Сопствениците на земјиштето на просторот кај хотелот „Холидеј ин“ во најстрогиот центар на Скопје наскоро ќе почнат со градење на три згради со катност од 15, 20 и 25 ката. Инвеститорите, фирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква преку фирмата „Обновители“, уплатиле комуналии во висина од 150 милиони денари или 2,43 милиони евра и тоа 60 отсто на Град Скопје (1,4 милиони евра) и 40 отсто на Општина Центар (1 милиони евра). Претходно, Општина Центар им го одобри идејниот проект за објектите. Со тоа, сега останува уште инвеститорите да поднесат барање за добивање градежна дозвола и потоа слободно можат да градат на овој последен слободен простор во центарот на Скопје, што е на околу 200 метри од Собранието.
Инвесторите ќе немаат никакви пречки да добијат градежна дозвола бидејќи веќе на сила не е мораториумот, и тие барањето ќе го достават врз основа на стариот Детален урбанистички план (ДУП), кој дозволува на овој простор да се градат 60-катници.
„Според идејниот проект на инвеститорите, се предвидува искористеност од 83.000 квадратни метри, што е помалку од она што го предвиува ДУП-от, а тоа е 200.000 метри квадратни. Решението е за три згради со деловни објекти, првата на 15 ката, втората на 20 и третата на 25. Сите овие параметри се помали од она што го дозволува стариот план и затоа немаме правна можност да не им издадеме дозвола за градење. Веќе на сила не е мораториумот, Законот за урбанистичко планирање вели дека планот се применува сè додека не се донесе нов. Со тоа, инвеститорот кој е споственик на земјиштето има основи да бара градежна дозвола, а ние мораме да ја дадеме“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
Инвеститортите „МГ Фешн“ и Македонската православна црква ќе градат на просторот кај паркингот и делот кон кејот на реката Вардар. Со тоа нема да се реализира идејата на Општина Центар просторот да биде отворен, во средина да има плоштад околу кој ќе бидат зградите без да се затвора делот кон реката Вардар, односно таму да нема згради.
На нашето прашање дали се чувствува поразен што Општината е на чекор да даде градежна дозвола и што не успеа во намерата овој план да се поправи, Богдановиќ вели дека генерално биле задржани одредбите за кои тие се залагале и сакале да ги вметнат во новиот план.
„Не се чувствувам поразен туку напротив, продолжуваме со работа. И покрај тоа што имавме решенија за суспензија на нашата одлука за мораториум ние донесовме два нови ДУП-ви, така што ќе продолжиме и со останатите планови. За жал, поради одлуката на Уставен суд ќе мораме негде да постапуваме по старите планови, но ќе се трудиме максимално да ги втемелиме заложбите за кои се боревме. И за овој простор генерално се задржани одредбите за кои се залагаме. Многу работи се намалени и скратени од она што го предвидува стариот план. За жал, не успеавме да ја промениме поставеноста на зградите, тоа можевме само со нов план ама имавме проблем бидејќи планерот не постапуваше, го раскинавме договорот и сега ќе бараме нов планер“, вели Богдановиќ.
Планот кај „Холидеј ин“ е поделен на три градежни парцели и сега ќе се гради само на едната парцела. Стариот план предвидува искористеност за градба по 200.000 квадратни метри и на другите две парцели. На овие парцели сè уште има повеќе приватни сопственици, парчиња државно земјиште и нема поднесено барање за градење. Богдановиќ се надева дека наскоро ќе изберат друга фирма планер и ќе продолжат со измени на планот за останатиот простор.
Сопствениците на просторот кај „Холидеј ин“, фирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква преку фирмата „Обновители“, најпрво располагаа со површина од 4.605 метри квадртани кои ги купија од физички лица и со тоа се стекнаа со 30 проценти од градежната парцела. Потоа во 2018, кога на сила беше мораториумот за градба, од Министерството за транспорт и врски кога министер беше Горан Сугерески од СДСМ, го купуваат државното земјиште на овој простор со површина од 9.048 метри квадратни метри по цена од 312 евра за квадрат. Со тоа му се даде можност на инвеститорот да поседува поголем дел од просторот и наместо тоа да биде државно земјиште со кое Општината можеше да прави што сака, сега е приватно и на него ќе се градат три згради.
А. АНТЕВСКА