НА ВЛАДАТА И ПАРТИСКИТЕ ЛИДЕРИ ИМ ПОКАЖАВ КАДЕ ИМ Е МЕСТОТО ВО ОДНОС НА СОБРАНИЕТО, ВЕЛИ ТАЛАТ ЏАФЕРИ

НА ВЛАДАТА И ПАРТИСКИТЕ ЛИДЕРИ ИМ ПОКАЖАВ КАДЕ ИМ Е МЕСТОТО ВО ОДНОС НА СОБРАНИЕТО, ВЕЛИ ТАЛАТ ЏАФЕРИАли Ахмети како лидер на ДУИ не може да ме искара. Тој е пратеник, а јас претседател на Собрание - Претседателот на Собранието Талат Џафери (Фото: Ѓ. Личовски)

Претседателот на Собранието Талат Џафери во ексклузивно интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК зборува за главните предизвици во неговата работа во изминативе 3 месеци, по изборот на функцијата на 27 април.

Претседателе Џафери, пратеникот Илија Димовски в лице ви се закани: „Ниеден закон нема да донесеш!“. Како мислите со ваква закана да поминат законите од планот 3-6-9, од кој што се и зависи на Македонија?

  • Прво, јас не се возбудувам од такви однесувања на пратениците. Оставам на нивната етика и морал и не ме погодува такво однесување лично како човек. Како институција, оставам кога ќе одат дома, пратениците сами да се премислат и да размислат што правеле во текот на денот и што одобруваат, што не. Работата на Собранието со закани не оди. Затоа што, наспроти секоја закана има соодветна постапка и процедура во смисла што работата на Собранието е пропишана со Деловникот. Деловникот дава можност да збори човекот, да си ги каже ставот и мислењето по односните прашања. И ако тоа се претвори во нешто што би се сметало како машинерија за попречување, соодветно индиректно Деловникот дава можност тоа да се прекине. И не случајно во него е пропишано во членот 90 дека говорникот може да зборува само по однос на темата и точката што е на дневен ред и по односната содржина на предметот кој се дискутира. Ако не се придржува, а двапати се опоменува, тоа подразбира дека претседателот на Собранието може на таквиот говорник да му го одземе зборот. Но после 27 април, идејата ми беше со своето однесување да не придонесам и да не давам аргументи дека јас спроведувам диктатура. Имајќи го предвид моето минато како војник, како офицер, да не подразбира никој дека јас спроведувам воена процедура во водењето на демократската институција. И затоа, сакав во оригинална атмосфера граѓаните после 27 април да го видат однесувањето на своите избраници.

    (Фото: Ѓ. Личовски)

Но, еве го однесувањето – блокада на Собранието од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и закани.

  • Затоа имаше доволно време да разберат пратениците дека тоа што се случува во Собранието е бесмислено. Има доволно време, самите граѓани без потребно влијание со пиар или со спин-системите да се влијае врз нивното размислување. Граѓаните имаа прилика оригинално да следат што се случува, без влијание од страна. Ниту од мене, ни од страна на другите пратеници.

Што ако продолжи овој филибастеринг метод за блокирање на седниците, дали ќе чувствувате одговорност како претседател на Собранието?

  • Јас најавив дека по одморите нема да биде односот онаков каков што бил, во смисла на однесувањето на пратениците. Јас оставив доволно време за граѓаните да увидат што е што, сметам дека тие тоа го увидоа, јас тоа го чувствувам и го знам врз база на следење на реакциите на граѓаните, на независните тела и експерти и комплетно на јавноста, и јас сум доволно свесен да знам дека веќе е моментот дека треба до крај да се спроведе нормата на Деловникот.

    (Фото: Ѓ. Личовски)

Досега сме навикнале на претседатели на Собрание управувани од центрите на моќ, од партиите од каде што доаѓаат. Дали во вашиот случај тој тренд е прекинат? Има критики од ДУИ за начинот на кој ги водите седниците, според едни сте строг, според други попустлив и на моменти несериозен?

 Јас се раководам од Деловникот и процедурата. А каква перцепција лична имаат било пратениците, било граѓаните, тоа е ствар на лична перцепција, јас не се оптеретувам со тоа. Мојот карактер е таков, кога по сопствено убедување ќе ценам дека некоја работа отишла во неповрат, знам дека треба на поинаков начин тоа да го решам и се ставам во улога да го решам тој случај, односно таа ситуација. Е, дали некој ќе мисли дека тоа е престрого или некој ќе мисли дека е пренеозбилно, тоа е мој начин на работа, не само овде, туку и како пратеник и како поранешен министер и офицер. Сум ја имал таа слобода во комуникацијата, одржувајќи ја неопходната дистанца.

Така ли е и со лидерот на партијата ДУИ, Али Ахмети?

  • И со лидерот  во крајна истанца, затоа што уште кога ми е соопштено дека јас ќе бидам номиниран за кандидат за претседател на Собранието, мислам дека некои работи по однос на овие прашања ги расчистивме уште тогаш. Зошто? Јас сум долго време во органите на партијата, од основањето , па досега во континуитет сум бил член на претседателството, на извршниот одбор на партијата, и меѓу себе доста добро се познаваме во смисла и на личните специфики што ги имаме како карактери и личности. Лидерот Али Ахмети е свесен за тој мој карактер, за таа моја специфична лична особина и тој не се меша во тие работи. Јас како координатор сум имал полна слобода на одлучување во однос на тоа што е тек на Собранието или на работните тела. И во тој контекст, јас сум дал до знаење и при номинацијата, дека тоа значи во моментот на избор на Талат Џафери за претседател на Собранието, според одредбите на Уставот, на претседателот на Собранието му мируваат функциите во органите на партијата. И јас кон тоа стриктно се придржувам, затоа што сум кажал: Или ќе биде ова нешто друго, или не би требало само во континуитет нешто да се продолжи.

    (Фото: Ѓ. Личовски)

Што значи тоа нешто друго?

  •  Тоа значи Собранието да биде Собрание, да си го има своето место во политичкиот систем, онака како што е пропишано во Уставот, и јас мислам во овие 3 месеци водење Собрание, сум го покажал тоа дека на сите, вклучувајќи ја и Владата, сум им покажал кому каде му е местото, во однос на тоа што значи хиерархија на властите, почитувајќи ги сите околности и специфики на властите. И во тој контекст е и писмото на Владата до Собранието, со подготвеност да биде отчетна почесто, тематски да дава отчет за некои работи, но во моментов по однос на такви некои прашања, има деловничка попреченост.

Дали конечно ќе се менува Собранискиот деловник?

  • Деловникот не овозможува таква пракса. Но, во рамки на делокругот на обврски на Собранието по однос на 3-6-9 планот, ние веќе формиравме работна група која што работи и на драфт измени, односно дополнување на одредбите на Деловникот. Им дадов рок на службите тоа да го подготват и мислам дека до 15 септември ќе има едно размислување професионално од службите, имајќи ги предвид сите случувања претходно и по односните точки на Деловникот, да се прецизираат одредбите за да не оставаме двосмислени одредби. Тука ќе влезе и отчетноста на Владата, а не како досега, еднаш во месецот, последниот четврток. Сега тамам ќе завршат првите 100 дена, влегуваме во фаза на локални избори и до крајот на изборната кампања не може да се организираат седниците за пратенички прашања до Владата. Потребно е да се размислат и да се предвидат во Деловникот и вакви ситуации и тој да се дополни. Потоа би влегле во дебата со сите пратенички групи, да се види која е идејата и ако има согласност да се влезе во процедура на измени и дополнување на Деловникот, да можеме тоа да го направиме.

Мора ли измените на Деловникот да се со консензус?

  • Препорачливо е да биде консензус, но тоа во крајна инстанца ако мислиме дека ќе ги регулира односите, мнозинството сепак не е ограничено по секоја цена да не постапи, зашто таков пример има. Вие знаете, во ситуација кога СДСМ беше надвор од Собранието, по однос на некои укажувања на Европската комисија и другите релевантни меѓународни институции, ние влеговме во фаза на измена на Деловникот во делот на процедурите за Буџетот и други. Тоа се случи во 2013 година, после 24 декември 2012. Го изменивме без присуство на опозицијата, што значи ако се цени дека би било посоодветно да се регулираат некои работи, не би требало да бидеме заробеници на тоа што исклучително од политички аспект опозицијата би била против. Јас ќе се обидам процесот да биде инклузивен, во согласност со сите. Препорачливо е да биде со консензус. Но ако нема слух за потребата, не на мнозинството, туку за институцијата Собрание, чија работа треба да биде целосна и функционална, во смисла да нема двосмислени одредби, кои може различно да се толкуваат и злоупотребуваат, ќе пристапиме на измена секако.

Кои се мотивите на пратениците мажи од ВМРО-ДПМНЕ онолку да ве навредуваат?

  • Јас тоа го оставам тоа на нивен личен план и не сакам сега да користам термини кои што би биле можеби разбрани и несоодветно. Оставам граѓаните нека ценат и дефинираат што е тоа и зошто така се однесуваат.

Непријатно е за уво, сепак.

  • Мислам дека треба да им стане непријатно ним. Јас кажав, не се оптеретувам со ничии лични односи. Не претендирам никому да наметнам однос кон мене на личен план, како лично однесување. Веројатно, или не разбираат дека се пратеници, па имаат друг кодекс на однесување. Кодексот и етиката на однесување на избран функционер, особено на пратеник, не е работа што ќе може да ја пропишете со прописи. Тоа е работа на еден систем на вредности кој што се придобива низ целиот процес на живеење и на животот. Не би се впуштил да кажам нешто повеќе, за да не бидам погрешно сфатен. Затоа што, зборовите се такви. Не вика џабе народот: „Додека не испуштиш збор, ти си господар на некажаното. Искажаното е господар на човекот“.

    (Фото: Ѓ. Личовски)

Ве искара ли вчера лидерот Али Ахмети, зашто пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски го прозва вчера да ве опомене, да ве стегне малку за тоа како сте ги воделе седниците?

  • Па ви кажав, Али Ахмети не може да ме искара. Али Ахмети е пратеник, јас сум претседател на Собранието и во тој однос, си ги знаеме односите. А Илија Димовски со начинот на кој му се обрати на Али Ахмети е некоректен прво, како негов однос кон еден лидер на политичка партија, затоа што во една прилика јас му кажав ни во која ситуација, како пратеник пак воопшто, а ни како претседател на Собранието, не би се однесувал јас така ни кон Никола Груевски, ни кон Зоран Заев, ни кон Мендух Тачи кога беше лидер, ни кон Биљал Касами претседател на Беса, ни кон Зијадин Села, сите лидери на партии и пратеници. Несоодветно е сепак да се впушти така координатор на пратеничка група кон некој што е пратеник. Димовски може да му се обрати така на координатор на пратеничка група, а не на пратеник кој нема можност да му врати, како што беше случајот со Ахмети. Ахмети не е координатор. Се злоупотребува говорницата и настапот кон некој што не може да одговори.

Дали би прифатиле во минутажата за дискусија, пратеник да излезе и да пушти во Собранието снимки од веќе објавени бомби?

  • Јас не сум во можност да гледам што имаат со себе и не можам да реагирам во тој момент. Но не е препорачливо. Етички не е во ред. Тоа се учи низ процес на живеење и на едукација. Етички би било да не се злоупотребуваат, без оглед што се тие веќе објавени. Сите можеме да влеземе на Јутјуб да гледаме, не е етички сега тоа политички да го користиме.

С. К. ДЕЛЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира