КЕШ ЗА ВОЛКОТ

Кое фајде од даночната реформа ќе имаат граѓаните во држава каде важи правилото: За криминалците амнестии и продолжен одмор во Струга, за партиските ајдуци тендери, а за компаниите и чесните граѓани - даноци

КЕШ ЗА ВОЛКОТ

1 Ќе направиш армија од 200.000 административци, ќе ти снема пари да им даваш плата, договорот со ММФ за заем доцни и – ќе си смислиш систем како таа армија да ја сервисираш, ама на јавноста тоа ќе ѝ го претставиш под името „даночна реформа“.

Тоа е тоа. Нема пари. Даночната реформа што ја најавува министерот за финансии Фатмир Бесими се сведува на реформа за обезбедување плата за партиските гласачи. Министерот не спомена дека ќе се реформира државната администрација, дека ќе штедат државните и општинските институции, дека ќе се намалува сивата економија со засилена дигитализација, дека ќе се бараат нови извори на финансирање, дека ќе се намалува бројот на вработени кои зависат од буџетот, дека тие што не им се работи, а се на државна плата ќе ги натераат да работат, дека неселективно ќе се казнуваат тие што затајуваат даноци и перат пари.  Па дури и дополнително да се оданочат тие што остварија екстра профити за време на ковид кризата.

Па уште и Владата си признава дека имало многу сива економија. И што прават за да ја сузбијат сивата економија? Дополнително ќе ја оданочат белата економија. Удри по платите, хонорарите и штедните влогови. Оти од таму доаѓа штетата на општеството, а не од партиската војска напикана по кабинети и јавни претпријатија и од корупцијата од најмалото општинско јавно претпријатие до кабинетите по министерствата.

Владата пресметала дека со новите даноци ќе собере 54 милиони евра. Многу се, или недоволно за буџетот, не се разбирам. Ама не е работата до тоа колку ќе се даночи. Туку каде ќе завршат тие пари. Бројот на тие што плаќаат данок е ограничен. А бројот на луѓе кои треба да се купат како партиски гласачи се зголемува. Сите партии имаат две целни групи кои им се клучни кога доаѓаат избори: пензионерите и јавната администрација. Пензионерите ги решија – ќе им дадат по илјада денари и ќе им обезбедат пари за 20 леба. Ама јавната администрација треба да се купи со плата. Преименувај ги работните места од советници во соработници, со истата плата и хонорари како во времето на Заев и продавај им на луѓето даночна реформа. На овие што плаќаат даноци ќе им земеме повеќе пари, а за овие што не плаќаат ќе видиме, греота се.

ДУИ нема потреба да купува гласачи, цели фамилии, сосе тие што се иселени, им се купени со државни плати. А СДСМ им објавува војна на чесните, на тие без чии гласови како дополнение на партиската војска немаше никогаш да дојдат на власт. На луѓето чии надежи за департизација на општеството се изневерени и на разочараните дека клиентелизмот победува пред стручноста, ама уште се на ниет да им прогледаат низ прсти – знаеме дека се неспособни и неспособноста ја кријат со ароганција, ама барем (уште) не се силеџии како ВМРО-ДПМНЕ.

Кое фајде од даночната реформа ќе имаат граѓаните кога и во вториот мандат на СДСМ останува правилото: За криминалците амнестии и продолжен одмор во Струга, за партиските ајдуци тендери, а за компаниите и чесните граѓани – даноци.

Владата бара начин како да ја сервисира администрацијата, а не како да се сервисираат потребите на сите граѓани. Па како резултат на тоа, државата наместо сервис на граѓаните се претвора во душман.

2 Впрочем, најавената даночна реформа од Фатмир Бесими најјасно ја претстави неговиот сопартиец од ДУИ Абдул Селами. Тој како заменик-директор на Управата за јавни приходи, значи еден од подобро упатените во проблематиката за собирање даноци во буџетот, откако 33 вработени во скопското комунално претпријатие добиле отказ оти не доаѓале на работа, ѝ се закани на градоначалничката Данела Арсовска со објава на Фејсбук: „Немој да мислиш дека си нашла планина без волк и можеш да правиш што сакаш“.

Штета што владиниот функционер на ДУИ брзо ја избриша објавата. Оти тој не дава стручна дефиниција само за даночната реформа, туку со мудра мисла преточена во само една реченица ја отсликува суштината на владеењето во државата  –  ние од власта сме волците, а вие сте овците.

3 Министерот Бесими зборува за СМАРТ јавни финансии како систем за полнење на буџетот според кој сите ќе го плаќаме својот праведен дел. За какво правично оданочување зборуваме во држава во која партизацијата е издигната до ниво на светиња, а партиските привилегии важат од вработување до оданочување?

Кај нас ниедна реформа не може да помине поради партизацијата. Затоа што однапред знаеме дека промените што треба да ги донесе реформата нема да важат за сите. Секојпат ќе има партиски исклучоци. Па ние ни еден систем за паркирање не можеме асално да спроведеме. Таман некој и да се дрзне да стави ред, макар и во паркирањето, секогаш ќе се најде некој партиски шизик за кого тоа нема да важи и ќе го растури целиот систем. А министерот за финансии ми фантазира за СМАРТ финансии и зелен данок.

Не знам баш многу што е СМАРТ полнење на буџетот, ама секогаш кога возам по автопатот од Скопје кон Гостивар се прашувам зошто не е можно патарините да се поминуваат со електронските картички од Државни патишта, како што се минува на автопатот до Гевгелија и до Штип. Што има смарт во тоа со години да не може да профункционира електронската наплата на патарините кон Тетово и Гостивар, за да може да се вработуваат партиски гласачи, па плус уште и да им се даде можност и да си поткраднуваат. Мора да има кеш за волкот. Само пробај кешот да му го ограничиш. Одма со планина ќе ти се закани.

4 Можам да разберам зошто на Македонците уште им пречи грандиозно да се слави годишнината од Рамковниот договор и доминацијата на албанското знаме на тие прослави. Ама не можам да разберам зошто на македонските политичари им пречи достоинствена прослава на Илинден.

За вувузелите и свирежите на Мечкин Камен, за знамињата со ѕвездата од Кутлеш, за маичките „Не“ на Денот на Републиката, за клетвите и докажувањата кој е предавник на македонштината, а кој најголем македонски патриот не се криви Албанците.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира