ПАЛАЧИНКИ ПО ПРОТОКОЛ

Ова не е само крадење со корупција. Ова е масовен грабеж на даночните обврзници.

ПАЛАЧИНКИ ПО ПРОТОКОЛ

1 Бреј, колку завидлив народ сме биле. Сега ни пречи и дека претседателот, премиерот, министрите, судиите, обвинителите, градоначалниците и сите избрани функционери ќе имаат зголемени плати. Слушајте ги што ви викаат: „За ваше добро си ги зголемуваме платите. Инаку ќе крадеме. Ќе бараме мито. Ќе губиме време измислувајќи комбинаторики колкав процент да е земеме од секој тендер, наместо со цел ум да мислиме на вас и на државата“.

Ги најдоа тефтерчињата што си ги заборави Никола Груевски. Ја применија старата вмровска финта. Најдоа некој адвокат, многу загрижен за платите на функционерите, тој да поднесе претставка во Уставниот суд. Уставните судии итно ја разгледаа претставката. И – нема бегање од зголемени плати. Штом така одлучил Уставниот суд, тоа е закон. Така вели законот, а законот мора да се почитува.

Не можеле да издржат со толку мали плати. Ајдеее…. Па што не си дадат откази? Ионака додека се на власт си отвараат приватни фирми, таму нека си земаат поголеми плати. Ако не им чини државната плата, нека си одат. Ние, како даночни обврзници, толку можеме да ги платиме. За повеќе – нека одат во приватен бизнис, некој може ќе им даде поголема плата. Секој газда би бил среќен со такви кадри како нив. Ем стручни, ем вредни, ем чесни.

Логикава им е – ниски плати, висока корупција. Па според таа логика, излегува дека најкорумпирани се текстилните работници. А пензионерите со најниски пензии се директ за в затвор.

Даночната политика им се сведе на – дај сега да ги собереме парите, да си ги покриеме ние платите и сè што мислиме дека ни следува, коли, возачи, секретарки, советници, ручеци, вечери, па после ќе му ја мислиме. Исто како за ЕУ што зборуваат кога ги обвинуваат тие што ги критикуваат дека се антиевропејци – нека ни дадат пари од Брисел, дај да видиме колку од нив ќе испокрадеме, па после ќе му ја мислиме. Ионака, друг ќе му ја мисли.

Ова не е само крадење со корупција. Ова е масовен грабеж на даночните обврзници.

2 Живееме како заложници на партиите и на државната администрација. Како ќе обезбедат дополнително пари и за функционерите и за администрацијата? Ја намалија ли бројката на службеници што се на буџетска плата?  Намалија трошоци? Зголемија ефикасност на државната администрација? Заштедија ли нешто? Укинаа ли некој празник, што верски, што национален, што религиозно-државен? Кога ќе си спои сега администрацијата од Велигден преку Бајрам, сосе постови и рамазански вечери, па во петок после 12 не се работело, ама не смееш да се побуниш оти не е политички коректно, па Први мај, Кирил и Методиј, Задушница, па лански одмор, па нов одмор… оди пробај да завршиш некоја работа, да извадиш некој документ, а притоа и да не ти го погрешат… Има кој да ринта за нив да им обезбеди плата. А тие од канцеларискиот компјутер, што исто така ние им го плаќаме, веќе си бараат предсезонски аранжмани за Грција, жалејќи се колку им е напорно и колку им е мала платата.

Ќе ја задолжиме државата за да го сервисираме сигурното гласачко тело. А кој ќе ги враќа кредитите? Функционерите ли ќе ги враќаат парите од зголемените плати? Администрацијата што ја купуваат за гласови пред секои избори ли ќе ги враќа кредитите? Пак приватниот сектор ќе ги враќа долговите на државата. Истиот приватен сектор што Владата го шиканира на секој чекор.

Ама ќе дојде ден кога веќе ќе нема пари за давање. Ај што ќе нема кој да плаќа, туку ќе нема ни кој да гласа. Ќе им остане само администрацијата, па ќе треба да почнат и од неа да земаат.

Кај нас нема штрајкови во приватните фирми. Штрајкува само администрацијата. Само ним нешто им фали, само ним им е мала платата, само тие се нешто несреќни и незадоволни. И само тие наоѓаат начин како да ја притиснат власта за да им ја покачи платата. Оти, тие не се на пазарот на трудот. Тие се на партискиот пазар.

3 Премиерот Димитар Ковачевски, кога отиде во самопослуга да купи јајца и брашно, се пофали дека правел најдобри палачинки. Е па ете, нека проба граѓанинот Димитар Ковачевски да живее од правење палачинки. Колку палачинки треба да продаде за да направи толкав профит, од кој ќе може покрај својата плата да му обезбеди покачена плата и на премиерот?

Притоа, граѓаниниот Ковачевски нема да смее да работи во недела, оти тоа не му го дозволува премиерот Ковачевски. Притоа, граѓанинот Ковачевски треба да ја зголеми минималната плата на вработените, оти премиерот Ковачевски ќе го казни. Притоа, иако граѓанинот Ковачевски зел кредит за да ја зголеми платата на вработените, не смее да ја зголеми цената на палачинките, оти премиерот Ковачевски му ја замрзнал. И згора на тоа, граѓаниниот Ковачевски треба да обезбеди плати и за четириесетина луѓе од Кабинетот на премиерот Ковачевски кои се грижат неговата посета на супермаркет да помине во најдобар ред.

Ќе се фали Ковачевски колку му биле убави палачинките, а премиер е на држава која не може ни две кафулиња во центарот на главниот град да казни затоа што пуштаат гласна музика. Ќе им објаснува на купувачите во супермаркет дека цените се високи поради војната во Украина, а премиер е на држава во која е сосем нормално, среде бел ден, на главен булевар некој да си ја паркира колата со четири трепкачи и да си ја остави два-три саати додека се коцка во коцкарница. Верувам дека дури ни во Киев полицијата тоа не би го толерирала.

4 Сепак, има надеж за оваа земја откако МВР и Јавното обвинителство потпишаа Протокол за соработка. Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески рече: „Граѓаните од нас очекуваат да соработуваме и да испорачаме ефикасна правда“. Можеби затоа досега не можеа да имаат успех во гонењето организиран криминал и корупција. Оливер Спасовски и Љубомир Јовески немале протокол.

Тоа не е било каков протокол, туку потписот на Спасовски и Јовески има и меѓународна тежина. Се замешал и странски фактор. Го потпишале со посредство на ОБСЕ. Ај што Протоколот го правеле работни групи, туку сега посебна комисија ќе ја следи имплементацијата на Протоколот.

На МВР и Обвинителството Законот не им бил доволно обврзувачки за заедно да ловат криминал, па сега Протоколот ќе ги обврзе.

Значи, за сликање се цареви. Министер за внатрешни работи и Јавен обвинител позираат дека ќе соработуваат. Чиниш претставниците на Марс и Венера се договориле заедно да ја спасат Земјата.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира