1 Штом поранешниот премиер Никола Груевски и по седум години од бегството од државата уште успева да биде вест во медиумите со една обична објава на социјалните мрежи и со слика од Будимпешта украсена со новодишни светилки, лошо ни се пишува.
Што воопшто има Груевски да каже нешто, а тоа да биде вредно за цитирање, кога човекот е бегалец од правдата? Ако има нешто да каже, нека дојде тука и нека раскажува во суд. Ај што ги остави најблиските соработници да одлежат за неговите „ми текна“ криминали, возрасни беа, знаеја што прават, туку тој и од своите деца избега. Малечки беа кога ги остави. И сега е важно што има да каже тој човек?
Тешко на ВМРО-ДПМНЕ ако им дошло до тоа и Груевски од Будимпешта да им помага за да кажува нешто за Зоран Заев и Венко Филипче. Уште ја замајуваат јавноста со оние кои веќе два пати ги победиле на избори.
Тешко на ВМРО-ДПМНЕ ако нема што свое да понуди, па уште се занимава со поразениот СДСМ. Ама уште потешко на нас, ако до толку нема понуда па ни дошло до мислењето на Груевски.
Толку многу работи се случуваат во оваа наша Македонија, а всушност – ништо не се случува.
2 Ај со себап, конечно можеби ќе ни се случи и ставање во функција на системот „Безбеден град“ за ловење сообраќајни прекршоци и казнување со помош на камери. Ако се спроведе како што треба, тоа ќе биде револуционерна промена во нашето секојдневие.
Признавам, не секогаш ги разбирам луѓето и нивното сфаќање на законот. Да биде како на Запад, ама не мора баш од мене да почне да се спроведува законот. Па некои за време на овој пробен период добиле опомена оти возеле 51 километар на час, а било дозволено 50. Едноставно е: 50 километри на час е законски, 51 километар е незаконски. Или, уште поедноставно: Ако возиш 50 километри на час, возењето ќе ти биде бесплатно, ако возиш 51 километар на час – ќе си платиш.
Ова е како: девојката е малку трудна. Нема малку, или многу. Или е трудна, или не е.
И јас сум еден од тие што брзаат да поминат на жолто на семафор, што си пуштам малку повеќе од дозволеното додека возам низ населба, паркирам на тротоар… Можеме да најдеме едно чудо оправдувања зошто во сообраќајот се однесуваме така како што се однесуваме. Од тоа дека во Скопје нема редовен јавен превоз и мора да брзаме со своите коли, божем изборот е или се возиш со градски автобус или го кршиш законот, па сѐ до тоа дека сега возачите ќе гледаат опсесивно во брзинометарот наместо на условите на патот, па ќе прават повеќе несреќи. И допрва ќе се откриваат технички недостатоци и правни дупки. Ама, ајде да си дадеме шанса.
На толку фалење со разни историски подвизи на сите полиња, еве ѝ на власта шанса ова да ѝ биде вистински историски успех. Само, ќе мора да ги казни сите, и тоа баш сите што ќе направат сообраќаен прекршок и неодложно после 1 јануари 2026. Ако МВР почне да попушта, ќе пропадне и оваа шанса да ни ја биде државата така како што сакаме да ја биде.
Толку се чувствуваме измамени и оставени од државата, што секогаш во потсвеста стои прашањето за довербата кон институциите. Секогаш постои сомнежот дека камерите ќе се расипат баш кога ќе треба да уловат некој „наш“.
Е па, за да не одиме на протести барајќи правда за прегазени пешаци на пешачки премин и на тротоар и ако сакаме да станеме држава како оние на кои им се одушуваме кога се сликаме за Инстаграм, власта треба да обезбеди да не ѝ се расипуваат камерите.
Тоа е од животна важност. И фактички. И фигуративно.
3 Македонија е на трето место по раст на бруто домашниот производ (БДП) во споредба со земјите од регионот и од ЕУ, при што повисок раст имаат Ирска и Данска, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа се повикува на податоците на Државниот завод за статистика според кои, во третиот квартал оваа година реалниот раст на БДП е 3,8%.
Баш убаво што пораснал бруто домашниот производ во третиот квартал. Се сеќавате ли дека во февруари годинава, министерката Димитриеска-Кочоска на собраниска седница ја нападна пратеничката Славјанка Петровска дека таа не треба да поставува пратенички прашања за потрошувачката кошничка кога нема деца, а самата се жалеше дека како мајка на два сина сака да купува грашок од конзерва, а не замрзнат и тоа во поевтините маркети?
Колку чинеше грашокот од конзерва во првиот квартал и колку чини сега? Сега и министерката за финансии, што се злопатеше со смрзнат грашок во првиот квартал, во третиот квартал може да се луксузира со грашок од конзерва.
Математиките од прес-конференциите на Владата и математиките од супермаркетите не секогаш се поклопуваат. Иако, мора да се признае дека опасно ѝ се приближуваме на Данска. Ирска уште може да ужива во славата.
4 Премиерот Христијан Мицкоски требаше да се појави на некој настан, ама не се појави поради здравствени причини. Кога прашавме во Владата што му е на премиерот, го добивме овој одговор: „Поради кратко нарушување на општата кондиција предизвикано од сезонски фактори што повремено се појавуваат овој период, премиерот беше поттикнат да направи кратка здравствена пауза. Не претставува состојба за загриженост, но претпазливиот институционален пристап на здравствените работници наложи одложување на планираниот настан со цел побрзо опоравување“.
Мицкоски, кога беше во опозиција, пред едно клучно гласање во Собранието се сликаше во операциона сала сосе лекарскиот тим кога оперираше масно ткиво. Ама сега, бидејќи е премиер, дури и обично соопштение за неговата здравствена состојба мора да биде робустно и историски срочено како никогаш досега во земјава. Оти, Мицкоски не смее да биде настинат. Не смее да му тече носот. Не смее да му студи, да го фати треска. Температура? Никако! Не дај боже сезонски грип да фатил, оти него вирус не го фаќа како што може да нѐ фати сите нас. И никако не смее да одлежи дома, туку мора да биде „поттикнат да направи кратка здравствена пауза“.
Нејсе. Од Владата рекоа дека „премиерот ќе ги продолжи своите активности веднаш штом здравствените околности го дозволат тоа“. И така бидна. За само еден ден му помина сезонската слабост и веќе утредента Мицкоски се појави на некој настан.
Мицкоски можеби е Суперемен. Ама тие другите околу него не се. Што ако зарази некого? Што ако некој го префати нарушувањето на општата кондиција предизвикана од сезонски фактори?
Пиарот не смее да трпи. Пиарот не смее да одлежи ни неколку дена.
аудио верзија – audio podcast



