реагираше САД за несоодветната споредба на Мицкоски. А потоа се јави и Германија. „Споредбата на постапките на правосудните служби на Северна Македонија со Нирнбершките процеси е несоодветна. Со тоа се минимизираат делата на наци-злосторниците“, соопшти амбасадата на Германија во Скопје.

Мицкоски не се извини за таа несреќна споредба. Што да каже човек? Или тој на знае што се Нирнбершки процеси и кому и за што му се судело, или и тој и партијата сметаат дека на националсоцијалистите на Хитлер за злосторствата во Втората светска војна им било судено во политички монтиран процес. Или Мицкоски има дупка во образованието, па ги спореди своите сопартијци со националсоцијалистите, или навистина ги жали фашистите оти ги суделе во Нирнберг.

Или е премногу суетен за да признае грешка.

3 Несреќата на автобусот што се преврте кај Ласкарци на 13 февруари е слика за функционирањето на државата. Типичен македонски случај. Не само поради мешаниот национален состав на жртвите. Туку и поради импровизациите и криминалот што ги откри истрагата на Обвинителството.

Во два наврати, и во јули и во декември лани, на технички преглед било утврдено дека кочниците не се во ред, ама автобусот бил пуштен во редовен сообраќај.  Кај што фалсификувале извештај од технички преглед, туку го лажирале и мерењето на тахографот. Вградиле уред со кој се лажира реалната брзина. Што е најстрашно, кога излегоа првите наоди од истрагата, коментарите беа дека таа финта со тахографите ја прават сите.

И тоа е типично македонско однесување. Сите знаат, ама никој ништо не презема. Ај, нема смисла. Ај да не му земаме од печалот. Ај па ти сега, не се се буни. Ај побрзо да стигнеме.

И така, секое чудо за три дена.

Почнува сезоната на школски екскурзии. И нашата редакција се обрати до Министерството за образование и до Државниот просветен инспекторат со прашање: Дали ќе прогласите мораториум на сите школски екскурзии, откако истрагата за несреќата кај Ласкарци откри криминални практики на превозникот и дали ќе побарате од МВР да нареди вонреден технички преглед за да се испита исправноста на автобусите на сите компании што изведуваат школски превоз и превоз на ученици на екскурзиите?

Одговор чекаме.

И ако веќе власта не се секира за учениците, тогаш нека се насекираат за партиските членови. Оти, тие се најважни. Почнува претседателската кампања. Ќе треба со тие автобуси да си ја развезуваат партиската публика по митинзи.

4 Премиерот Зоран Заев рече дека рејтингот му паѓал поради името и поради непотизмот.

Да не го решеше името, рејтингот уште повеќе ќе му паѓаше. И непотизмот не го оштетува толку ако функционира државата. Ама, на Заев рејтингот му паѓа затоа што е општ распад на системот. Од локално до највисоко државно ниво. Оти има закони, ама никој нема капацитет да ги спроведува. А нема ни намера. Оти никој за ништо нема надлежност.

Цела земја е една голема депонија. И цела земја е еден голем палеж. Чади од сите страни. Од центарот на Скопје, преку Шар планина до Охрид и Преспа. Во Охрид се забележани рекордни 71 пожар на отворено за само три месеци. Стрништа покрај аеродромската писта палат. А никој не е ниту фатен, ниту казнет за палењето. Малку беше што ја изгореа трската во Струшко, па ја запалија трската и во Преспа. Видоа дека никој не е казнет, па зошто и Преспанци да не си направат парапетче околу Езерото. На Матка уште бараат правен начин да ги легализираат дивоградбите. Малку беше што тротоарите се окупирани од коли и зелените површини од кафеанските пушачки доградби, па сега се паркираат и по пешачки зони и во паркови.

Тоа е квалитет на живот. Не е името.

И како сето тоа го гледаме ние, а не го гледаат ни инспектори, ни полиција, ни градоначалници, ни министри, ни пратеници? Па ни премиерот.  Или го гледаат, ама не им пречи. А како не им пречи?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира