ПРОДОЛЖЕН ВИКЕНД

Болните без лекови, учениците без учебници, политичарите без образ, граѓаните без интегритет, државата без правда., природата без општество... Среќен ти празник, Македонијо. Многу те сакам. Ама, ти ме заморуваш веќе.

ПРОДОЛЖЕН ВИКЕНД

1 Ден на независноста славиме. Убав продолжен викенд. Чуму ваква разочараност? Па не е баш толку страшно тоа што со измените на Кривичниот закон Собранието изгласа помали казни за функционерите што ќе украдат пари од буџетот. Гледајте на тоа проевропски. Ќе си ја поправиме статистиката за успешна борба против корупција. Поглавје ли е, кластер ли е  – успешно е затворено. Уште пред да почнат преговорите со ЕУ.

Со ова инвентивно решение, изгласано набрзинка, со европско знаменце, за да се фати брзата лента за ЕУ, најбрзата од ЕУ со различните брзини, наместо криминалците да се прилагодуваат кон законите, ние законите ги прилагодуваме на криминалците. Наместо да се казнуваат корумпираните судии што беа махери во тегнење на судските процеси против политичарите и по стариот закон, ние им прилагодивме нов закон за да им го олесниме застарувањето на делата на обвинетите.

Кај нас закон полесно се менува отколку пресуда против политичар да стане правосилна. И Устав побрзо ќе смениме, отколку што функционери што краделе од нашите пари ќе одат во затвор.

Ви пречи неказнивоста? Е па еве, отсега неказнивоста ќе си биде озаконета. Конечно и ние да понудиме уникатно решение за ЕУ со кое ќе придонесеме кон перцепцијата за чесно владеење. Нема пресуда, нема криминал. Нема осудени политичари, нема корупција.

2 Другата позитивна работа од овие законски измени е што досега само се збореше дека власта многу краде – од најситен јавен службеник заштитен од партијата, па до највисоките функционери. Сега веќе сите сомнежи се отстранети. Штом СДСМ и ДУИ толку се потрудија, во три дена да си го донесат законот, да го објават во Службен весник на празник, за побрзо да заборавиме, оти од понеделник ќе им излезе некој друг скандал, значи дека тие не ни имаат намера да престанат да крадат. Дури и најчесно, спремни се за украденото да одат на суд, ама сметаат на неефикасното судство и на брзо застарување на предметите.

Притоа, најинтересна е театарската претстава на ВМРО-ДПМНЕ, кое сака да нè убеди дека власта е виновна затоа што од овој закон најмногу ќе офајдат баш нивни поранешни и сегашни функционери. Кај им е активната блокада?  Кај им е стоењето пред врата? Кај им е блокирањето на говорницата, кај им се транспарентите, свирчињата, тенџерињата? Како бре, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не влегуваа во сала за да гласаат за ограничување на каматите, за мерките против ковид, за Законот за македонскиот јазик, а баш за овој закон си влегоа во салата и направија кворум?

Овие измени ВМРО-ДПМНЕ ги бараше уште во 2018 година. Само што тогаш СДСМ не знаеле дека и тие ќе крадат. Ни во најхрабрите соништа не им доаѓало дека ќе можат да ги достигнат успесите на Никола Груевски и дружината. Да гледале во иднината, да биле визионери уште пред пет години, да претпоставеле колку сè и каде сè може да се краде додека им трае мандатот, уште тогаш ќе го изгласаа законот.

Туку, дај конечно да ја разбиеме заблудата дека општеството ни е длабоко поделено поради непомирливите разлики меѓу власта и опозицијата. Не, бре. Гледате како лесно си наоѓаат точка на помирување кога функционерите треба да се спасат од прогон за криминал.

3 Трета позитивна работа е дека можеби ова ќе ни ги отвори очите, па со себап ќе ни го смени и односот кон султан-партиите што владеат така што од граѓаните создаваат клиенти.

Кога премиерот Димитар Ковачевски по повод случајот со криминалот на Клиниката за онкологија ќе каже дека „Владата нема да интервенира да заштити никого“, знаеш дека Владата вообичаено интервенира за да го покрие криминалот на луѓето поставени од партијата на власт. Дека е нормално Владата да не интервенира кога Државниот завод за ревизија ќе ѝ даде информации со индиции за сериозен криминал, како што дал пред две години за Клиниката за онкологија, ама се очекува да интервенира за да заштити партиски криминал.

Досега ниту една фела не се побуни кога партиите им направија упад во професијата – ниту лекарската, ниту инженерската, ниту новинарската, ниту во културата, ниту во образованието, ниту во науката, ниту во спортот, ниту во уметноста… Можеби ова е пресвртна точка кога граѓаните ќе сфатат дека треба да си го вратат интегритетот. Да не одат на линија на помал отпор и пак да бидат незадоволни. Можеби сега е време за освестување. Преиспитување. Притискање на копчето на компјутерот на „ресет“ и почнување одново. Со жалење, плачење и јуначење на фејсбук држава не се прави.

Па уште и партискиве тролови ќе ни мудруваат – немојте криминалот со цитостатици да го политизирате. Како не, кога сите директори на јавните здравствени установи се поставени политички? Каква е таа глупост директори на болници да се поставуваат врз основа на коалициски договор? Па уште и не само според тоа чија болница на која партија припаѓа, туку и со каква етничка припадност треба да биде директорот. Партијата решава кого ќе стави, кого ќе смени и дали ако направи криминал, воопшто ќе биде процесуиран на суд.

И какво е тоа деградирање на која било професија, кога ако некој професионалец сака да напредува мора да коленичи пред некој неписмен подлизурко во партиските раководства. А бе, нам директори на играорни друштва ни поставуваат партиите. Студентите за кревет во студентски дом фаќаат врски во партија.

Нели е време за конкурси каде што кандидатите ќе се натпреваруваат со план, програма, буџет, експертиза, стручност, менаџерски способности, углед кај колегите и јавноста? Толку ли е тоа тешко и неостварливо?

Време е. Време е на партиите да им се каже: Одбивам да бидам ваш клиент.

Ако и по ова што ни се случи продолжиме да им дозволуваме на партиите да ни прават упад во нашите професии и да ни ги комплицираат животите, тогаш и заслужуваме криминалот со нашите пари да ни го продаваат не како европска вредност, туку како врвно цивилизациско  достигнување.

4 Криминалот на Клиниката за онкологија и потресните судбини на илјадници болни од рак и нивните семејства нè постетија дека уште од 2013 година свечено беа удрени темелите на бункери за уште три акцелератори за радиотерапија. И по десет години, апаратите уште не работат.

А ние збориме за патот до Охрид. Овие нашиве партии, здружени во криминалот, апарати за болни од рак 10 години не успеаја да стават во функција, а ние од нив пат очекуваме да ни направат. Ај патот, туку ни ѓубрето од превојот Стража на овој, патот од времето на Југославија не се способни да го исчистат, оти не знаат која партија и која државна институција и која Општина и кое општинско претпријатие и кој директор од која партија треба да го исчисти. Оти и да не го исчисти, како што не е исчистено со децении, нема да одговора затоа што одговара само пред судот на партијата. А ни партијата не го суди.

Ај ѓубрето. Ај патот. Туку ни учебници нема. Министерството за образование вели дека печатењето учебници е многу сложен процес. И навистина. Мора да е многу е сложено да наместиш тендер со некој што ќе биде способен ем да обезбеди учебници, ем парите праведно да се украдат и поделат. Обично овие две работи не можат многу лесно да се усогласат.

Болните без лекови, учениците без учебници, политичарите без образ, граѓаните без интегритет, државата без правда, природата без општество…

Среќен ти празник, Македонијо. Многу те сакам. Ама, ти ме заморуваш веќе.

АУДИО ПОДКАСТ

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира