Тетово и понатаму е со висока бројка на заразени со КОВИД-19, констатира денеска Општинскиот кризен штаб, но охрабрува податокот дека изминатите 24 часа не се регистрирани новозаболени лица. Досега во Тетово се дијагностицирани 176 лица, излечени се 80, а 16 починале. Од Кризниот штаб апелираат и понатаму строго да се почитуваат мерките.
„Податоците покажуваат дека нови случаи на инфекција со КОВИД-19 главно потекнуваат од контакт со заразени лица, така што уште еднаш ги повикуваме граѓаните да бидат внимателни и одговорни, да одржуваат физичката дистанца и да носат заштитни маски. Многу е важно да се намалат посетите дома или задржувањето во затворено со повеќе луѓе подолг временски период, бидејќи овој начин е идентификуван како најопасен за ширење на вирусот. Вчера беа извршени тестови на 21 лице, од кои 18 се контролни тестови и 3 на граѓани кои имаа контакти со заразени лица и за среќа сите беа негативни“, изјави градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи.
Таа најави дека е започнат процесот за тестирање на вработените во градинките, како подготовка за нивно отворање. Паралелно со ова, општинските служби започнале и со надворешна и внатрешна дезинфекција на градинките.
„Мерката на Владата за забрана на јавниот превоз останува и понатаму на сила, бидејќи сѐ уште нема одговор на нашето барање за нејзино укинување. Барањето е пратено на 13 мај, па очекуваме деновиве забраната конечно да се укине“, рече градоначалничката Арифи.
Според последните податоци, најмногу заразени лица има во Општина Тетово 84 (починати 6) и во Општина Боговиње 47 (починати 6). Во другите општини од Тетовскиот Регион бројот на заразените е далеку помал.
З. АНДОНОВ