АЛИ ЕКСПРЕС

Празник заедно ќе славиме. И фашизмот да не го заборавиме.

АЛИ ЕКСПРЕС

1Заев го фати клетвата на Бранко. Се сеќавате кога кон средината на 1990-те нè плашеше со зборовите „Сакате да бидеме како Бугарија?“. Е па еве. Бугарија од 1 јануари идната година ќе биде претседавач на ЕУ. А премиерот Заев во Софија зборуваше за некаква „несоодветна употреба на зборови во учебниците што создавале непријатност“. И откри дека на спомен плочата во Струмица било отстрането „зборчето фашистички“.

Е па премиере Заев, тоа зборче не е било какво зборче. И за да влеземе во ЕУ ние можеме да бришеме какви било зборчиња, ама историјата не се брише. Не знам колку се непријатни чувствата на Бугарите кога ги посетуваат спомениците од антифашистичката војна во Македонија. Ама знам дека тетка ми Маре (нека почива во мир) ја мачеле бугарските окупатори во затворот во Битола оти таа била во антифашистичкиот отпор. На вистинската страна во Втората светска војна. Сигурно Бугарите немало да ја држат во затвор до 1944 година ако биле на истата страна. А чичко ми Ламбе го ослободувал Охрид и после ги бркал фашистите сè до Срем.

Ама знам и уште нешто. Дека овие вмровците што сега ги бранат партизаните од Бугарите, пред неколку години ги избркаа на улица од нивната боречка организација и тие малкумината што беа живи. А знам и дека овие вмровци, што сега се вознемируваат од изјавите на Заев, изградија квазипалати и ги именуваа по личности што соработувале со тогашната власт и ги кодошеле тие што давале отпор на окупаторот. А окупатор не бил бугарскиот народ. Окупатор била тогашната бугарска власт која била фашистичка. И не може сега ние да испиеме апче за амнезија затоа што комшиите тогаш имале фашистичка власт. Која во 1944 година капитулирала. А еве ги сега толку напреднале што се и членка на ЕУ.

Убаво е да се помириме. Ама, децата не можеме да ги лажеме.

2 Впрочем, сигурно и на сегашните Германци им се будат непријатни чувства кога ги посетуваат логорите на смртта и спомениците од антифашистичката борба низ цела Европа. Ама не сум чул дека ставиле вето за влез на некоја земја во ЕУ ако не сака да ги менува историските факти. Оти, една модерна Германија што како локомотива ја влече цела Европа нема проблем да се соочи со непријатното минато, а најмоќната политичарка во светот Ангела Меркел не пропушта во разни прилики да се извини за злосторствата што Хитлерова Германија ги правела во минатото.

А што се однесува до славењето заеднички празници, ние може и 11 Октомври заедно да го славиме. Пред участокот. Само ми е страв дека ние тука ќе се скараме. Оти ВМРО-ДПМНЕ ќе слави во Прилеп, а СДСМ во Куманово. И Бојко Борисов нема да знае каде да дојде.

3 И ајде – доста веќе за историја. Оти, од толку историја на Балканот еве 26 години глава не можеме да дигнеме. Ама и доста е од туркање на валканите работи под тепих. Па кога ќе треба да се чисти и кога ќе се дигне тепихот, летаат ѓубриња на сите страни.

Затоа, ако веќе САД и ЕУ ѝ дале задача на Владата на Заев конечно да не ги турка работите под тепих, редно е и тие да помогнат во генералното чистење. Оти се видело. Штом сами ќе почнеме да се расправаме меѓу себе – заглавуваме во историја.

Да не нè оставаат сами да ги решаваме задачите. И да не нè оставаат само на Борисов и Ципрас да ни ја решаваат судбината. Нека ги притиснат и нив. Оти 26 години ја притискаат само Македонија и еве до каде заглавивме. И на наша, ама се виде – и на нивна штета.

4 Пред неколку дена објавивме истражување дека 445.000 луѓе во Македонија можат да си дозволат само еден оброк дневно. Една редовна читателка го сподели текстот на Фејсбук и додаде коментар: „А бе Миле, да не е многу?“

И тука некаде завршува дискусијата за историјата и за патриотизмот. Тука завршува и приказната за бугарските пасоши кои нашите сограѓани ги земаа не затоа што се чувствуваат Бугари, туку за да си обезбедат пристоен живот некаде по германиите, шведските и холандиите, каде што можат да си дозволат не само храна, туку и вистинско живеење.

Тука некаде почнува приказната дека во 2017 година од Скопје до Софија 200 километри се поминуваат за цели пет саати, а патот на делови наликува како оној од пред повеќе од еден век што Гоце Делчев го минувал со кочија. Тука се враќаат мачните слики од најмизерната граница во Европа, онаа на Деве Баир, каде што и од двете страни на рампата се чувствуваш понижено. Железничка пруга меѓу Скопје и Солун имало уште 1873 година, а 150 години подоцна низ таа пруга не минуваат два воза дневно…

Треба ли уште да се набројува што ни фали во сегашноста кога зборуваме за минатото? И ако веќе се враќаме во историјата, дај да се свртиме само неколку месеци наназад. Да се сетиме дека дел од македонскиве патриоти што не го даваат името, а со бугарски пасоши си купија имоти на Халкидики, прво нè плашеа со Тиранска платформа. Сега нè плашат со Софиска платформа. А во меѓувреме, на 27 април ни спакуваа Белградска платформа по Московско сценарио.  Па заминаа на предсезонски одмор во Грција откако на граница им залепија лепенки врз џиповите. И, додека ја слушаат Цеца грабејќи кон Солунско поле со лепенка врз МК регистрацијата, многу се нервираат зошто „овој Заев ја распродава и разнебитува Македонија“.

5 И така, превозбудени од историските теми,  патриотите заборавија да се загрижат дека иако им симнале од сметката 500 милиони долари за изградба на две делници автопат, градежните работи се сопрени оти кинеската компанија на делот кон Охрид ја утнала трасата, а на делот кон Штип македонската влада не ги решила имотно правните спорови.

Ова ти е како кинески производ што се нарачува на Интернет. Па не знаеш што квалитет ќе добиеш. Може да е добар, а може да е и лош. И не знаеш кога ќе стигне. Груевски како да ги нарачал автопатиштата преку Али експрес. Со продолжен рок за испорака. И со дополнителни трошоци за испорака. Плус провизија.

Да не е многу?

И после, оди верувај им дека концесионерите што истражуваат руда и отвараат рудници низ источна Македонија имале елаборати за еколошки стандарди. Па ги набедуваат и граѓаните што организираат референдуми против рудниците дека тоа го прават од хир. Владата на Груевски дала концесии за истражување руда во 22 општини во источна Македонија. Е па, ако ветеното запазување на  еко стандардите од инвеститорите е исто како запазувањето на трасата за автопатите, треба Груевски и цела клика околу него по казна да живеат во источна Македонија и да не мрднат од таму ни преку граница до Бугарија.

Туку, сме имале среќа дека и таа нуклеарната програма не ја развиле со партиските кадри за кои слушнавме како се договараа на телефон. Или, можеби веќе ја развиле?

6 И така, превозбудени од историските теми, не забележавме дека додека ВМРО-ДПМНЕ се ценкаше за мирен трансфер на власта, тие правеле саботажи каде што ќе стигнат. Па на два месеца пред суперкупот во Скопје помеѓу Реал и Манчестер, УЕФА на Владата ѝ дава извештај со 18 забелешки. Меѓу нив и дека нема комплетен и детален план за евакуација на стадионот.

Не ви личи на саботажа?

7 И така, превозбудени од историските теми, не се загриживме дека најдоброто здравство во светот не плаќало за вода. Сметките за вода во Клиничкиот центар во Скопје не биле плаќани последниве три години.

Само неколку дена пред да биде избрана новата влада, поранешниот министер за здравство Никола Тодоров во присуство на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски потпиша договор за изградба на нов Клинички центар во вредност од 72 милиони евра.

Истиот клинички центар, истиот тој министер Тодоров, заедно со Никола Груевски кој тогаш беше премиер, го најави и демек ги почнаа градежните активности уште на 2 јануари, 2014 година.

Значи дека Тодоров престанал да ги плаќа сметките отприлика во тоа време кога заедно со Груевски го најавија новиот Клинички центар. Поради влегување во инвестициски циклус, Тодоров решил да крати на непродуктивни трошоци. Како што е вода во болница.

8 И така, превозбудени од историските теми, разбравме и дека од екстерното тестирање најмногу ќар имала компјутерската фирма. Ќариле 800.000 евра за одржување на софтверот. Сигурно тие плати ги обезбедиле од казните на наставниците. Оти солзите на измалтретираните деца немаат цена.

Ај што на фирмиве им плаќавме од буџетот, туку власта на Груевски и ги казнуваше наставниците од нивните мизерни плати, ги малтретираа учениците, а родителите ги држеа под стрес. Зошто? Затоа што власта на ВМРО-ДПМНЕ измислувала проекти за нивните фирми да лапнат државни тендери. А глумеа дека го контролираат квалитетот на образованието.

И тие исти директори што го спречуваа штрајкот на наставниците и ги заклучуваа средношколците пак нека си гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. И нека ги пребројуваат на митинзи. И нека бидат тврдокорни и нека го освојуваат Собранието. И нека се плашат дека Заев ќе ги смени учебниците и дека ќе плаќаат по 5.000 евра ако не знаат албански.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира