МАКЕДОНИЈА ЕКСПРЕС

Ако Грција можеше среде четврти бран од пандемијата да пушти на неплатен одмор илјадници лекари и сестри што не се вакцинирани, зошто кај нас воопшто да се толерираат невакцинирани попишувачи?

МАКЕДОНИЈА ЕКСПРЕС

1 В среда, ќе славиме триесет години независна македонска држава. Некој што се родил на 8 септември 1991, ќе наполни триесет години. Дојдено им е времето да бидат градоначалник, градоначалничка, министер, министерка, пратеник, пратеничка… Тие луѓе не знаат за држава подобро организирана од оваа.

Не станува збор за југоносталгија. Не станува збор за жал по социјализмот. Не станува збор ни за жал за младоста. Само правам споредби. На пример, во средината на 1970-те години во Скопје се изградија гимназиите „Орце Николов“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Никола Карев“, Поштата, Универзитетскиот кампус… Основното училиште „Иван Горан Ковачиќ“ во Карпош 4, сегашното „Петар Поп Арсов“, беше отворено како едно од најсовремените во цела Југославија. Болницата „8 Септември“, во тоа време како Воена болница, беше изградена по највисоките светски стандарди во архитектурата за објекти од здравството. Сето тоа беше изградено во период од триесет години по Втората светска војна во републиката која беше разурната, најсиромашна, најнеписмена и најмалку електрифицирана. Башка што беа поминати само 10 години од катастрофалниот скопски земјотрес. Што имаме изградено во Скопје за последните 30 години споредбено со овие објекти? Едно училиште „Киро Глигоров“, Клиниката за гинекологија, и едно чудо лажни барокни згради со канцеларии за државната администрација чии фасади веќе се распаѓаат.

Имате ли храброст за авантура „патување со воз“? Од Скопје до Велес возот оди два часа, оти на пол пат се расипува, па се чека друга локомотива. Пред десетина дена, на една патничка ѝ се слошило, викнале брза помош, дур да стаса возот до станицата, лекарката и сестрата ќе заспиеле од досада чекајќи ја да ѝ помогнат. Тргнал возот од Велес кон Прилеп, ама застанал на Богомила. Не влечела машината. Пратиле нова машина од Велес. И таман стасал возот пред Битола, запрел среде Пелагонија оти запалените стрништа покрај пругата ги вжештиле шините. Излегле патниците со водата  што им останала по шишињата и ја истурале на шините за да тргне возот.

Тоа е уште една од случките што ако ја ставиш на филм ќе се чини неверодостојна. Македонија експрес.

Тие што на 8 Септември ќе слават триесетти роденден, не знаат дека во 1970-те по истата пруга се движеше возот што се викаше „Пелагонија експрес“. Деловен воз, побрз дури и од експресниот што доаѓаше од Љубљана. Тргаше рано наутро од Битола, запираше само во Прилеп и Велес, луѓето ќе си завршеа работа во Скопје и попладнето си се враќаа дома. Југоносталгија ли е тоа? Жал ли е тоа за младоста, оти и мене ме испраќаа со тој воз на летен распуст на Пелистер, уште во времето кога беше старата железничка станица? Или потсетник што сè не сме успеале да одржиме во триесетте години независност? И возот и одмаралиштето на Пелистер што пропаѓа како и сите други.

За жичарницата со која одевме од Тетово до Попова Шапка – во некоја друга прилика. Да нè биваше, за овие триесет години од Тетово и Гостивар ќе направевме олимписки градови. За бањите – ич да не отварам муабет.

Не сум чул за земја која самата си ја уништила Народната и универзитетска библиотека. Сараевската библиотека беше запалена во војна. Нашава пропаѓа во мир.

Беспредметно е да се бара виновник зошто и тоа што сме го имале, сега е уништено. За триесет години се сменија многу влади, многу министри, многу пратеници, многу градоначалници, многу директори на јавни институции и претпријатија… Како барем некој од нив, макар и од себични причини, не се заложи да си го направи патот до неговиот град, да си го урбанизира своето село, да им направи подобри услови за учење, за лекување, за спортување макар на своите деца?

Тие се виновни оти изгледа кога ќе седнат во службените коли опкружени со дузина подлизурковци забораваат од каде дошле и си мислат дека од нив сè почнува. А ние? Ние сме виновни оти тоа не ни пречи.

2 Премиерот Зоран Заев вели дека ако граѓаните не сакаат да примат попишувачи кои не се вакцинирани, државата ќе им прати вакцинирани.

Зошто воопшто власта го отвара тој муабет за вакцинирани и невакцинирани попишувачи?  Друго беше во април, кога трчавме да се вакцинираме во Србија оти немаше вакцини. Сега има вакцини колку сакаш и какви сакаш. Ако Грција можеше среде четврти бран од пандемијата да пушти на неплатен одмор илјадници лекари и сестри што не се вакцинирани, зошто кај нас воопшто да се толерираат невакцинирани попишувачи? Таков бил законот, не сакале да дискриминираат. А не е дискриминација ако пропадне пописот? Не ли е дискриминација тоа што сега земјава е повторно на сите црни листи за патување, затоа што власта дозволи сосем отворени граници за влез во земјава, свадби во затворен простор, толерирање лекари антиваксери и неспособни партиски директори на болници и здравстввени домови?

Од една страна, власта прави кампања за среќа ако се вакцинираш, а од друга страна им дава повод на сите што сакаат политички да поентираат од антиваксерството да солат памет за здравје, образование, дигитализација, вирусологија, имунологија, детска психологија и психологија воопшто, а сега и да не отвараат врата за попис.

Со слогани од билборди ќе ме убедуваат да се попишам. „Ти не си само број, учествувај во пописот“. Нема тука што да се убедуваме. Попишувањето е законска обврска. Не постои избор дали да се почитува закон или не. Мора да се почитува. Ако сме држава.

Заев имаше храброст да го смени името и да нè внесе во НАТО. А од пусти популизам и фејсбук демократија, среде пандемија не смогна храброст да го спроведе Уставот за да го заштити јавното здравје.

3 Еден од тие што најбрутално профитираат од антиваксерството е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. На почетокот на август, самиот на Фејсбук си имаше напишано дека се вакцинирал. А на почетокот на септември на телевизија кажа „вчера се вакцинирав“, оти бил принуден да се вакцинира затоа што мерките на Владата биле катастрофално глупави.

Било кој редар во кафеана може да му го скенира кодот и да провери дали навистина Мицкоски примил прва доза вакцина. Не знам дали овој пат може да му се верува. Оти, нему не му е првпат да ги саботира мерките за заштита од коронавирус. Лани лажеше дека не одел во теретана во време на полициски час кога сè беше затворено. А кога го фатија дека снимката е автентична оти носеше заштитни ракавици, велеше дека тоа му било отсјај од рацете. Еднаш и цела опсада направија во Дебар Маало, се пазареа инспекции и градска и државна полиција кој е надлежен во времето на техничката влада, затоа што тој седеше со друштво внатре во кафеана, во време кога беше тоа забрането.

Ај, политика си е политика. И политичко профитерство е нешто што следува со тоа. Мицкоски во политиката се води од мотото „Што полошо за државата, толку подобро за мене“. Ама, ова веќе не е политика. Вакво бескрупулозно лажење не е срамно само за Мицкоски како лидер на партија. Ова е срамно како човек. Тој човек е универзитетски професор. Ние нему му ги доверуваме децата да ни ги образува.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира