ЗНАМ ДЕКА ВИ Е ПРЕКУ ГЛАВА ОД КОРОНАВИРУСОТ, НО РЕСТРИКЦИИ МОРА ДА ИМА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ЗНАМ ДЕКА ВИ Е ПРЕКУ ГЛАВА ОД КОРОНАВИРУСОТ, НО РЕСТРИКЦИИ МОРА ДА ИМА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕВисоките бројки, според Филипче, покажуваат дека влегуваме во очекуваниот есенски бран на вирусот и затоа потребно е секој да ги почитува мерките без исклучок. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Мерките и рестрикциите не се ничија желба или хир, мора да разбереме дека тие се единствените алатки кои ни се на располагање за да се заштитиме од коронавирусот, напиша вечерва на својот Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче откако денеска повторно беа регистрирани голем број новозаболени, 224 од 1.841 тест, што е тренд изминатава недела.

    Високите бројки според Филипче, покажуваат дека влегуваме во очекуваниот есенски бран на вирусот, иако многумина не веруваа во најавите дека тој ќе се случи.

    „Цела Европа во моментов се соочува со нова криза и во повеќе земји има силни рестрикции и нови мерки. Разбирам дека кај сите има голем замор од оваа состојба и дека буквално ви е преку глава од коронавирусот. Но, верувајте дека заморот е уште поголем кај здравствените работници. Тие седум месеци деноноќно работат да ја одржат состојбата под контрола. Целиот менаџмент и Комисијата за заразни болести даде сѐ од себе изминатиот период да подготви протоколи, да го реорганизира системот и да го дочекаме подготвени есенскиот период. Како министер нема да дозволам да се преоптовари здравствениот систем и да нема кревети за лечење. Нема да дозволам да клекнат на колена колегите од замор“, напиша Филипче.

    Владата во неделата донесе нови рестриктивни мерки со кои се забрануваат пејачи и диџеи во кафулињата, а бројот на гости на една маса е ограничен на четири. За утре музичари и угостители најави протест пред Владата бидејќи поради рестрикциите не можат да настапуваат во угостителските објети.

    Филипче вели дека рестрикции и мерки се носат секогаш кога ќе се процени дека тоа е единствен начин да се заштити системот и јавното здравје.

    „Мерките и рестрикциите не се ничија желба или хир. Едноставно мора да разбереме дека тие се единствените алатки кои ни се на располагање за да се заштитиме. Го разбирам целосно гневот на оние кои доследно ги почитуваат постоечките мерки кои се на сила од почетокот и со нив ефикасно се штитат. За жал, новите мерки кои ги носиме мора да се однесуваат за сите и едноставно не може парцијално да се применуваат само онаму каде има непочитување на основните три. Влада даде поголеми ингеренции на инспекциите и верувам дека надлежните ќе направат сѐ да ги санкционираат неодговорните граѓани. Сепак ниту инспекторите, ниту полицијата, ниту здравствените работници не може да се справат со несовесноста на некои граѓани и компании. Потребно е заедно да го надминеме следниот период преку почитување на мерките без исклучок“, напиша на фејсбук Филипче.

    Од регистрираните денешни нови 225  позитивни на ковид-19 120 од Скопје, а починаа 8 лица.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира