1 Кога претседателот Ѓорге Иванов ќе каже: „Нашата јавност е таква, верува на обвинет, а не на официјални институции“, на која јавност мисли? На народот на кој што постојано се повикува? На тие што го избрале? Или на тие што го бојкотираа референдумот оти „името не го даваме“, на кои гордо се повикува кога не го потпишува Договорот со Грција? Или на народот кој застанал против Тиранската платформа, па во тоа име не го даваше мандатот на лидерот на мнозинството во Собранието? И не го потпишува Законот за употреба на јазиците. Или, се повикува на народот кој „дошол по своето“ на 27 април за време на „најмирољубивиот насилен влез во Собранието од страна на граѓани во историјата“?
Иванов сега го пизми истиот тој народ што верува во сведочењето на обвинетиот за нападот на Собранието Александар Василевски-Нинџа, а не им верува на институциите. Па и Нинџа бил институција. Го вработиле во Управата за безбедност и контраразузнавање под команда на ВМРО-ДПМНЕ. Со завршено тригодишно средно стручно школо. И два службени џипа му дале. Блиндирани. И државно оружје му дале. И радиостаница за да ја следи комункацијата на полицијата на подрачјето на СВР Скопје. И како таква битна институција му дале и личен телохранител. Сосе пиштол.
На 27 април 2017, при нападот на Собранието Нинџа ја претставувал институцијата УБК. Исто како што Ѓорге Иванов, на 27 април ја претставуваше институцијата претседател на Македонија. И таа институција, вечерта се појави на телевизија и закажа лидерска средба. При што, за еден од лидерите мирољубивите напаѓачи беа убедени дека го претепале до смрт. Другиот лидер имаше чалма на главата и крваво лице. А третиот лидер беше во Виена по важна државничка работа.
И сега Иванов се обидува секој сомнеж за неговата улога на 27 април да ја претвори во сомнеж кон Армијата. Демек, АРМ – тоа сум јас. Па дури и за влезот во НАТО се загрижи.
2 Што е разликата меѓу Ѓорге Иванов и Александар Василевски-Нинџа? Освен тоа што едниот е универзитетски професор по право, а другиот има трети степен „Коце Металец“? Едниот е врховен командант на армијата. А другиот е врховен командант на пешадијата што го нападна Собранието. И двајцата земаат плата од државата.
И што е проблемот со довербата во институциите? Можеби затоа што институцијата Иванов во април 2016 аболицираше 56 функционери осомничени за тежок криминал. И благодарејќи на таа аболиција и Никола Груевски и двајцата пребегани разузнавачи во Грција Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои го ангажирале Нинџа да стане институција, сега се слободни лица во Унгарија и во Грција. А другата институција Нинџа со кодно име Самурај, на 27 април 2017 го нападна Собранието за да ги спаси од кривично гонење истите тие што институцијата Иванов ги аболицираше, па потоа мораше да ја повлече аболицијата.
И Ѓорге Иванов и Нинџа Самурај се институции. И двајцата работеле за ист нарачател. А тоа не бил народот.
3 Сведочењето на Нинџа, неговиот телохранител и браќата Младеновски кои се меѓу 33-та обвинети за организираниот напад на Собранието, покажува дека во Македонија реалноста е поневеројатна од секоја приказна. Навистина е чудесна Македонија. Чудесии на стероиди.
Додуша, сето ова што го слушнавме како е организиран и изведуван нападот на Собранието, ние сме го претпоставувале, ама сме си викале: Не бе, не е можно. Е па, можно било. Ништо не било случајно. Тие си имале план. И си работеле како по книга.
Планот за нападот почнал четири месеци пред 27 април. Уште во декември 2016, веднаш по изборите, кога Груевски кажа дека нема да му дозволи на Заев да формира Влада. Кога директорката на Комисијата за односи со верските заедници Валентина Божиновска викаше дека собирот пред ДИК е „вечер на ножевите“. Кога вмровците што глумеа народ носеа некролози на амбасадорите. И кога директорот на УБК Владимир Атанасовски организирал да се фрлаат молотови коктели врз ДИК и врз домови на пратеници од СДСМ додека се разгледувале жалбите на ВМРО-ДПМНЕ. Зборуваме за УБК. За институција. За нашата тајна служба. Не за служба на други држави.
После, кога им ги усвоија жалбите малку се успокоиле, ама кога виделе дека ВМРО-ДПМНЕ нема да може да прави влада со ДУИ го активирале планот „Б“. И дојде 26 февруари 2017, кога Никола Груевски на Сител го повика народот да не седи дома по папучи. По што, наредбодавачите го смислиле нападот на Собранието. Демек, народот влезе по протестите на „За заедничка Македонија“. На културен начин. Со патриотите Бетмен, Дамовски, Дурловски и Јовановски, што Нинџа ги гледал како излегуваат од кај благајникот на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски. Ама не им гледал во џебовите колку им вреди патриотизмот.
И после, дошол 27 април. Денот што го чекаме. Денот, кога Нинџа рекол дека треба да се „покаже дали се само набилдани кретени, или имаат муда“. Нинџа ли им мајчина.
4 Додуша, не било баш сѐ организирано. На Нинџа му дозволиле да биде креативен. Па кога ги викнал на ручек напаѓачите од патриотските здруженија, за кои друг сведок кажа дека Нинџа сметал оти „се кретени и треба да се искористат“, му текнало да купат и фантомки. „За да биде подрско“, сведочеше Младеновски. Два пати купувале по 30 фантомки, ама и фискални земале, „за да ги правдаат преку една фирма“.
Дека биле легалисти сведочеше и еден од напаѓачите, кој наместо да мава по пратениците, само прскал со протвпожарниот апарат, ама му било незгодно да ја облече фантомката оти „не било законски да се влегува во Собрание со маска“. Па дошол некој од Петта управа на МВР што го викаат Боксер и им рекол дека ги искршил сите камери и да не се секираат.
Значи, сите биле на ниво на задачата што им била доверена. Сосе џубокс-патриотите што пеат химни на уфрлена паричка. И сосе генералниот секретар на Кабинетот на претседателот Борис Јосифовски, кој од 8. кат на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ бил повикан од Иванов да го свика Кабинетот за да ја смират ситуацијата. Освен тогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски, што сега не знае каде бил на 27 април.
5 Да потсетам. Ова не е приказна. Ова е сведочење под заклетва во суд. Животот навистина пишува романи. Ама животот е на некое друго место. На пример во Будимпешта. Или во Солун. Или во Шутка.
И после, се чудиме како на службите им избегал Никола Груевски. И како им избегале Горан Грујевски и Никола Бошковски. И како ни се случи „Диво Насеље“. И што е позадината на убиствата на Смилковско Езеро. И нападот на караулата во Гошинце.
Се прашувам, дали службите уште се раководат од 8. кат на ВМРО-ДПМНЕ.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST
.