1 Онаа слика од Собранието, од комеморативната седница за 63-те загинати во пожарот во Кочани на 16 март минатата година, каде што стојат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски, а зад нив се пратениците, свечено облечени, натажени и задумани, беше како сцена од судењето кај Понтиј Пилат. Сите присутни, сите со одговорни државни функции, а никој со вина.
Закажувањето комеморација после година дена од националната трагедија изгледаше баш како да си ги мијат рацете. Само што, овојпат наместо леген со вода за Пилат, имаше говор.
2 Премиерот Христијан Мицкоски по комеморацијата изјави дека „во спомен на оние кои ги загубија животите се сплотуваме во тага, но и во надеж за посигурна иднина“.
Прво, тоа не беа загубени животи. Тие луѓе беа убиени од непочитување на закони и од корупција. Од локално до државно ниво.
А што се однесува до тоа дека сме се „сплотиле во надеж за посигурна иднина“, случајно баш тој ден беше објавен извештајот на Државниот завод за ревизија кој откри дека Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам работел само со еден градежен и двајца инспектори за урбанизам за цела држава. Дека требало да има минимум осум инспектори за сите региони, ама Министерството за финансии не давало согласност за вработување. Дека и тоа што ќе го утврделе овие малкуте инспектори било сосема неважно, бидејќи на градоначалниците баш им било гајле и не постапувале по нивните наоди. И дека од 2018 година не бил распишан оглас за избор на директор, туку партиите на власт си го пополнувале тоа место со вршители на должноста, без огласи.
Кој е виновен за оваа ситуација? Партиите на власт оти немаат соодветен кадар за директор и инспектори? Оти нивните членови сакаат само државна плата, колку да маткаат нешто, ама да немаат никаква одговорност. Или, можеби е крива министерката за финансии дека не дава согласност за вработувања? Треба да има одреден број инспектори. А нема. Заштедила. Изгледа во коалицијата уште немаат најдено писмени за таа работа.
И после се чудиме зошто имаме илјадници дивоградби. И зошто секој ден ни е катастрофа во најава, од домовите и зградите каде што живееме, од лифтовите во кои се возиме, тротоарот на кој минуваме, на работа, во театар, во кафеана, во дискотека, сосе воздухот што го дишеме, водата што ја пиеме и кучињата скитници што нѐ јадат по улици…
Мислам дека си здодеав и самиот себеси, а и на блиските, ловејќи црни точки на секој чекор. Ама, еве бидете искрени кон себе, свртете се околу, разгледајте каде сте и помислете си: што се смени после Кочани, 16 март 2025?
Па луѓе мои, во Кочани, ова нашево Кочани, што беше прва вест во светските медими и уште го споменуваат, во кое се случи масовна трагедија од пожар, уште нема инспектор за противпожарна заштита. Ќе заштедиме од буџетот. Ама затоа ќе имаме меѓународна конференција да ја одбележиме годишнината и од овој историски настан. Се собраа пари во буџетот оти и донациите што ги дававме за Кочани ги оданочија.
3 Кога сме кај штедењето, во контекст на дивоградбите, заштитата на културното наследство и животната средина, кадарноста на државните инспекциски служби и ажурноста на општинските власти, ми текна дека минатиот месец четворица министри и двајца градоначалници се спукаа до Париз. Да ги спасуваат дивоградбите во Охрид и Струга од УНЕСКО.
4 Државниот завод за ревизија треба да се укине. Само глупости наоѓаат по државните институции. Ионака што и да најдат, џабе е. Ниту некој одговара, ниту некој нешто поправа. Нека ги отпуштат ревизорите од работа. Ете, министерката за финансии пак ќе заштеди.
Башка, што е таа работа, само пропусти откриваат. Никако да пофалат нешто.
А факт е, сѐ е историски прекрасно.
5 Европската комесарка за проширување Марта Кос во Европскиот парламент рече дека ЕУ не смее да си дозволи тројански коњи во процесот на проширување.
„Земјите што би нè поткопале одвнатре не можат да станат членки на Европската Унија. Земјите што ќе се приклучат кон ЕУ мора да бидат силни и отпорни демократии, способни да се спротивстават на токсичното влијание на Русија и другите“, рече еврокомесарката Кос во Европскиот парламент.
Понекогаш ми се чини дека еврокомесарката, која е Словенка, барем што се однесува до Македонија, има изгубено контакт со реалноста. Добар дел од младешките години била една од нас. Во иста држава живеевме, на истите екскурзии низ Југославија сме оделе, во исти кампови летувавме на Јадран, исти школи сме учеле, на исти концерти сме оделе, со исти вакцини нѐ вакцинирале… Па затоа наивно верував дека за ова што ѝ го прави Бугарија на Македонија ќе се почувствува и лично повредена. Кога нејзината Словенија се борела да го оствари својот европски идеал, како што се бориме ние сега, на неа никој не ѝ рекол – ти не си Словенка и не зборуваш словенечки јазик.
Не знам до кога и во ЕУ ќе се прават наивни. Нашиот проблем не е да се стават Бугарите во Уставот. Нашиот проблем е дека земја на ЕУ ни негира нација и јазик со којзнае колку резолуции и декларации изгласани во нивниот парламент.
Изместувањето од европскиот пат кај нас не го прави Русија и другите. Го прави земја членка на ЕУ. Разочарувањето од непринципиелноста на ЕУ не е предизвикано од однесувањето на Русија и другите. Тоа е последица на вето од една земја-членка на ЕУ. Недовербата кон ЕУ не е поради непочитување на темелните вредности на ЕУ од страна на Русија и другите. Недовербата кон ЕУ е поради непочитување на темелните вредности врз кои е создадена ЕУ од страна на земја-членка која го злоупотребува своето членство за да блокира земја што сака да стане членка. И заканата за политичка дестабилизација на државата не доаѓа толку од влијанието на Русија и другите, туку од непријателското однесување кон соседот на една земја-членка на ЕУ што отвара пат за влијание на Русија и другите.
Си имаат тие тројански коњи внатре, во Унијата. Овој едниот, им го знаеме, оти лично сме погодени. Другите, може си ги знаат и тие.
6 Од сите аспекти на војната во Иран и непријателствата на Блискиот Исток со сите последици од нестабилноста на светско ниво, најинтересно ми е како некои сограѓани успеваат да најдат позитивен агол. Гледаат сеир: Сега ќе му пропаднат бизнисите на Зоран Заев во Дубаи.
Значи, не се загрижени дека ќе расте ценатата на нафтата, дека ќе порасне цената на храната, дека може ќе има недостиг на некои продукти, дека може ќе рипне инфлацијата, ќе биде опасно за патување, може да биде неизвесно под закана за тероризам… Секакви црни сценарија ми текнуваат. Ама ете, баш е убаво дека ќе му пропаднат бизнисите на Зоран Заев. А покрај Заев и на Венко Филипче, се разбира.
Навистина треба да имаш талент за да гледаш позитивно на ужасна војна. Ко што би рекле мои Битолчани: кај вас во Дубаи само за радост да идиме.
AUDIO PODCAST



