ЧУРУК НАРОД

Концептот на владината кампања за борба против корупцијата е: народот е корумпиран, агресивно нуди поткуп, а чесната власт одвај се брани.

ЧУРУК НАРОД

1 Значи стварно, срам да ни е. Да не си им во кожа на власта, на владините и општинските функционери, на државните директори и службеници во јавната администрација… Цело време се изложени на агресивните граѓанки и граѓани кои безмилосно им нудат пари. А тие пак, сиромашките, што да прават? Кој од сожалување, кој од немајкаде, за да те откачи, кој да не те навреди, нема смисла, кога веќе си запнал да платиш – ќе си ги примат парите.

Според спотовите и билбордите што ги гледаме, концептот на владината кампања за борба против корупцијата е: народот е корумпиран, нуди поткуп, а чесната власт одвај се брани. Ние сме корумпирани кога одиме да бараме сервис од државата. А тие што ти бараат пари да ти завршат работа за која веќе сме платиле за да земат легална плата – не се корумпирани. Најтешко им е кога има тендери и јавни набавки. Тогаш особено се чувствува агресивноста на луѓето да нудат провизии. А чесните државни службеници не се разбираат во проценти.

Кампањата има и образовна компонента со поука: Немој така, сега сè се гледа. Кај и да е и обука ќе организраат, за владините службеници да тренираат како да се заштитат од овој чурук народ.

2 Директорот на Тетовската клиничка болница Флорин Бесими бил вршител на должноста директор 11 години. Законски, вршител на должност директор може да биде само шест месеци. Најмалку две години оваа Влада неколку пати го има назначено за в. д. директор и го има предупредувано дека мора да распише конкурс за да се избере директор. Но, само го предупредувала.

Немаше ни да се дознае дека Бесими незаконски бил в .д. директор, да не се случеше пожарот во тетовскиот Kовид-центар во кој изгореа 14 луѓе.

Премиерот Заев, не само за него, туку воопшто за в. д. директорите на државните институции објасни дека Владата понекогаш ги држи подолго на функција од законскиот рок оти „им даваат можност на компетитивна основа да се јават на оглас за избор на директор“. Што значи дека, ако Бесими 11 години и владата на Груевски и владата на Заев го чуваат како в. д. „поради компетитивност“ и не распишуваат оглас за директор на Тетовската болница, тогаш тој е надвор од секаква конкуренција. Толку е добар како в. д. директор, што 11 години не само што никој не може да го замени како директор, туку дури ни самиот тој не може да се замени.

Бесими е високопрофилен кадар на ДУИ. Заев рече дека „и на здравствените установи најголем дел од директорите се поставуваат политички, затоа што политичката одговорност граѓаните ја пренесуваат на политичарите и тие ја преземаат преку политички поставени луѓе. Наша желба е лекари да ја водат институцијата и затоа најголем дел од директорите се лекари“.

Политика води министерот за здравство. За таа политика се изјасниле мнозинството гласачи. Ќе речеш и директорот на Фондот за здравствено осигурување е политички, оти ја спроведува политиката на власта која добила најголема доверба на изборите. Ама, што има политички во тоа да организираш работа на болница со менаџирање на кадар и на материјални ресурси, на здравствен дом, на Брза помош, па директорите мора да се менуваат после секои избори, па дури и после реконструкција на Владата? Што е тука политика? Одговорност има, ама не – политичка. Каква политичка одговорност се бара од директор на јавна установа? Што е политичко да си директор на школо? На градинка?

Ние знаевме дека ова што го кажува Заев е така во пракса. Ама, леснотијата со која тој ова отворено го кажа  е нормализирање на ненормалното. Демек, ние сакаме да бидат стручни, ама и да не се, барем се партиски.

3 Директорите на болниците и докторите сега се во фокусот, оти тетовската трагедија отвори многу прашања во здравството. Ама, така е во сите државни институции, јавни и општински претпријатија, владини агенции… Значи, не само што е нормално, туку не е ни срамно директорите да се избираат по политички критериум, а не по стручност. И нормално е државните институции да ги кршат законите.

Затоа луѓето имаат хронична недоверба во институциите. Затоа што, за твојот живот во сите области не одлучува стручноста на раководителот на институцијата, туку одлучува политичката припадност. А власта сето тоа ќе го претстави како нормално, така што со нашите пари ќе плати кампања со која ќе нè убеди дека ние сме корумпираните.

4 Колкава помпа се дигна со заедничката седница на македонската и косовската влада, цело Скопје беше блокирано со саати, луѓе молеа да ги пропушти полиција оти ќе испуштат погреб на родител… За што? За косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференција, пред премиерот Заев да им шлапне на домаќините: Не ги давам осудените за убиството на Смилковско Езеро во 2012 оти не му верувам на вашиот судски систем.

Ај што Курти на Заев не му го признава Отворен Балкан. Туку не признава ни пресуди по завршени две судења. Рече дека според негово убедување, вистината не била до крај разјаснета. Па со Заев разговарал и за меѓународна помош. На Курти ни Албанците од Македонија не му чинат. Оти во овој процес Албанец беше судија, а Албанка обвинителка.

Заев си премолче. Тој повеќе се грижи некој странец да не му се налути, отколку ние тука. Синким, Косовари ќе го бираат на избори. Веројатно смета на тоа дека тука сè брзо се заборава. И – така е.

5Како се погоди баш тројца од поатрактивните затвореници и притвореници во исто време да имаат закажано здравствени прегледи? Драги Рашковски поправа заби, Боки 13 шета низ град до болница, а Зоран Милески-Кичевскиот триесет дена прегледува срце, па патем се вози натаму-наваму и прави сообраќајка со жртва. Со Мој термин ли им закажуваат? Или со ургентен упат одат да се лечат? Оти, многумина што не се ни во притвор, ни во затвор не можат до лекар да стигнат.

Не дека не е законски. Ама ете, така некако се погоди. Таман да се запечати сликата дека стварно народот не чини и дека е многу корумпиран. А судството, исто како и другите институции се супер. Сè е по закон шефе.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира