ГЛУВЦИ И ЛУЃЕ

За четири години отсега, од среден век ќе стасаме во времето на Александар Велики. Кога луѓето немале свест за опасноста од заразни болести.

    ГЛУВЦИ И ЛУЃЕ

    1 Ако во 2025 година, среде кампања за локални избори главната тема во главниот град на државата ни е несобраното ѓубре и како ќе нѐ јадат стаорци, што ли ќе ни биде тема на локалните избори во 2029 година?

    Загадувањето на воздухот е проблем ако го гледаме од перспектива на 21 век. Ама од перспектива на доцниот среден век, тој проблем воопшто не постои. Исто е и со јавниот градски превоз. На скопјани веќе им е нормално да живеат без градски автобуси, или со автобуси што и кога ги има, ретко доаѓаат. И кучињата скитници што секој ден каснуваат по некој човек се проблем ако живееш во урбана средина во 21 век. Ама во средниот век сигурно тоа било нормално. Веќе во 16 век сме имале аквадукт, а брзо заборавивме дека летоска делови од главниот град остануваа и без вода за пиење.

    Како што сме тргнале незапирливо да напредуваме во историјата, за четири години отсега, од среден век ќе стасаме во времето на Александар Велики. Кога луѓето немале свест за опасноста од заразни болести.

    2 Ех, како вчера да беше, каква драма се направи кога пред четири години во Скопје стасаа новите контејнери што беа поставени на тротоарите веднаш до булеварите, па тогашната градска власт кога градоначалник беше Петре Шилегов црташе нови велосипедски патеки за да ги заобиколи оти му се бунеа велосипедистите. Дури и Данела Арсовска, како кандидатка за градоначалничка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, во кампањата држеше прес-конференција пред еден контејнер за да каже дека велосипедските патеки се нефункционални оти велосипедистите немале слобода да уживаат во возењето. Четири години подоцна, до контејнерите не може да се стаса ни пешки, ни со точак, а богами ни ѓубрарка не може да се добере, ако останала некоја нерасипана.

    Ова што сега му се случува на Скопје откако властите нѐ задушија со ѓубре е тест за толеранција на граѓанската свест.  Видоа колку ни е паднат прагот за снижување на квалитетот на живот. Ќе те затрупаат со ѓубре и ќе ти речат, гласајте за мене за да ве спасам од ѓубрето. Што е класичен рекет. Ти го крши дуќанот и после ти вика: јас ќе дојдам да те заштитам.

    Штом оваа уцена еднаш помина и останува неказнета, тоа значи дека рекетот станува политичка норма за владеење.

    3 Кај и да е, партиите на власт лесно ќе го убедат своето гласачко тело дека дури и добро е што имаме стаорци. Каков главен град би биле ние ако немаме стаорци, кога во сите светски метрополи има и глувци и стаорци. Порано, на граѓаните што се бунеа против неконтролирано градење, бетонизација, и бараа повеќе паркови, власта им викаше: Кој сака зеленило нека се пресели да живее во село. Новото мото е: Кој не сака глувци и стаорци нека се пресели на планина.

    Што сѐ  може да проголта еден гласач, кој гласа како што ќе му каже партијата, се виде откако вмровските гласачи му дадоа поддршка на Билал Касами од „Вреди“ повторно да биде градоначалник на Тетово, а тој ги повика гласачите на „Вреди“ во Кичево да гласаат за Фатмир Дехари од ДУИ, а не за кандидатот на коалиционот партнер ВМРО-ДПМНЕ. Касами вели: Каде што има Албанци во вториот круг, ќе ги поддржиме Албанците.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека „крвареле“ и му било многу тешко кога ги гледал сопартијците од Тетово, Гостивар, Струга, Чаир и Дебар оти морале да гласаат за кандидатите на „Вреди“, а за возврат не добиле „почит за жртвата“.

    И сега, за кого ќе гласаат вмровците во Тетово откако беа убедени дека тоа што немаа свој кандидат за градоначалник Македонец било стратешки македонски интерес? За „Вреди“, иако Билал Касами им „забоде нож в грб“, или за ДУИ за која Мицкоски вели дека стратешка определба е да ја снема од политиката. И рече дека ДУИ е веќе завршена приказна. Оти од партија им рекле дека во Коалицијата „Вреди“ се добрите, и тие се „наши“. Е добро де, само Билал Касами од БЕСА не чини. И му се лутат само на Касами, а не на својот лидер кој направил погрешна проценка.

    Па Билал Касами од БЕСА не си остана на бесата и кога правеше коалиција со Зоран Заев за парламентарните избори во 2020. А и „каменот одблизу доаѓа“ остана како ехо од прислушуваните разговори меѓу Сашо Мијалков и Муса Џефери.

    Од друга страна, пак, за кого ќе гласаат гласачите на „Вреди“ во Кичево? За Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ затоа што од „Вреди“ им велат дека Фатмир Дехари од ДУИ е неморален и „ги држи Албанците како заложници“? Или, против ВМРО-ДПМНЕ оти Билал Касами од истата „Вреди“ им вика: Не е важно што е од ДУИ, гласајте го дека е Албанец.

    Очигледно и ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ си ги знаат добро своите гласачи штом може така лесно да ги убедат за кого да гласаат.

    4 И коалициите на опозицијата беа прилично чудни. На пример СДСМ одеа во коалиција со партијата Десница. Социјалдемократи со десничари!? Или ЛДП одеше со Интегра. Либерали со конзерватици, и тоа ептен конзервативци!?

    Тоа само покажува дека коалициите немаат врска со имињата на партиите. Како што ни имињата на партиите немаат врска со идеологиите. А идеологиите немаат врска со вредностите што ги промовираат партиите. И сето тоа собрано на купче нема врска со реалноста.

    И како капак на сѐ, доаѓа соопштение на СДСМ со наслов: „ВМРО-ДПМНЕ е во паника дека СДСМ ќе освои повеќе Општини отколку тие во 2017“. И – дибидус ја дотепува реалноста.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира