1 Владата изготвила предлог-закон, според кој административните службеници наместо 40 ќе работат 36 часа неделно. Во петок ќе работат само 4 часа.
А зошто во петок воопшто би работеле? Нека не се мачат само за 4 часа да доаѓаат на работа.
А ние, што не сме државна администрација, ако сакаме да завршиме некоја бирократска работа во петок?
Владата ќе ти каже: „Што си чекал до петок да завршиш работа“?
2 Добро, знаеме дека ние тука на Западниот Балкан не сме некое особено убаво цвеќе за мирисање. Ама, не сме ни дивјаци кои се толку многу опасни што мора да се држат подалеку од ЕУ речиси дваесет години. Од Солунскиот самит во јуни 2003, кога Европската унија си зеде обврска да работи на проширувањето со земјите од Западен Балкан, во 2021 година стасавме до тоа во декларацијата за следниот самит за Западниот Балкан земјите-членки да дебатираат и околу употребата на самиот збор „проширување“. Да не случајно ги сфатиме здраво за готово. Враќањето на процесот на интегрирање назад, по речиси дваесет години исполнување разни бенчмаркови, пополнување прашалници, чекање на извештаи за напредокот кон ЕУ, конференции и самити, па дури да се отвара и прашањето за укинување на безвизниот режим, е надвор од секоја логика. Ај што ЕУ нам ни наметна да живееме со чувството на пониска вредност, туку ѝ ја поткрепува предрасудата кај своите граѓани за нас што живееме на Западниот Балкан. И така си ги јакне сопствените ксенофоби и регресивни сили кои немаат допирна точка со европските вредности чие исполнување ЕУ го бара од нас.
Не треба да ни ја праќаат Урсула фон дер Лајен, како што претходно одвреме навреме ни ги праќаа Јункер и Баросо да ни кажуваат дека ЕУ нè сака. Па ние 30 години живееме и се надеваме за таа ЕУ и веруваме во европските вредности за рамноправност, правда, благосостојба. Нам животот ни помина во вербата за обединета Европа. Ние не престанавме да веруваме во европските вредности. Но, одамна престанавме да веруваме дека европските идеали навистина се почитуваат и практикуваат од земјите во Европската унија. Тоа на своја кожа го чувствуваме.
Па, пола народ веќе се исели. Кој со бугарски пасош, кој со мажачка, кој со женачка, кој илегално, кој легално, луѓето од Западен Балкан веќе се во ЕУ. А во меѓувреме, економскиот јаз меѓу нас Европејците тука и нив Европејците таму само се зголемува и од година в година ќе станува сè поголем.
Не можам да сфатам како не е нивен интерес оваа територија во срцето на Европа да биде стабилна и просперитетна. Со кој памет го држиш цел овој регион изолиран? Таа изолација значи нестабилност. Па еве, дури и да тргнуваат од себични причини, зарем сакаат нестабилност среде Европа, на своите граници во 21 век? Ако тоа е планираниот развој на Европската унија, да нè држи нестабилни, тогаш ќе мора да си бараме чаре.
Ние, „дивјаците“ од Западниот Балкан сакаме да живееме во мир, демократија и благосостојба.
3 Што си мислат партииве, и од власта и од опозицијата, кога ветуваат брда и долини во изборната кампања? Каде сме живееле ние до вчера? Во некои други општини, во некоја друга земја, на некоја друга планета? Па одеднаш пред локални избори сме се створиле тука, сме се разбудиле едно сабајле и од билбордите со фотошопирани ликови и спотовите на телевизија ќе поверуваме дека нашата општина ќе биде најубавата во свет. Баш со тие фотошопираните од раскрсниците и патиштата.
Партиите, и од власта и од опозицијата, протоколите за заштита од ковид не ги почитуваат на митинзите, а ние треба да им веруваме дека ќе ги исполнат сите ветувања што така штедро ги вадат од ракав. А притоа, никој не даде ветување дека секој ден ѓубрето ќе се собира и ќе се чисти од улиците. И тоа два пати дневно, ако треба. Се занесоа во фантазирање, а не кажаа дека ќе чистат и во недела и на празник.
Сè што ветуваат нема врска со тоа што дневно им е работа и досега. Не ми е јасно, со кој памет мислат дека некој ќе ги гласа само затоа што сега му ја асфалтираат улицата што 4 години седела раскопана. Замислете – крпеле дупки. Менувале асфалт. Поправале тротоари. Купувале контејнери. Е толку си ги имаат спуштено критериумите. И вршењето на секојдневната работа за која се платени ни ја претставуваат за постигнување.
4 Бранко Црвенковски беше премиер и претседател на државата вкупно 13 години. Во почетоците на посткомунистичката транзиција. Во период во кој се направени сите коруптивни зулуми од кои уште не можеме да се оправиме. И Бранко не може да плука по сегашноста и особено по перспективите за иднината на земјата, како божем тој да не носи никаква одговорност зошто сме сега вакви какви што сме. Кога зборува, како што зборуваше во МАНУ, треба да помисли и на сопствената улога и одговорност.
А Ѓорге Иванов, кој сакаше да направи воена состојба за да спречи промена на власт по легални избори и кој аболираше криминалци по список од партија која ја уназади демократијата, не треба ни да добие шанса да зборува.