ЧОВЕК И ЧОВЕЧИЊА

На 6 јуни ќе има само контрапротест

    ЧОВЕК И ЧОВЕЧИЊА

     

    1 Не за џабе се рекло: Што еден будала може да расипе, сто паметни не можат да поправат.

    Македонија веќе втора недела е преплавена од протести, предизвикани од одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да аболира 56 политичари и нивни соработници за криминал кој може да произлезе од прислушуваните разговори. Кога прв пат се појави Иванов рече дека одлуката ја донел сам. Кога помилуваните почнаа да му пишуваат писма дека не сакаат да бидат прогласени за криминалци, кога народ се истури на улица, кога ЕУ и САД го осуди оти поттикнува неказнивост и ја урива правната држава, претседателот пак се јави дека нема намера да ја повлекува одлуката.

    Е, што му стана сега да кажува дека почнал консултации со правни експерти да најдат правно решение за поништување на Одлуката? Си призна дека згрешил? Па поради неговата грешка земјата е доведена во состојба на меѓуграѓански судир. Што не бараше правни експерти пред да ја донесе одлуката? Сега ќе бара паметни луѓе да му кажат што да прави. Баш ме интересира кои се тие? Да ги видиме по име и презиме. Не можеше ли да ги консултира пред да ги потпише помилувањата?

    Па уште и ги повикува политичките партии, потписнички на договорот од Пржино, да понудат правно решение за излез од оваа ситуација. Ма немој? Каква врска имаат лидерите на политичките партии со правото? Како тие ќе најдат правно решение, а Иванов кој е правник, па уште и професор на Правниот факултет, не може да најде? Е па, ако проф. д-р Ѓорге Иванов не е експерт за право, тогаш нека си даде оставка и нека почне да ги молерисува зградите што се обоени во револуцијата која тој ја предизвика. Ако го бива и за тоа.

    Туку, што правиме ако, не дај Боже, има и само една жртва на протестите и контрапротестите кои се реакција на неговата одлука за аболиција? На чија совест ќе оди таа жртва? Нека ги консултира и за тоа врвните експерти.

    2 По сите поделби што беа направени во Македонија, Иванов со аболицијата направи уште една. Граѓаните се поделени на тие што смеат да крадат и на тие што не смеат да крадат. При тоа, тие што смеат да крадат се политичари и нивни најблиски соработници. Другите ќе завршат како онаа инспекторка од општина Гази Баба, или газдите на фирмите што немале дозвола да уриваат, ама сепак го уривале „Космос“, оти така рекол „Човекот“. Тие според волјата на претседателот ќе смеат да одат во затвор, ама не смеат да одговараат тие на кои им текнувало да прават паркови за политички да се одмаздуваат, оти му требаат на шефот на државата да ја извади земјата од криза. Колку вреди судбината на човечињата наспроти историската мисија на Човекот? Е колку де, колку?

    Впрочем, тоа и било целта на аболицијата.  Да се спаси Човекот. А за да не изгледа дека Ѓоле е загрижен само за него, патем потпиша уште педесетина решенија, па и тие се спасија.

    Го слушаат ли сега човечињата поранешниот премиер Груевски како им вели дека „пред законот сите се исти“?. Кој на кого му викаше: „Да не го тупиме многу, со динамит да ја урнеме“?. Кој се радуваше дека некому му тече низ ногавици? На кого му текнуваше „ГУП-от да го смениме“?

    Каде бевте човечиња кога ги пуштаа прислушуваните разговори на Човекот? Во подрум ли ве држеа? Само вести на МТВ ли ви пуштаа? Интернетот ли ви го скинаа? Телефоните ли ви ги забранија?

    Штом Човекот вели „законот важи за сите“, а претседателот вели „законот не важи за Човекот“, тогаш спремете се да одите во затвор. Само да го спасите Човекот. И ќутете. И надевајте се дека еден ден ќе ви ги вработи децата. И дека нема да ве избрка од работа ако не одите на контрапротест.  И дека ќе лапнете некое место во Управен одбор, во комисија… Па и некој тендер може ќе падне. И друг, многу поконкретен ќар од сендвич и вода.

    3 Па и оние директорите на училиштата во Битола никој не ги терал да крадат. Како вика лидерот на партијата? Кој си крадел нека си одговара.

    Баш ме интересира како тие директори осомничени за арамилак, утре ќе се појават во училиште и ќе им зборуваат на децата за морал, чесност, етика… Море и за христијанство, оти власта ги негува демохристијанските вредности. Може и тие не краделе за себе. Може и тие парите ги донирале во партијата што ги поставила за директори. Може и тие за Човекот работеле. Само што нив ќе ги стигне правдата. А Човекот го стигна аболицијата.

    4 Туку, баш ме интересира дали и оние што одат на контрапротест се  спремни да одат во затвор за Човекот со истата страст со која што се спремни да убиваат предавници.

    Стварно, зошто протестираат оние со службен налог од ГДОМ?

    Бараат избори на 5 јуни. Па избори ќе има. Нели Трајко Вељаноски веќе ги распиша изборите? И датумот е бетониран. И изборите ќе бидат и фер и демократски и мирни.

    Бараат претседателот да ја повлече аболицијата за Заев.  Па и Заев го побара истото. Плус, нека му го кажат тоа на Иванов. Нивни човек е. Не е фикус за да не може да ги сослуша.

    Бараат избори за да може ВМРО-ДПМНЕ да победи и да дојде на власт. Па ВМРО-ДПМНЕ е на власт. Никој не ги тераше да го распуштат Собранието. Напротив. Ги молеа да не го распуштаат и да останат на власт.

    И добро. Ќе има избори на 5 јуни. Ќе трча ВМРО-ДПМНЕ против ВМРО-ДПМНЕ. И ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. И после – што? Конечно ќе ја земат власта во свои раце? И на 6 јуни ќе ги снема сите што не излегле на избори.

    И со тој себап ќе има само контрапротести.

    5 Го слушнав ГДОМ-ецот Александар Пандов како на контрапротестот во Скопје воодушевено ја промовира идејата дека Уставниот суд треба да ги забрани сите невладини организации и партии кои ја уништуваат Македонија и дека ќе поднесат инцијатива за тоа.

    Прво си помислив: „Не е можно Уставниот суд да донесе таква одлука“. Ама после ми текна дека истото си го помислив и за аболицијата. Па згрешив. Уставниот суд е отворен за поддршка на сите идеи што во демократска држава никому не би му паднале на памет.

     

     

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари