1 Значи, можело. Можело во кризна состојба, како што се сега шумските пожари, државата навремено да ги искоординира сите институции за да може ефикасно да интервенира. Толку многу имаме изгубено доверба во институциите, што кога тие си ја вршат работата за која се платени, нам ни доаѓа како изненадување. Значи, можело да се координираат Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, Владата и општинските раководства, претседателката на државата, полицијата, војската, странските земји што испратија воздухоплови за гасење на пожарите…
Во држава во која и по пет-шест институции, што државни, што општински, не можат да се договорат кој е задолжен за косење трева покрај патиштата и чистење на ѓубрето, навистина е вистинско чудо како сите што во нормални услови се прават ненадлежни, барем во криза успеваат да се координираат.
Нормална држава ќе бидеме кога така ќе биде цело време, а не само кога сме во криза. Институциите да бидат спремни и кадарни да се координираат и во услови на нормалност, така што нема да бидат изненадени од снег во јануари и пожари во јули. Граѓаните очекуваат за парите што ги плаќаат како даночни обврзници да добиваат сервис секој ден, а политичарите да не бараат аплаузи за тоа што им е работа.
2 Е па, штом можело, редно е веќe Владата да престане да се жали колку сѐ било катастрофа, колку душмански се трошело, колку дупки нашле во буџетот… Ја слушаме истата песна при секоја промена на власта. СДСМ во 2017 се жалеше на пустошот што го оставија ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ во 2024 се жали на пустошот што им го оставиле СДСМ и ДУИ. Секоја власт се правда дека власта пред нив била лоша. Само ДУИ не се жали на претходната власт. Се жали зошто пак не е во власта.
Големи беа разочарувањата од СДСМ. Ама, пак, големи беа и ветувањата што ги даваше Христијан Мицкоски. Нормално е на толку големи разочарувања и на толку големи ветувања, да бидат големи и очекувањата од новата власт. Не може сега да се прават дека не знаеле што ги чека кога се расфрлаа со ветувања.
Катастрофална била ситуацијата. Па да не беше катастрофална, немаше ВМРО-ДПМНЕ да победи, а СДСМ толку убедливо да изгуби на изборите.
Владеењето на СДСМ и ДУИ сега е веќе историја. И секое понатамошно жалење на новата власт ќе биде дефокусирање за нешто што ветиле, а не можат да го исполнат.
3 Премиерот Христијан Мицкоски ја предводеше македонската делегација на Самитот на НАТО во Вашингтон, а потоа беше и во Лондон на состанокот на Европската политичка заедница. Барем за Вашингтон можам лично да сведочам дека немаше кој да потврди оти „соговорниците имаа прилика да видат поинакви политичари…“, оти тој успешно ги избегнуваше и македонските и странските новинари и си даваше изјави самиот себеси.
Од каде му е впечатокот на Мицкоски дека странците во него и неговиот тим навистина гледат „поинакви политичари кои се дојдени со јасен план и ги бранат државните интереси и политичари кои не се корумпирани“? Можеби така било, ама кој да знае. Ние само знаеме дека меѓу нив има и такви кои биле судени за корупција, ама сега се амнестирани.
На крајот на краиштата, тие со кои разговарале треба да кажат нешто за нив. Не самите да си кажуваат како им изгледаат на другите. Ова излегува како кога некој ќе фати женска и се фали наоколу: Значи, што да ви кажам, каква женска имам, подобар дечко од мене никогаш немала. А таа си ќути.
4 Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) му даде рок од 15 дена на премиерот Мицкоски да покаже документи дека патувањето и престојот на синот што го придружуваше во Вашингтон и Њујорк не е платено со пари од државниот буџет, туку со лични средства на семејството Мицкоски, како што соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).
И поранешниот премиер Димитар Ковачевски си ја носеше ќерка му во Рим, а и синот и ќерката во Њујорк и Вашингтон. И тој тврдеше дека патните сметки за ќерка му и за синот се платени од семејниот буџет и ако треба ќе ги покаже сметките. Ама, никогаш не ги покажа.
А кој да им ги побара сметките? Оваа Антикорупциска комисија, чијашто претседателка Татјана Димитровска добила дипломатски пасош од МНР, а останатите шестмина членови доставиле барање и чекаат.
А кој ќе ги фати ако дипломатските пасоши ги користат за туристички патувања? Кој ќе ги контролира нив ако ги злоупотребат дипломатските пасоши?
Дипломатските пасоши ги издава Министерството за надворешни работи. И што ако треба утре овие членови на Антикорупциската комисија да отворат предмет за министерот за надворешни работи, ако има пријава за незаконско трошење државни пари? Сеедно е кој. Вчера бил Бујар Османи, денеска е Тимчо Муцунски, утре некој друг. Кој ќе ја отвори таа истрага? Антикорупционерите на кои тој министер им издал дипломатски пасош.
Законски, на членовите на Антикорупциската комисија им следуваат дипломатски пасоши оти се избрани во Собранието. Ама, каков пример даваат тие што треба да бидат најчесни и најмалку ранливи на поткуп? Членовите на претходниот состав на Антикорупциската комисија немаа дипломатски пасоши, па не сме чуле дека некој ги сопрел на граница кога патувале службено.
Е па, до толку им стига на антикорупционерите. До пасошите. Имавме специјална обвинителка што падна на чанти и тросед. Сега имаме членови на Антикорупциска комисија што паѓаат на поминување граница преку ред.
Многу патуваат. Одат на обуки за борба против корупција организирани од САД и од ЕУ. Што ги учат на тие обуки? Дека треба да си обезбедат привилегии прво за себе.
5 Пред две-три недели, во скопската населба Кисела Вода во лифт за тројца се беа заглавиле петмина, сосе екипа на Брзата помош. Ги спасуваа пожарникари.
Оваа недела, во Велес во лифт за тројца се заглавиле 12 луѓе. Осум возрасни и четири деца. Пак беа испратени пожарникари да ги спасат.
Ај овие петмината што успеале да влезат во лифт за тројца, ќе речеш, паника било, брза помош е во прашање. Ама, како ли успеаја во мал лифт да влезат 12 луѓе? Ај децата некако ги напикале, ама уште осуммина во лифт за тројца? Како ли изгледало тоа? Веројатно децата на ушка ги држеле.
Македонија не само што е повторно горда, туку почна и да им пркоси на законите на физиката.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST