Ќе бидат потребни шест децении за нивоата на приходите во земјите од Западен Балкан да ги достигнат оние на Европската Унија, соопшти денес Светска банка. Според извештајот за Западен Балкан на Светска банка, објавен денес во Виена, ова ќе се случи ако економиите во регионот продолжат да растат со просечна брзина постигната помеѓу 1995 и 2015 година.
Овој извештај разгледува како Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија може да го забрзаат економскиот раст и да постигнат побрза конвергенција на приходите со ЕУ.
„Во изминатите години, земјите од Западен Балкан направија напори во реформи на јавните финансии и поттикнување на економскиот раст, но можеби граѓаните се уште не ги почувствувале бенефитите од овој прогрес. Фокусот на структурни реформи може да го забрза економскиот раст и да ги зајакне приходите, така што нивото на приходи ќе го достигне она на Европската Унија“, рече Линда Ван Гелдер, директор за Западен Балкан при Светска банка.
Реформите и макроекономската стабилност, кои ќе овозможат просечно ниво на раст од пет проценти годишно, би им овозможиле на земијте од Западен Балкан да конвергираат кон ЕУ за само две децении, место за шест, се вели во извештајот.
Просечниот раст во регионот од 5-6 проценти на годишно ниво во годините пред 2008 беше побрз од оној во Европа и светот. Според извешајот, растот се преполови по глобалната финансиска криза.
„Растот кој го гледаме во регионот во годините пред глобалната финансиска криза е доказ за севкупниот економски потенцијал на Западен Балкан. Сега клучно е да се даде приоритет на политиките кои ќе ги поттикнат инвестициите во приватниот сектор, ќе помогнат во продлабочување на регионалната интеграција и ќе создаваат работни места“, рече Харалд Ваиглеин, генерален директор на одделот за економски политики, финасиски пазари и царини при Министерството за финансии на Австрија.
Зголемување на извозот, инвестициите и вработувањето се приорити за владите, а посилна регионална интеграција може да помогне во зголемување на извозот, кој треба да биде двојно поголем. Приватните инвестиции во земјите каде јавниот сектор е се уште главен двигател на економијата, ќе треба да се зголемат. Ниското и споро растечко ниво на продуктивноста во Западен Балкан повикува на подобрувања во бизнис средината која може да привлече приватни инвестиции и поттикне раст на претпријатијата.
„Стапката на невработеност во регионот е скоро два пати повисока од онаа во малите економии кои сега се дел од ЕУ. Со половина од работоспособно население во регионот кое бара работа и четвртина од оние кои бараат работа и не ја наоѓаат, потребата од зголемување на партиципацијата на пазарот на труд во регионот останува клучна. Toa може да се направи со решавање на дестимулациите за работа, а истовремено отстранување на бариерите до вработување, со кои се соочуваат постарите работници, млади, жени и малцинства“, стои во извештајот на Светска банка.