ДА СЕ СТАВИ ЗДРАВЈЕТО НА БЕБИЊАТА ПРЕД СÈ, ПОБАРАА МАЈКИТЕ ОД БИТОЛА НА ПРОТЕСТОТ ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ПОРОДИЛНОТО ОТСУСТВО

    ДА СЕ СТАВИ ЗДРАВЈЕТО НА БЕБИЊАТА ПРЕД СÈ, ПОБАРАА МАЈКИТЕ ОД БИТОЛА НА ПРОТЕСТОТ ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ПОРОДИЛНОТО ОТСУСТВОНа протестот мајките реагираа дека немаат доволно време до 23 септември, кога треба да се вратат на работа, да ги запишат децата во градинка, а проблем има и со тоа што децата родени со мала родилна тежина не ги примиле сите вакцини. (Фото: СДК.МК)

    Има бебиња со мала родилна тежина кои не ги примиле потребните вакцини согласно возраста, а сега ќе треба да ги пуштиме во градинка во услови кога демне пандемија со ковид-19, реагираа дел од родителите кои денес излегоа на протест во Битола по владината одлука да прекине продолженото породилно отсуство и и да се вратат на работа од 23 септември.

    „Бебињата треба да достигнат одредена тежина за да примат вакцина. За прием во градинка ни бараат листа пополнета со примени вакцини. Моето дете е една година и ги нема примено потребните вакцини. Со глед на тоа дека првата вакцина ја одложивме, потоа требаше да се боцне во јануари кога имаше сезонски вирус, па одложија за март и тогаш започна пандемијата со ковид-19. Ја немаме потребната тежина за да ја прими вакцината ММР (сипаница, заушки, рубеола), има само седум и пол килограми, а мора да ја има примено за да оди во градинка“, вели мајка од Битола.

    Родителите реагираа дека прво беше кажано оти породилното отсуство ќе им биде продолжено до крајот на годината, а сега дека на 23 септември ќе мора да се вратат на работа. За толку краток период немаат време да ги запишат децата во градинка.  Предлогот породилното да се продолжи до 31 декември беше на Комисијата за заразни болести, но Владата не го прифати.

    „Протоколот за упис на дете во градинка е од седум до десет дена. Тоа значи, еден позитивен брис на било каква бактерија, детето нема да го примат во градинка и ќе треба да прима дополнителна терапија. Па повторно да се земе брис, па пак резултати. Тоа значи дека автоматски ние сме еден месец загалавени дома, а работодавецот тоа нема да го трпи. Во меѓувреме, доста мајки дадоа откази“, вели Бранка Тумановска, родител на 13-месечно бебе и на дете од 5,5 години.

    Мајките побараа да се промени одлуката за нивно враќање на работа и да не се изложуваат на ризици бебињата кои уште не го стекнале потребниот имунитет. Повеќето од нив имаат бебиња на возраст од околу една година.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира