1 Кои се шансите двајца осуденици, од иста фирма, во ист судски процес, да не одат в затвор оти и двајцата имале кила на тестиси? Сопственикот на фирмата „Дурмо турс“ Дурмиш Белули и одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари, беа осудени на по 10 години затвор поради автобуската несреќа што се случи во февруари 2019 на автопатот Скопје-Тетово во која загинаа 16 патници, а над 30 беа повредени. Тие веќе петти месец требаше да бидат в затвор, ама во Основниот суд Тетово, од Одделението за извршување на санкциите ни рекоа дека двајцата осудени имале проблем со тестисите. Белули имал херниа (кила) на едниот тестис, а Мифтари имал на двата.
Секоја почит и сочувство за болката што можеби ја чувствуваат во тој дел од телото, ама ова е такво куроболие за државата и за чувствата на семејствата на загинатите, што не се потрудиле ни различни дијагнози да си набават, а тоа им поминало кај судските власти. Од толку болести на светов, нив баш истата ги фатила и тоа баш пред да одат в затвор. Синким, заразна им е болеста. Која е веројатноста газдата и вработен во иста фирма одеднаш да добијат хернија на тестиси? Или фатиле некоја акција за распродажба на дијагнози со попуст: „Плати две мадиња, добиваш едно гратис“.
Да беа од Битола, Мадето ќе ги викаа.
Што се чудиме? Во килава држава, сѐ е килаво, па килави се и осудениците.
2 А ние, чекаме некаква разрешница за трагедијата во Кочани во која загинаа 62 млади луѓе и над 200 беа повредени и уште се лекуваат. Ќе има некое судење, ќе се влече со години, ќе патуваат дописи од еден до друг суд, ќе се менуваат адвокати, ќе се одлагаат рочишта, на крај може некој и ќе биде осуден…
Многу повеќе од тоа како ќе заврши судскиот процес, загрижува дека дури и трагедија од вакви размери не ги освести политичките елити. Ја следам кампањата за Локалните избори. Искрено, секогаш кога ќе ги видам оние редици автобуси, песни, аплаузи и развеани знамиња, мене ми текнува на Кочани. Не треба многу да смислуваат партиите. Наместо поезија на билборди измислена од вештачка интелигенција, поефикасно ќе беше да им текне што сѐ и претходеше на трагедијата. Сама ќе им се напишеше изборната програма. Одговорите на тие прашања се вистинските теми за локални избори. Од дозволи за градба, преку дозволи за пренамена на објекти, доградби, преку паркинг, преку обезбеден пристап за спасувачки екипи, преку инспекции за сѐ и сешто, од гласна музика, преку фискални сметки, точење алкохол на малолетници, пушење во затворен простор, па сѐ до противпожарна заштита…
По секоја поголема несреќа во светот постои нешто што се вика – научена лекција. Кај нас, политичките партии не ја научиле лекцијата. Затоа што и да сакаат да научат, не можат, оти на местата каде што треба да стават стручни луѓе со интегритет, тие ставаат послушници на кои партијата им дава моќ да станат силеџии кои на крај на денот собираат рекет. Кој помалку, кој повеќе. Некој за бесплатен влез и резервација на шанк, некој за бесплатна пијачка и ручек, некој за вработување на државно, некој за подарен часовник, некој за станче-две… И кој ги контролира? Надлежните институции. А во надлежните институции сестрата, зетот, мажот, братот, снаата… Од штаб ги знаеме.
Тоа во држави кои ги научиле лекциите се вика – убиство предизвикано од корупција. Кај нас трагедијата предизвикана од корупција во низа, што зацрни цел еден град, се вика „немил настан“ кога во три часот ноќта го разбудиле премиерот и тоа бил еден од неговите најтешки денови во животот.
3 И по вакви големи несреќи како Кочани, како сообраќајќата кај Ласкарци 2019 (16 загинати), пожарот во тетовската модуларна ковид болница 2021 (14 загинати) и автобуската несреќа на „Беса турс“ во Бугарија 2021 (45 загинати) и по годинашново масовното труење на скопјани со пожари од запалени диви депонии, премиерот Христијан Мицкоски ни кажува дека најголем патриотизам е правењето деца.
Власт што не може да обезбеди ни основни хигиенски услови за живот, како што се чист воздух, чиста вода и чиста околина ни попува за раѓање многу деца како патриотска должност.
Проблем со наталитетот имаат многу поразвиени држави од нашата. Само што, кај нас многу поголемиот проблем е што си одат и децата што се веќе родени. Ќе пркнат малку и – џаде, сосе мајки и татковци. Оти, едно се билбордите на улица со насмеаните политичари и прекрасните спотови. Ама, дома друг е есапот.
И, не си одат сите за повеќе пари. Си заминуваат веќе реализирани луѓе. Не е секогаш до парите. Еве на пример, лекар-специјалист се сели сосе жена, сосе три деца, ич око не му трепнува. Е, не. Ќе си го губи здравјето тука со некој директор што му го донеле од партија, или со тендери-мендери, имало лекови, немало лекови, овој пациент е од нашите, „се јавија од горе“… Или, понижувачко му е да работи во приватно здравство каде што газдата го вреднува неговиот труд како да е машина за собирање пари, небаре е вработен на каса во самопослуга па треба да направи што повеќе промет.
Не, бре. Еден е животот. Си сакаат луѓето да работат, да си заработат и кога ќе си се приберат дома среќно да си живеат.
И не си одат сите од државава затоа што немаат дом, па сега власта ќе им нуди да градат куќи без да платат комуналии. Не, бре. Станови, куќи тука затвараат, одат таму да живеат под кирија, земаат кредити, создаваат нови пријателства, нов живот почнуваат.
Луѓето си сакаат ред. И предвидливост во животот.
На крајот на краиштата, на премиерот ич не му е работа да ми го планира семејството. Тој треба да ми обезбеди најдобри услови за живот и работа, а јас сам ќе си го направам изборот за планирање.
4 Еве, да речеме дека ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори ќе оствари историска, досега невидена победа. И Мицкоски ќе добие апсолутна власт.
Како мисли да ги заврши сите проекти што ги ветува ако нема сојузници? Со кого ќе работи? Само со неговите? Како мисли да направи нешто за општо добро, кога од негова уста слушаме само закани и омаловажувања за политичките противници и за сите кои не мислат исто како него? Уште клетви не почнал да фрла, ама кај и да е, до крај на кампањата може и тоа ќе го чуеме. Едно, две, „вие сте предавници“. Едно две, „ја мразите Македонија“.
Па на оваа општа длабока поделеност по сите линии, на Македонија ѝ треба дијалог, а не кавга.
Што нуди власта како визија за да се раѓаат деца и да останат тука? Па ако го слушаш премиерот што зборува секој ден на предизборните митинзи, тука иднината е: или ВМРО-ДПМНЕ, или „предавниците од СДСМ, ДУИ и Левица“.
Е па, биди патриот и раѓај.
5 Поминаа 30 години од атентатот врз претседателот Киро Глигоров што се случи на 3 октомври 1995. Уште не е откриено ни кој го нарача, ни кој го изврши атентатот.
Таа година, цел октомври и цел ноември во секоја моја колумна сум пишувал по нешто за атентатот. Особено што претседателот преживеа, па ја следевме и неговата здравствена состојба.
Препрочитувајќи си ја архивата од таа година, ми падна за око колумната од 18 ноември 1995 со наслов „ЗАБОРАВЕНА СТВАРНОСТ“. Сум запишал: „Да не имаше случајно некаков атентат во државава минатиот месец? Ми се чини дека во центарот на Скопје пукна автомобил-бомба!? Или, можеби се лажам?“
Ние атентат на шеф на држава сме имале, па по месец и пол сме заборавиле.
Се плашам дека и за трагедијата во Кочани така ќе избледне сеќавањето. Особено што шест месеци не видовме ниту една системска промена што ќе спречи таква катастрофа. Па и оваа колумна можеше да има наслов ист како 1995 – Заборавена стварност.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST