1 Мореее, колку се исплашиле СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ од непартиските граѓанки и граѓани, па се ујдисаа да го сменат изборниот законик три месеци пред локалните избори. Каков кукавичлук покажаа. Видоа дека им се најавија независни листи за градоначалници и советници и решија по итна постапка да ги елиминираат. Па го пуштија министерот за правда Бојан Маричиќ да ги брани измените на законот. Тоа е оној Маричиќ што додека не дојде на власт ни раскажуваше невладини гачки за европски вредности, држеше обуки за граѓански иницијативи, продаваше пуфки за демократија и го толкуваше Уставот за суверенитетот на граѓаните. А сега, удобно заштитен од партијата на власт, од позиција на сила се перчи и вика: „Ако независните имаат поддршка ќе најдат 2 проценти од запишаните избирачи во општината“. Оф мори мајко. Да не стои партијата зад него, тој ни пола потпис нема да може да собере.
Се сеќава ли шефот на Маричиќ, Зоран Заев со чии гласови СДСМ успеа да дојде на власт? Со чија поддршка урна режим со пенкало? Се сеќава ли дека одвај дојде на власт, дури и со таа поддршка, на независните? Кој му помагаше да го преживее 27 април 2017 и да го истурка референдумот за промена на името во 2018. Ништо од тоа немаше да се случи ако останеше Заев само со неговите партиски војници и клиентите од јавната администрација што ја свртеа песната од ВМРО кон СДСМ. Тогаш и тоа како му значеа гласовите на слободоумните. И што направи Заев сега? Ги продаде независните за коалиција со Христијан Мицкоски.
2 Инаетот е ирационален, ама многу клучен фактор во македонското општество. Памети ли Заев кој беше толку голем инаетчија за во 2015 година да излегува „секој ден во 6“ за да го смени режимот на Груевски? Знае ли колкав беше инаетот на гласачите од Центар на локалните избори во 2013 кои и покрај расипаните лифтови и доселените комшии од Пустец три пати гласаа за Жерновски иако и тој беше никаков кандидат? Па и изборот на Стево Пендаровски за претседател висеше со тесен резултат после првиот круг баш поради гласовите на инаетчиите што решија да ѝ дадат лекција на власта.
Така што, можеби независните нема да соберат 2 проценти од избирачкиот список за да се појават на изборните листи. Нивните гласови најверојатно нема да одат во ВМРО-ДПМНЕ, ама сигурно нема да одат ни на сметката на СДСМ. Тоа се луѓе кои во 2016 немаа избор, а го поддржаа СДСМ за да се спасат од Груевски и затоа што СДСМ им нудеше граѓанска опција. Сега веќе плашењата дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на власт не важат. Особено не на локално ниво каде што власта на СДСМ покажа дека ги практикува истите политики што ги критикуваше. Башка, зошто би ги плашеле слободоумните граѓани дека ќе им се врати ВМРО-ДПМНЕ на власт, кога СДСМ си направи коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за да им ја замолчи гласноста?
3 Не се плаши СДСМ толку од ВМРО-ДПМНЕ, оти додека е Мицкоски лидер би било глупаво да се плашиш, колку што се исплаши од граѓанките и граѓаните. Па сега уште и ќе нè убедуваат дека тоа било по препорака на ОБСЕ/ОДИХР, па тоа биле европски практики… „Миле ми текна“ е работава. Ќе ги надмудриме, ќе си го смениме законот набрзинка, ќе си одиме по одмори, па ќе заборават.
Еве, нека проба Маричиќ, што многу е надмен па им се сили на довчерашните соборци, тој да собира потписи од 8 до 16 часот, кај државни службеници што се исто така ставени по партиски заслуги или интервенции. Дури и чуварот кој ќе те прашува „кај одиш“ кога ќе одиш да се потпишеш е ставен од нечиј партиски список. Па ќе им паѓа системот, па ќе одат на пауза, па ќе им биде жешко, ќе бидат ослободени од работа… Уште и бројките со ковид позитивни да продолжат да растат, па Филипче да може без итроштини да ги искомплицира протоколите…
Оф, оф, оф, ќе си се смеат по штабовите, ама сме ги зафркнале овие што се занесуваат, ќе правеле независни листи… Да можеа, ќе собереа потписи, ама ете, не можат. Што да им правиме? Демократија.
Што си мислат? Бојан ми текна. Ај ние ќе ги направиме глупави, а ним нема да им текне дека се глупави.
Џанам, ептен ќе се усреќат ако мислат дека луѓето се глупави.
4 На почетокот на кампањата за локалните избори во септември 2017 година, на митинг во Битола, лидерот на СДСМ Зоран Заев ветуваше: „Заврши времето на еј Миле ми текна, а да ставиме овде фонтанче“.
На партиските послушници што чекаат вработување по општинските канцеларии, и името на маалската џукела да им го ставиш на избирачко ливче ќе го заокружат. Но, најтешко е да имаш лојални симпатизери на партијата. Заев требаше да биде среќен ако си ги задржеше симпатизерите од пред 4 години. Тоа ќе значеше дека градоначалниците добро му работеле. Немаше да има потреба вака да ги шверцува по брза постапка на 40 степени во лето и на веќе започната кампања за локални избори.
Да сум јас член на СДСМ, ама вистински социјалдемократ по идеологија, а не клиент на партијата, мене би ми било страв од вакво практикување на демократијата. Утре кога тие ќе сакаат да сменат нешто, нека си собираат потписи во комплицирана процедура под будното око на шефовите. Ако си демократ, тогаш биди демократ за сите. Не може демократијата да ја практикуваш од аспект на сила. Не за џабе се рекло – со сила убавина не бидува.
АУДИО ВЕРЗИЈА