Истрагата за крвавиот организиран напад и за упадот во Собранието како највисока институција во државата треба да е комплетна, а не да се водат парцијални истраги од обвинителството, вели академик Владо Камбовски и додава дека таа истрага треба да доведе до наредбодавачите.
„Ако има индиции дека зад настаните стои организирана група, случајот мора да се истражи до крај, а не да се оди вака на делови. Ако се вовлечени највисоки структури на МВР, на АРМ и на военото разузнавање, на специјалните единици на МВР, вработени во УБК, но и пратеници, има индиции дека станува збор за организиран напад. Ако се утврди умисла за ова, треба посеопфатна истрага од обвинителството, која ќе доведе до најодговорните и до наредбодавачите. Мора секоја индиција да се испита и ако наодите водат до организиран напад на Собранието и на дел од пратенците, треба да се оформи тим од јавни обвинители кои ќе поведат комплексна истрага за овие тешки кривични дела“, вели академик Камбовски за САКАМДАКАЖАМ.МК.
На прашање што ако не се случи тоа и ако истрагата остане во Скопското обвинителство, кое покренува истраги и против насилниците поднесува обвиненија само за учество во толпа, Камбовски вели дека обвинителите се обврзани со начелото на законитост да го гонат секое кривично дело по службена должност. Тоа се учи во втора година на Правниот факултет, вели тој.
„Делото е многу сериозно, не е обичен настан. Се влегло во најважната институција во Република Македонија. Нападот на Собранието е настан со многу голем број учесници, бара комплексна истрага“, истакнува Камбовски.
Тој смета дека ако не можат или не сакаат да се формира тим кој ќе го расветли целиот напад на Собранието со една комплетна истрага, челните луѓе на обвинителството треба да си поднесат оставка и на нивно место да дојдат други обвинители кои ќе ја извршат својата законска должност. Вака, вели Камбовски, и Јавниот обвинител на РМ и тој на Скопското обвинителство ризикуваат во некоја блиска иднина кривично да одговараат за злоупотреба на службената положба и овластувањата.
Камбовски посебно се осврнува на соучесништвото на седумтемина пратеници: Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Илија Димовски, Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ и Љупчо Димовски од Социјалистичка партија, кои, според снимките од собраниските безбедносни камери, заедно со вработени во МВР и собраниското обезбедување ја координирале акцијата за отворање на вратите од Собранието и пуштање на толпата внатре да ги нападне пратениците од мнозинството.
„Обвинителите се должни само врз основа на снимките од собраниските безбедносни камери, веднаш да отворат кривична постапка против седумтемина пратеници“, вели Камбовски.
Но, ниту еден од нив, ни Мукоски, Арнаудов, Василевски, Димовски, Тарчуловски, Пешевска, а ни Љупчо Димовски, не е под истрага на Јавното обвинителство на Марко Зврлевски, иако и тој ги има истите снимки.
Не само што не отвори истрага против овие седум соучесници на насилниците, туку завчера Обвинителството на Зврлевски ослободи припадник на МВР кој сакал да му го одземе пиштолот на колегата што бил обезбедување на пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ, иако за него МВР обезбедило видеоснимки и направен е фото албум.
Во вторникот во Основниот суд Скопје 1, едно такво делче од истрага експресно заврши со среќен крај за деветмина од насилниците, кои скопскиот обвинител Александар Марковски претходно ги беше обвинил само за учество во толпа.
Судијката Милка Ангеловска-Васевска ги осуди само со условни казни. Иако на некои од пратениците конците од главите сѐ уште не им се извадени, овие насилници излегоа победоносно пред судот да ги слават условните казни, а нивните првирзеници од таканаречените „тврдокорни граѓански здрженија“ ги пречекаа како херои.
С. К. ДЕЛЕВСКА