ОТВОРИ ВРАТА

Малку мака си имаме што за нам да ни одобрат европска иднина треба да решиме чиј е цар Самоил, па сега уште да се секираме и за европската иднина на Европејците, да не ги подели Русија.

ОТВОРИ ВРАТА

1 Европската иднина на Македонија, ама и на Албанија е закочена поради 3.504 луѓе. Толку македонски граѓани се пишале како Бугари на пописот. Дека мајчин јазик им е бугарскиот кажале 1.519 луѓе. Бидејќи бугарскиот претседател Румен Радев инсистира ветото за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ да не се трга додека не се внесат Бугарите во македонскиот Устав, тоа значи дека стабилноста на Западниот Балкан, влијанието на Русија, паѓањето на довербата во ЕУ, поделбите во самата ЕУ и судбината на повеќе од 4,5 милиони жители во Македонија и Албанија зависат од тоа дали тие  3.504 луѓе ќе бидат внесени во македонскиот Устав.

Што туку измислуваат разни оправдувања за непријателскиот однос кон Македонците. Нека кажат веќе еднаш дека на Бугарија не ѝ е национален интерес Македонија да влезе во ЕУ. Па уште и Министерството за надворешни работи во Софија, коментирајќи ги бројките од пописот, соопшти дека „објект на сериозна анализа е и фактот дека 7,2 отсто од граѓаните на соседната земја не се пребројани активно“. А Радев вика дека на Бугарите во Македонија им било страв да се попишат, повикувајќи се на над 100-те илјади бугарски пасоши што им биле дадени на македонски државјани.

На Македонците што зеле бугарски пасош не им е страв. Ним им е срам. Оти морале да кажат дека се Бугари за да земат пасош од ЕУ. Ваделе ЕУ пасош за подобар живот. Исто како што Бугарите од Бугарија уште првата година кога нивната земја стана членка на ЕУ побрзаа да бараат работа во Велика Британија, Германија, Шведска, Италија… За подобар живот. Откако Бугарија влезе во ЕУ, бројот на жителите се намали за еден милион. Би се пишале Македонците и Клингонци ако клингонскиот пасош би им отварал врата за подобар живот. Ама се пишале Бугари, оти бугарскиот систем за издавање ЕУ пасош им бил најлесен и најкорумпиран. Дај му пари на Каракачанов и ќе ти најде адреса на некоја бандера во Ќустендил, Благоевград или Петрич да ти ја стават како адреса на живеење и – бркај работа низ ЕУ.

2 Во меѓувреме, разни претставници на ЕУ доаѓаат во Македонија да нè убедуваат дека и покрај неевропската политика на Бугарија ние не треба да губиме верба во ЕУ. Австриската сојузна министерка за ЕУ Каролина Едштатлер изјави дека е разбирливо што кај македонските граѓани владее разочараност и депримираност поради блокадата на евроинтеграциите со нови преговори и билатерални барања. Рече: „Верувајте и понатаму во ЕУ, ние ќе се заложиме да не се поделиме, особено во ситуацијата кога руската агресивна војна во Украина беснее“.

Ајдее… Сега уште и ние кабает ќе излеземе дека Русија го шири своето влијание, а тукашните граѓани ја губат вербата во ЕУ. Ние да мислиме на ЕУ, а тие да ни викаат, решете си го билатералниот спор со Бугарија што не ве признава за Македонци.

Австриската министерка е добронамерна. И политиката што ја води Австрија кон Македонија и ставот за проширувањето на ЕУ се пријателски уште од самото осамостојување во 1991. Ама како да имаш верба во ЕУ, кога ЕУ нè излажа? Ни рече – сменете го името и ќе ги почнете преговорите. Кога некој ќе те излаже еднаш – срам да му е. Кога ќе те излаже втор пат, срам да му е. Е кога ќе те излаже трет пат – срам да ти е што му веруваш.

И сега пак нè бодрат и нè плашат – верувајте во ЕУ оти инаку Русија ќе нè подели. Малку мака си имаме што за нам да ни одобрат европска иднина треба да решиме чиј е цар Самоил, па сега уште да се секираме и за европската иднина на Европејците, да не ги подели Русија. Чекајте. Сега сме во 11. век. Нашето мислење за Русија, Украина и руското влијание за поделбите во ЕУ ќе го кажеме кога историската комисија ќе расправа за 21. век. Ако воопшто дојдеме до таму. Оти, само за 20 век имаме и многу расправа со Бугарите.

3 Не ги разбирам овие што викаат: „Не ги признавам резултатите од пописот“. Како резултатот на статистичка операција зависи од тоа дали некој ќе го признае или не? Дошле, те попишале, си кажал што те прашале, те запишале и – тука завршува муабетот. Односно – дошле, не те нашле, или не си ги примил, не си одговорил на прашањата што требало да те прашаат, те запишале дека не те нашле и – тука завршува муабетот. Такви избројале 132.260 граѓани. Што е тука спорно за непризнавање?

Тие што живеат во странство беа повикани да се попишат онлајн. Тие што не сакале да се попишат, не се попишале.  Не знам зошто ние што живееме тука би се секирале како се чувствува некој што живее во странство? Ние со нашите чувства не можеме да се справиме, па сега ќе се секираме за нивните. Пописот ни треба нам, за тука државата на која ѝ плаќаме данок да си има податоци врз основа на кои ќе испланира колку градинки ни требаат, дали ни требаат патишта со две или три ленти, каде треба да се испланира амбуланта, школо, хидроцентрала, колку треба да бидат државните резерви… Додуша, пописот не ни треба само за носење урбанистички планови, оти тие се носат без оглед на тоа колку луѓе некаде живеат. А за планирање на условите за живот на нашите во странство, и попишаните и непопишаните, ионака грижа водат државите во кои што плаќаат данок.

На крајот на краиштата, баш фино што над 130.000 граѓани што живеат во Македонија се над ситуацијата во која некои партии форсираат национални теми од 19. век. Ним не им било битно дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Бошњаци, Срби, Хрвати, Египќани, Бугари, Марсовци, Клингонци… Тие 130.000 едноставно си се луѓе.

А тие што викаа: „Не отварам врата“, а сега не ги признаваат резултатите од пописот, следниот пат нека бидат до вратата.

4 Толку е станато нормално функционерите да имаат привилегии, што дури и министерот за правда Никола Тупанчевски може ладно да каже дека Антикорупциската комисија се бави со глупости оти го повика да даде отчет кој му ги платил трошоците за одење на фудбал во Палермо. А претседателот на Основниот суд во Кавадарци Лазар Нанев ги прекори новинарите дека не знаат да се радуваат и да уживаат во животот, па се фатиле за неговото патување заедно со министерот за правда и вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи. Демек ние будали сме, не знаеме да уживаме ако ни плаќа некој. Мотово на судијата е како во српската песна: „Узми све што ти живот пружа, данас си цвет, сутра увела ружа…“.

Џабе Владата има донесено Кодекс за етичко однесување на функционерите, кога министерот за правда не сфаќа што има погрешно во тоа што прифатил да биде гостин на Фудбалската федерација на Македонија на натпреварот во Палермо, па уште и во друштво на претседател на суд и на виш јавен обвинител. Ај што не сфаќа министерот, туку не им е јасно ни на многу негови колеги и помали функционери, а богами и на граѓаните што немаат политичка функција. Ни викаат: „Де бре, на толку украдени милијарди и незавршени судски процеси за висока корупција вие за еден фудбал се фативте“.

Да. Така е. Де бре, за едно погрешно паркирање сте се фатиле, а овие ја украдоа цела држава. Де бре, за поткуп од 50 евра што примил државен службеник сте се фатиле. Де бре, баш мене ли ме најдовте да ме казните за забрането пушење, а цела државна администрација пуши во канцеларија? Е сега, само јас ли фрлам шут, а цели градови се затрупани во ѓубре?

Затоа е нормално кога и министерот за правда во таква држава ќе каже дека Антикорупциска комисија се бави со глупости. Ама не е нормално кога Владата на Ковачевски, во која има и вицепремиер за добро владеење, очекува сите да ѝ веруваме кога ни кажуваат помпезни зборови за антикорупција, етика, кодекс и така натака… Кон ЕУ.

АУДИО ВЕРЗИЈА

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира