55 ЧИЗМИ

Ние не заслужуваме да бидеме сакани. Ние си го заслужуваме баш овој мандатар.

    55 ЧИЗМИ

    1 Што правите?  Еве чекаме.  Што чекате? Чекаме да дојде рокот да видиме дали мандатарот ќе може да состави влада. И што ако не состави? Ќе чекаме нов рок. А ако состави? Ќе чекаме да поминат 100-те дена.

    Цело време ние си чекаме. Не е само 29 јануари судбински датум за Македонија. И 11 декември беше судбински. Претходно ги чекавме извештаите на ЕУ. И тие беа судбински. Па чекавме датум за преговори. Па чекавме да се реши името. Па чекавме да завршат преговорите во Пржино. Неколку пати.  Па чекавме да дојде Хан. Па чекавме и Викторија Нуланд да дојде. Чекавме Иванов да ја повлече аболицијата. Сега чекаме ДУИ што ќе одлучи.

    И така… Македонскиот граѓанин ниту една работа на може да ја испланира однапред. Освен чекањето.

    Чекањето е особено добро за власта. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ си купуваат време. Секој нов ден поминат на власт е ќар. Секој нов ден поминат на слобода е уште поголем ќар. И секој нивен ден што го ќариле, е ден помалку за СЈО.

    2 Баш е џентлменски тоа што Катица Јанева се откажа од прес конференции и истрагите почна да ги соопштува на Фејсбук. И тоа е политички коректно. Затоа што СЈО не сака да влијае на политичките случувања.

    Истовремено, ВМРО-ДПМНЕ не пропушта прилика да соопшти дека нема да го поддржи продолжувањето на мандатот на СЈО. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ сака да влијае на политичките случувања.

    3 Е затоа ВМРО-ДПМНЕ се толку активни со јавни настапи. И не пропуштаат на сè да стават капак. Како по обичај, сметаат дека ќе нè фатат на кондиција. Слушаш глупости, слушаш, слушаш – и ти се збоктисува. Налет и ВМРО и СДСМ и ДУИ и Влада и загадуван воздух и снег… Ти се здосадува. Гаси телевизија. Гаси интернет… Не ме интересира политика… Сите се исти… Ионака нема за кого да гласаш.

    Инаку, како да се објасни логиката на настапот, на пример на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова, која излегува на прес конференција и вика дека за тоа што Македонија се нашла меѓу најкорумпираните земји на листата на Транспаренси интернешенел се криви двајцата министри од СДСМ што цела година биле на функција, плус СЈО.

    Гаси телевизија. Гаси интернет.

    4 И што чекаме? Чекаме подобар живот. А дали го заслужуваме? Не сум баш сигурен.

    Три недели сме оковани во мраз и снег и никој не се буни. Над 1.000 луѓе во цела Македонија искршиле раце, нозе, колкови, глави затоа што мразот не е исчистен од тротоарите и јавните содржини и тоа никому не пречи. Ај што не пречи, туку никој и не очекува дека на сите ни следуваат исчистени тротоари. И дека тротоарите треба да ги исчисти локалната власт. Оти тоа ѝ е работа. И оти за тоа ја плаќаме.

    Ај што никој не се буни. Ај што никој не ја тужи власта за скршениците. Туку и никој не се фаќа за лопата да исчисти. Каде исчезна чувството за солидарност?  Каде исчезна чувството за граѓанска одговорност? Илјадници постари луѓе три недели се осудени на куќен притвор. А ние сите чекаме да дојде пролет и снегот да се стопи.

    И од снегов што падна среде зима, и тоа баш во јануари, се гледа дека ние сме еден прекрасен народ за владеење. Која власт не би посакала вакво гласачко тело? Три недели откако падна првиот снег и после над илјада скршеници, на телевизија ни пуштаат соопштенија од општините дека  „снегот интензивно се чисти“. Соопштенијата ги пуштаат истите тие политичари што за три- четири месеци ќе треба пак да ги гласаме на локални избори. Сигурно ќе ветат дека кога ќе дојдат на власт ќе го чистат снегот ако падне во јануари. И луѓето што чекаат подобар живот ќе им веруваат. И голем дел од тие со скршениците и ќе гласаат за нив. Оти партијата тоа го бара од нив.

    5 Зрак оптимизам дека можеби ќе нè биде како граѓани е веста дека советничка од ВМРО-ДПМНЕ во Куманово ќе го тужи градоначалникот што е од СДСМ затоа што скршила рака на мразот. Оптимизмот, додуша, спласнува поради фактот дека ако паднела во Прилеп, којзнае дали ќе го тужела градоначалникот, кој е од ВМРО-ДПМНЕ.

    Оправданието дека не може да се верува во сваровски судството и дека судските трошоци се прескапи до некаде и стои. Ама, зошто никој не се пожали, на пример, кај Народниот правобранител? Тоа е бесплатно. До толку ли овој народ не верува дека некако може да дојде до правда? Или, како што му е комотно да чека, комотно му е и да трпи. Да му е нормално, бидејќи живее во библиска Македонија, да се повикува на судбина и за работи што зависат само од човекот. Господ дал снег. Господ ќе го стопи. И Господ сакаше власта сами да си ја избереме.

    6 Сакам Анима мунди да даде мандатар за состав на нова влада. Сакам Влада што толку ревносно ќе се грижи за граѓаните, како што Анима мунди се грижи за секое животно. Без оглед дали е вдомено, невдомено, изгубено, напуштено, болно, премрзанато, малтретирано… Сакам Влада што ќе си ги сака своите граѓани како што Анима мунди си ги сака животните.

    Ама, ние не заслужуваме да бидеме сакани. Ние си го заслужуваме баш овој мандатар.

    7 Америка, преку амбасадата во Скопје, на барање на македонската Влада денеска донираше опрема вредна 30.000 долари за Дирекцијата за заштита и спасување. Во донацијата има 57 водоотпорни одела, 55 пара чизми, 25 маски со филтер, 35 рефлектори и 40 ламби.

    Влада што потрошила 700 милиони евра за споменици, згради и беспотребно менување на фасади побарала помош од 55 пара чизми. И добила. Влада што троши 120.000 евра за осветлување на фасади побарала помош од 40 ламби. И добила. Што не е јасно тука?

    Влада што гради Панорамско тркало од 20 милиони евра побарала помош од 35 рефлектори. И ги добила. И ги побарала за „не дај Боже“. И ги побарала од кого? Од земјата на чиј амбасадор приврзаниците на Владата му протестираа со транспарент „Бејли, тргни ги рацете  од Македонија“. А мандатарот Груевски ги храбреше со Проглас од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ дека „мора да запре мешањето на дел од странските амбасадори во внатрешните работи на Македонија“.

    Од што толку лесно и немилосрдно се расфрлаа со стотици милиони евра наши пари, дури откако ќе загинат 24 луѓе од летен пороен дожд сфаќаме колкава е вредноста на 55 пара гумени чизми кои Владата побарала да ѝ се подарат на Македонија. Или – уште не сфаќаме.

    8 Во целата оваа агонија со чекањето подобар живот, му олесна само на Бранко Црвенковски. По 10 години, конечно дочека да не биде крив за сè. Сорос е крив за сè.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

    Слушај тука

     

     

     

    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира