СИТУАЦИЈАТА Е АЛАРАМАНТНА, ОЧЕКУВАМ СОБРАНИЕТО ИТНО ДА ГИ ДОНЕСЕ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ, АПЕЛИРА ФИЛИПЧЕ

    СИТУАЦИЈАТА Е АЛАРАМАНТНА, ОЧЕКУВАМ СОБРАНИЕТО ИТНО ДА ГИ ДОНЕСЕ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ, АПЕЛИРА ФИЛИПЧЕ„Молам да се сфати многу сериозно дека од секој од нас зависи како ќе го надминеме есенскиот бран“, апелира министерот Филипче. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Венко Филипче по трет пат апелира дека ситуацијата со коронавирусот во земјава е многу сериозна и очекува од пратениците утре по итна и скратена постапка да ги донесат сите мерки и законски измени.

    Апелот на Филипче доаѓа по вчерашната статитистика, кога земјава забележа 22 починати од ковид-19 што е највисока дневна бројка досега, додека 30 отсто од тестираните беа позитивни, а речиси 600 пациенти се хоспитализирани на инфективните одделенија во болниците низ земјата. Ова е дупло повеќе хоспитализирани пациенти од оние пред неполн месец.

    Седницата на Собранието е закажана за утре, а на дневен ред се измените на Законот за здравствена заштита на населението од заразни болести со кои ќе се овозможи поефикасно спроведување на инспекциите со недисциплинираните граѓани и правни лица (угостителски објекти). Измените на Законот не се најдоа на дневен ред на седницата на 20 октомври, бидејќи опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара време да ги разгледа. Со измените задолжително ќе биде носење маска на отворено, се забранува групирање на отворено после 22 часот и се ограничува бројот на гости во домовите на 4 лица.

    „Состојбата со вирусот е исклучително сериозна и критична, притисокот врз болниците и медицинскиот кадар е огромен’, напиша синоќа на Фејсбук Филипче.

    Филипче смета дека ВМРО-ДПМНЕ со блокадата на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести го загрозува здравјето на населението.

    „Ова е смислен и тенденциозен обид за дневно-политички поени кој директно го загрозува здравјето на населението. Од почеток на ковид кризата во земјата, од опозицијата не видовме ништо друго освен неконструктивно делување, опструкции и критики кон сите кои даваат максимални напори во справување со вирусот во земјата. Заменичката министерка за финансии во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ со месеци го одолговлекуваше и воопшто не го ни потпиша заемот од Светска банка. Уште една во низата постапки со кои тие ја потврдуваат својата деструктивна политика е фактот дека последното нешто на што размислуваат е здравјето на граѓаните е постојаното дискредитирање на Комисијата за заразни болести, омаловажувајќи ја и експертизата на членовите и нивниот труд во справувањето со кризата“, вели Филипче.

    Министерот на 21 октомври рече дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ за формирање на нова специјална Комисија за коронакризата која ќе ја избира Собранието е само начин да се прикаже наводна грижа и конструктивност, а всушност тој предлог е целосно неиздржан.

    „Во Комисијата за заразни болести членуваат врвни професионалци, експерти во својата област. Од почетокот на кризата, сите одлуки, препораки и мерки на Комисијата за заразни болести се носат врз издржани епидемиолошки анализи и единство во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните“, вели Филипче.

    Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на 22 октомври за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека партијата ќе обезбеди кворум на седницата, но, нема да гласа „за“, туку „воздржано“, зашто, како што велат од партијата, без причина министерот за здравство Венко Филипче ја обвини целата пратеничка група дека ги кочи измените.

    „Ние само се обидовме за ваква есенцијална и битна работа како што е справување со пандемијата со коронавирусот, особено кога коси сега есенскиот бран, да седнеме заеднички и да договориме како најголема опозициона партија заедничка стратегија. Ние повторно не наидовме на добра волја од страна на Владата и на Министерството за здравство за одредени мерки. Место тоа, министерот веднаш побрза да објави дека ВМРО-ДПМНЕ ги кочи измените. Е па да не бидеме навистина кочничари, зашто предлозите држат и на инспекторатите навистина им требаат одврзани раце, ќе му обезбедиме на парламентарното мнозинство кворум на седницата, нека си ги изгласаат измените“, рече Мицевски.

    Вкупно ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата е 26.954, оздравеа 18.627, а активни случаи се 7.408.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира