40 КАФЕАНИ

Некој сонува за брза лента на Евзони. Некој за орле на Еверест

40 КАФЕАНИ

1 Е па, добро. Еве, се заврши оваа работа со името. И Законот за јазици се објави во Службен весник. Се донесе и Законот за спречување на корупцијата. Премиерот Зоран Заев е на скијање во странство. Баш ме интересира што ќе биде првата работа за која ќе се фати, кога ќе се врати в понеделник. Додека го чека камшикот од ЕУ.

Не дека досега некој ги спречуваше да работат. Ама, имаа добро оправдание. Правеа историја. А и Заев самиот призна дека толкав им е капацитетот. Откако Договорот од Преспа ќе го ратификува и грчкиот парламент, веќе нема да можат да најдат оправдание зошто не се фаќаат за работа.

Вистинскиот капацитет на оваа влада ќе се види откако веќе ќе заврши историјата. Заев го испорача тоа што го вети за да се реши проблемот со Грција што нѐ држеше закопани в место 27 години. Прашање е дали СДСМ и ДУИ ќе испорачаат добро владеење. За конечно вистински да дојде живот за сите. За што впрочем и беа избрани.

2 Кога сме веќе кај капацитетот на партиите на власт и сомнежот дали се кадарни да донесат живот за сите, еве еден обичен пример. Во Скопје само 40 кафеани имаат дозвола да ги заградат терасите во зима и само тие кафеани платиле во градскиот буџет за тоа што ги узурпираат тротоарите. Сите други тераси се нелегални. И не плаќаат ни денар. Ниту пак се казнети. А рокот за добивање дозвола за зимските тераси истече на 1 октомври лани.

Не знам зошто овие што плаќаат не се бунат, оти се ставени во нерамноправна позиција на пазарот со тие што не плаќаат. Веројатно затоа што и тие плаќаат за две-три маси, а имаат ставено по дваесет-триесет. Ама тоа никој не го проверил. А не пак да казнува.

Оваа приказна за Петре Шилегов и четириесетте кафеани е само за Скопје. За другите градови не сме ни прашале. Ако воопшто некој таму се грижи за јавниот простор.

И што ни кажува овој пример за капацитетот на власта да ги спроведе законите? Ни кажува дека власта не е кадарна ни маси, ни столици да преброи.

3 И ајде сега од оваа перспектива да го разгледаме џилитањето со орлиња на функционерите на ДУИ. И тие секојдневно си го покажуваат капацитетот за добро владеење. Во паузи кога не се пукаат меѓу себе. Тие се ставени министри за да работат. А не табли да менуваат.

Нејсе. Не ми се прави муабет кој колку е неизживеан. Ама, на пример, не очекував од вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи да мавта орлиња со рацете, демек голем успех е што Законот за употреба на јазиците излегол во Службен весник. Од еден вицепремиер за евроинтеграции очекував малку поинтегративно однесување во моментот кога сите сме кревки и ранливи поради промената на името. Па после уште и се дообјасни, дека тоа не било национализам. Туку било од суштинско значење. И дека „и да се качи некој на Монт Еверест и да го направи знакот, ќе знаат дека е Албанец“.

Кој му бранел до сега на Бујар да биде Албанец? И кој му бранел да се качи на Еверест? Синким, ако некој тргнал да се качува на Еверест, се качувал за да докаже дека е Албанец.

Бујар Османи е платен од сите нас за да испорача почеток на преговори на Македонија со ЕУ. Тоа е неговиот врв. Нека го искачи овој Еверест. За тоа го плаќаме. Не го плаќаме затоа што е Албанец. Туку затоа што е вицепремиер за евроинтеграции. А не вицепремиер за алпинизам.

4 Многу ме интересира како ќе се однесуваат сите оние многу загрижени за името што самите си се нарекуваат Северномакедонци, иако никаде во Договорот од Преспа тоа не стои, ако Грција реши во знак на добра волја да отвори посебна лента на граничните премини над која ќе пишува „Само за граѓаните на Република Северна Македонија“. Ама, за да поминеш на таа брза лента, без да чекаш  ред со сите коли со српски и косовски регистрации, да мора да се легитимираш со нов пасош. Или, уште подобро, како што на времето Словенците ги пуштаа Хрватите да влезат кај нив во ЕУ само со лична карта и Грците да излезат ербап, па и нас да нѐ пуштаат само со лична карта. Ама нова. И тоа сега, одма, уште Велигденот сосе Први Мај да го фатат.

Можете да си ги замислите сите оправдувања на загрижените за идентитетот што не го даваа името, кога ќе нагрнат на шалтерите на МВР по нови документи – Е па, ионака на детето му  истекуваше пасошот, па да не доаѓаме два пати, ја изгубив личната карта, па што да правиме, блиску е, синуси ќе одиме да лечиме, море си е море, а бе јас никогаш не би им одел на тоа Грчиштата, ама за децата ми е, стара ми е колата, ми се лоши далеку кога патувам… Македонецот има долга историја на добри оправдувања уште од времето на грчкото ембарго пред 25-26 години.

Секој со своите приоритети. Некој сонува за брза лента на Евзони. Некој за орле на Еверест.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира