МЕНСТРУАЛЕН ЧЕТВРТОК

Сѐ што останало од Македонија сме ние тука, во поранешната Социјалистичка Република Македонија, во сегашната Република Македонија, во привремената Поранешна југословенска република Македонија и - ако успее референдумот - во идната Република Северна Македонија

МЕНСТРУАЛЕН ЧЕТВРТОК

1 Во набиената агенда на историски настани во Македонија, на 22 август се случи уште еден историски настан. Почна судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, во процес во кој се обвинети 33 лица за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Меѓу нив пет пратеници, дестина високи службеници во МВР и познати јавни личности. Поисториско и повисокопрофилно судење во демократската историја на Македонија не сме имале.

И ева ја шансата прво да дознаеме што навистина се случи на 27 април 2017, а потоа и да видиме колку македонското правосудство е спремно праведно да пресуди. Еве ја исторската шанса и за судиите и за обвинителите и за адвокатите. Секој со својата тежина на задачата, знаење и професионална одговорност. Еве прекрасна шанса за правосудна реформа во практика. Оти, ако не се расчисти што се случи на 27 април, засекогаш ќе останеме заробени во поетизираниот израз „крвав четврток“. Секој со својата приказна, во која сите видовме дека заврши со раскрвавени глави. А којзнае како ќе завршеше ако нападот успееше. Тогаш сигурно немаше ни да има судење.

2 Немам ништо против поезија. Ама имам против поетизирање. Кое води до самозаборав. Што значи фразата „крвав четврток во Собранието“? Или, како што една колешка забележа: „Дали тоа значи дека тој четврток сите пратенички имале менструација?“

Тоа ти е исто како кога на ТВ анкета ќе ги прашате луѓето дали знаат што се случило на 11 октомври 1941 година. А тие ќе ти одговорат „Пукна првата пушка“. Сама си седела и си пукнала. Сите го паметат поетизираниот израз. А суштината се избришала. Дека на 11 октомври 1941 година овој народ се кренал против фашистите и застанал на страната на прогресивниот свет.

Утре, кога ќе ги прашате луѓето што се случило на 27 април 2017 година, ќе одговорат дека имало крвав четврток во Собранието. А тој настан треба да го паметиме како организиран напад на Собранието. И обид за државен удар. Ако обвинителството тоа го докаже на суд.

3 А во меѓувреме, да се вратиме на темата „референдум“ и на дебатата околу референдумското прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција?“.

Македонците од Егејска Македонија и Македонците од Пиринска Македонија веќе се во ЕУ и НАТО. Ама, ниту во Грција, ниту во Бугарија каде што живеат не се признати како Македонци. Не им е признат како македонски ни јазикот кој можат да си го зборуваат само по дома.

Сѐ што останало од Македонија сме само ние тука, во поранешната Социјалистичка Република Македонија, во сегашната Република Македонија, во привремената Поранешна југословенска република Македонија и – ако успее референдумот – во идната Република Северна Македонија. Сѐ што останало македонско сме ние тука, а не нашите сонародници на кои ние ќе им ја браниме македонштината од тука, ако го одбиеме Договорот со Грција, ако не влеземе во ЕУ и ако не влеземе во НАТО.

Ние, Македонците имаме само една држава. Оваа тука. И во оваа држава ние сме тие што имаме признат македонски јазик. Ние тука имаме македонско творештво. Ние, тука, во оваа држава имаме македонска култура. Ние имаме филмови, театри, естрада, факултети, научни установи, спортски клубови… Ние, тука, во оваа држава го негуваме македонското културно историско-наследство. И само во оваа држава, во ниту една друга, тие се – македонски. И ќе останат македонски. Оти со Договорот за името тоа ти го гарантираат и НАТО и ЕУ. И Обединетите нации, под чија закрила се водеа преговорите со Грција и се постигна договор.

И сега оди бојкотирај, или гласај против влез во ЕУ и НАТО. Гласај против тие што ти го признаваат правото на самоопределување. Зошто? За да го снема тоа што го имаш. За да те снема. Слободно бојкотирај.

4 Анџак сме на темата, во ЕУ и НАТО се веќе  влезени и Македонците што имаат бугарски пасоши. И не само тие. Туку и нивните роднини. Оти врз основа на тој еден нивни пасош за кој што се пишале како Бугари, бугарски пасоши можат да добијат и сите нивни роднини.

Лично познавам такви кои за пасош станале Бугари, а на Фејсбук го бранат македонскиот идентитет со постирање на знамињата со сонцето од Кутлеш и со лавови повикуваат на бојкот на референдумот за името. Многумина тоа го прават од некоја земја на ЕУ, каде што заминале да работат со бугарскиот пасош. Сами се фалат дека станале Бугари за да одат во ЕУ. Па бојкотирајте си во Бугарија, кога ќе ве прашаат нешто.

Тие се први што сега нѐ делат на патриоти и предавници. Тие патриотите, не го давале името на државата. Ама своето си го дадоа. Па, не ми продавајте македонштина со бугарски пасош. Вие сте Бугари. Не сфаќате дека вие сте Бугари од моментот кога сте заминале во Софија и сте кажале дека се чувствувате како Бугари, па уште тоа и сте го докажувале со потеколото на некоја баба, татко, братучед… И сте потпишале документ на бугарски јазик. Не сте го потпишале на македонски јазик. Ние тука пасошите на македонски јазик си ги бараме. Истиот јазик, македонскиот, што е признат и во договорот со Грција. Во кој што ни се признава и дека сме Македонци. А не Бугари како вас.

Сами сте си се направиле Бугари бре, браќа. Не ве направиле Бугари ни Бугарија, ни Грција, ни НАТО, ни Американците….Што е за право, ни Русите не ве направиле Бугари.

И како Бугари, слободно бојкотирајте го референдумот за името на нашата држава. И оставете нѐ нас тука да си влеземе во ЕУ и НАТО, а да не мора да бидеме Бугари.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира