ДУВНА ВЕТРЕ

Да не ни е ЕУ, ние ќе се удавиме во гомна.

ДУВНА ВЕТРЕ

1 За името и за преговорите за името веќе немам што да кажам. Сѐ што сакав да кажам, кажав во минатите две колумни. Ако не ги броиме и изминатите 25 години. А со имиња не сакам да лицитирам. Ниту пак да правам вицови. Оти, навистина е многу напорно за еден таков глупав, ирационален спор да разговараш со рационални аргументи. И навистина е многу фрустрирачки кога знаеш дека тој во суштина многу глупав проблем за нас е егзистенцијален проблем.

Туку, мене нешто друго ме загрижува. Што прави остатокот од власта додека премиерот Зоран Заев се обидува да го реши проблемот со Грција? Што правиме дома? Што правиме со општата фанатична убеденост дека ако се реши проблемот со името, сѐ ќе се реши во земјава?

Можеби затоа и никој не се сеќава дека пред да се фати да го решава името, владата на Заев се имаше фатено со некој реформски план помпезно крстен „3-6-9“. Со реформите што се случи? До која бројка стасавме? Или се изгубивме некаде во цртичките меѓу бројките.

2 Осум месеци по формирањето на Владата и три месеци по преземењето на управувањето со општините, власта сѐ уште е на „ќе“. Ќе направиме ова, ќе направиме она… Ние збориме за клучни реформи во судството, а тие ги земаат Вангеловски и Караџовски да им бидат советници. Медиумите ќе ги ослободуваа, а јавниот сервис МРТВ е последниот бастион на заробената држава од ВМРО-ДПМНЕ. Тврдокорните им се главна вест секој ден на вести. Реформите во јавната администрација се сведоа на непродолжување на договорите за работа на негувателките во градинките и учителките во основните школи. Новите директори ги менуваат под притисок на фејсбук и твитер заедницата со образложение за „невнимателно и несовесно работење“. А вмровските директори што седат во клучни институции не ги менуваат. Оти тие веројатно работат „внимателно и совесно“.

А бе ајде. Еден мерцедес осум месеци не успеаваат да го продадат. До сега на автопазар да го извадеа – ќе го продадеа. Може Груевски на старо ќе си го купеше, па ќе им го ренташе за специјални гости. Еден споменик, барем еден – оној на Ќосето, не успеаја да го тргнат. Милиони состаноци, комисии, елаборати направија, Ќосето уште дели правда. Една забрана за коли на Водно во викендите не можат да спроведат. И тоа беше мерка што беше поздравена од сите. За да не се вознемират тие што пијат кафе и си ги гледаат погрешно паркираните коли на булевар, полицијата одоколу им кажа дека можеби ќе ги казнува. Да не се потресуваат кога ќе видат пајак. Вртелешките вкупно вредни 340.000 евра уште не можат да ги натоварат на камион, а ваму се перчат дека „Скопје 2014“ ќе го демонтирале. Целата државна политика за борба против загадувањето се сведе на бесплатен автобуски превоз сабајле и плаќање карта навечер. Оти попладнето дувнал ветер. Јака стратегија е кога чистењето зависи од ветерот. А градоначалникот Петре Шилегов се фали дека во 2021 Скопје ќе бил европски зелен главен град. Како? Со стратегијата: „Петре, дувна ветре“.

Фантастични идеи. Ама овие од власта само за Фејсбук и Твитер работат. Оти реализација на идеите – нема. А ние уште им простуваме. Демек, ај нови се, им треба време. А времето поминува. Еве, пролет иде. До јуни може и името ќе го решиме. Ама со животот до кај сме?

3 Зошто ние како граѓани имаме проблем со неефикасното владеење на СДСМ? Затоа што во нивните умови тие уште се расправаат и се натпреваруваат со популизмот на ВМРО-ДПМНЕ.

Најсвеж пример е тоа што Регулаторната комисија донесе одлука водата да поскапи затоа што еден дел од парите ќе одат за изградба и одржување на пречистителните станици. И на вмровските обвинувања од типот „уште еден тежок удар врз џебовите на граѓаните“, сдсмовските градоначалници решија да не ја поскапуваат водата. За Скопје, предвиденото поскапување беше еден денар по кубик вода.

Градоначалниците не ја поскапеа водата. Без разлика што така решила Регулаторна комисија. Без разлика што обврската за пречистителните станици е преземена од ЕУ.
Нема проблем што решиле така. Туку, градоначалниците не кажаа од каде ќе најдат пари за пречистителните станици? Дали преку сметките за вода, или преку некои други сметки, тие пари мора да се најдат. Ќе ги бркаат ли од работа партиските војници напикани во сите комунални претпријатија? Ќе ги ловат дивите приклучоци на вода? Ќе ги намалат загубите на вода? Ќе ја пренаменат скопската барокна зграда на Водовод и канализација во хотел? Ќе го продадат теписонот со шеснаесеткракото сонце? Или ќе ни опнат некоја друга давачка, за да не се сетиме од прва. Како кога ни ја укинаа радиодифузната такса, ама ни ја покачија цената на дизелот. Сетики пари нема. И од некаде мора да се најдат.

Според Националната студија за води, поддржана од ЕУ, Македонија треба да вложи 1,35 милијарди евра во пречистителни станици, водоводни и канализациски системи во наредните 21 година.

До сега, сите пречистителни станици се градат со финансиска помош од ИПА фондовите. Преведено на македонски јазик, тоа е – да не ни е ЕУ, ние ќе се удавиме во гомна.

4 Кога сме веќе кај занимавањето со популизам, а не со решавање на проблемите, еве ја и веста од Охрид. Градоначалникот Јован Стојаноски предложи зголемување на цената за изнајмување на јавните површини за маси и столици на кафеаните. Арно ама, кафеанџиите се побуниле и тој ја повлече одлуката. Не им одел бизнисот, многу им било скапо.

Е па, тоа е Охрид. Скапо е. Што сакаат? Културното наследство да им го штити УНЕСКО, а тие да го узурпираат за евтини пари? Ако сакаш да имаш кафеана пред црква или со поглед на езеро, ќе си платиш. Особено што тој кеј на кој сакаат да стават маси и столици сите сме го граделе. Сосе туристите што плаќаат туристичка такса.

И што прави градоначалникот? Го одложува решавањето на проблемот. За него, чиј интерес е поважен? Интересот на кафеанџиите, или интересот на граѓаните?

Проблемите што ги остави вмровската власт не се решаваат со популистички пароли. Се решаваат со храброст, решителност, одговорност и лидерство. Не може да донесеш мерка и после да се повлечеш оти некој се буни на Фејсбук. Или да ги молиш граѓаните да го почитуваат законот. Како директорката на УЈП што ги моли граѓаните да плаќаат данок, а кафеанџиите да издаваат фискални сметки. А полицијата ги моли возачите да не паркираат на улица. Инспекцијата ги моли гостите да не пушат во кафеани.

На крајот на денот, СДСМ не е тука за да работи за ВМРО-ДПМНЕ. Туку да работи за граѓаните.

5 ВМРО на денот овој пат е асли ВМРО. Поточно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со придружниците Александар Николовски и Влатко Ѓорчев. Кои биле во Брисел и на министерката за надворешни работи на ЕУ Федерика Могерини ѝ се пожалиле дека во Македонија нема реформи во судството, образованието и во економијата.

Нам ќе ни требаат два живота да се реформира сѐ што ВМРО-ДПМНЕ уништи, а на Мицкоски му пречи тоа што Вангеловски и Караџовски ќе го советуваат Заев за реформи во судството.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари