ЛЕКАРИТЕ НАВРЕДЕНИ ОТИ БУЈАР ОСМАНИ ПОБАРАЛ ВЛАДИНА КОМИСИЈА ДА ГО ИСПИТА ЛЕКУВАЊЕТО ВО ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА И ВО „8 СЕПТЕМВРИ“

    ЛЕКАРИТЕ НАВРЕДЕНИ ОТИ БУЈАР ОСМАНИ ПОБАРАЛ ВЛАДИНА КОМИСИЈА ДА ГО ИСПИТА ЛЕКУВАЊЕТО ВО ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА И ВО „8 СЕПТЕМВРИ“„Кога можеше Бујар како хирург да шета и да прави инспекции на двојазичните табли, тогаш нека повели како политичар да пропишува протоколи по кои ќе лекуваме инфективни болести“, револтирано реагирале лекарите на состанокот меѓу Кризниот штаб на Владата и Комисијата за заразни болести. - Екипа на Брза помош носи пациент во ургентниот центар на „8 Септември“ - (Фото: Ѓ. Личовски)

    Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи побарал Владата да формира посебна комисија за да го испита работењето на Инфективната клиника и на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, оти како што кажал, „многу луѓе умирале“, дознава САКАМДАКАЖАМ од владини извори кои биле присутни на состанокот што вчера преку конференциска врска се одржувал меѓу Кризниот штаб на Владата и Комисијата за заразни болести.

    Министерот за здравство Венко Филипче, кој на состанокот седел од страната на колегите лекари, бурно изреагирал на овој предлог на Османи, бидејќи сите лекари што се членови на Комисијата за заразни болести биле исклучително навредени.

    „Лесно е да се соли памет кога се седи во фотелја далеку од ризикот за зараза со коронавирус“, раскажуваат изворите на САКАМДАКАЖАМ.МК за реакцијата на лекарите.

    Членовите на Комисијата што се лекари-специјалисти од различни области навредата ја сфатиле лично, затоа што Бујар Османи е по професија дигестивен хирург и нивен колега.

    „Ако е толкав експерт да ја испитува нашата работа, тогаш нека биде тој шеф на Комисијата и секој ден нека доаѓа во Инфективната клиника и во ‘8 Септември’, па на терен стручно нека ги оценува инфектолозите, анестезиолозите и интернистите што веќе четврти месец немаат видено бел ден од напливот на пациенти заразени со КОВИД-19, си го ризикуваат животот, преморени се и не си ги виделе семејствата, додека тој се слика по прес-конференции“, реагирале лекарите.

    Присутни на седницата од страната каде што седеле премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерките Радмила Шеќеринска и Мила Царовска, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и други политичари, сведочат за САКАМДАКАЖАМ.МК дека вицепремиерот Османи се обидел да им објасни оти протоколите за лекување во „8 Септември“ и Инфективната клиника биле различни, па можеби затоа и имало толку смртни случаи.

    На тоа, колегите лекари видно револтирани искоментирале: „Кога можеше Бујар како хирург да шета и да прави инспекции на двојазичните табли, тогаш нека повели како политичар да пропишува протоколи по кои ќе лекува инфективни болести“.

    Се поставило и прашањето кој би бил член на таа комисија што ќе го испитува работењето на лекарите во Инфективната клиника и во „8 Септември“.

    „Сите инфектолози, сите анестезиолози и сите епидемиолози во државата сега се презафатени со лекување на пациенти кои секојдневно се во тешка состојба. Кого од нив да ослободиме од работа со пациенти, за да ја оценува работата на колегите што ќе останат во скафандери во одделенијата за интензивна нега?“, го прашале лекарите Османи, ако веќе тој самиот не сака да биде експертот што ќе врши инспекција на колегите во двете врвни јавни здравствени установи кои се грижат за најтешките случаи на КОВИД-19 од целата држава.

    Извори од Кризниот штаб на Владата велат дека ова не е прв пат да имаат несогласувања со Османи во врска со справувањето со коронакризата и непочитувањето на мерките за заштита, мерките за изолација и полицискиот час. Тој реагирал и зошто  постојано Чаир се споменува како пример во кој не се почитуваат мерките, на што некој од епидемиолозите од другата страна на конференциската врска изреагирал: „Затоа што не се почитуваат!“.

    „Османи тврди дека во Чаир се шири вирусот бидејќи е најгусто населена општина во Скопје, на што членови од Комисијата му одговорија дека токму затоа таму треба најмногу да се почитуваат мерките. Му беа изнесени податоци дека во општините каде граѓаните ги почитуваат мерките нема големи кластери и вирусот не се шири неконтролирано, туку има само спорадични случаи“, кажуваат извори од Кризниот штаб на Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    На вчерашната прес-конференција, на прашање дали смета дека на 5 јули може да се одржат парламентарните избори, министерот Филипче кажа дека за тоа нема пречка, ако се почитуваат пропишаните мерки за заштита од коронавирусот на Комисијата за заразни болести и Владата.

    Вонредната состјоба поради коронакризата истекува в сабота, а денеска напладне во врска со тоа ќе се обрати претседателот Стево Пендаровски.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира