1 Кој сака да се клади дека дополнителен услов за почеток на преговорите со ЕУ ќе биде да престанеме да го споредуваме односот на Бугарија кон Македонија со односот на Русија кон Украина? Кај и да е, до следниот Самит на ЕУ и тоа ќе стане бенчмарк.
Шуќур, и на Ковачевски му пукна филмот од Бугарија. Изгледа, лично соочен со навредите пд потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова на Самитот на Советот на Европа во Рејкјавик, и тој почувствувал до каде нè доведе снисходливоста на властите, па не издржа: „Дискурсот кој се користи од Бугарија кон Северна Македонија, за жал, е многу сличен на дискурсот кој Руската федерација го користи кон Украина“.
Е како така? Што се смени, за Ковачевски да дава вакви антиевропски изјави и да ја лути Бугарија? Па реториката на Бугарија кон Македонија е иста 70 години, а последниве три години откако го стави ветото па – ептен.
Немојте така. Па не е убаво Бугарија да се споредува со Русија. Не е убаво за европскиот пат.
Не е убаво кога Путин вика дека украинскиот јазик не постои, туку дека е руски. А убаво е кога бугарската официјална државна политика вика дека македонскиот јазик е бугарски.
Не е убаво кога Путин вели дека Украинците се измислена нација. А убаво е кога бугарската официјална државна политика вика дека Македонците се измислена нација.
Не е убаво ни кога Путин вика дека Украина како држава е измислица на комунизмот. А убаво е кога бугарската официјална државна политиа вика дека Македонија како држава е измислица на Тито.
Не е убаво ни кога Путин вика дека украинската историја е руска историја. Ама убаво е кога бугарската официјална државна политика вика дека македонската историја е бугарска историја.
Не е убаво кога во Руската Дума пратениците викаат „Украина е Русија“. Ама, многу беше убаво кога во јуни 2022 во бугарското собрание група пратеници носеа транспаренти „Македонија е Бугарија“. Баш европски личеше.
И – што е разликата? Бугарија е во ЕУ, а Русија не е. Ама, сѐ во свое време. Како што гласеше еден рекламен слоган од крајот на 1980-тите на руската авиокомпанија „Аерофлот“ – „Посети ја Русија, пред Русија да те посети тебе“.
2 Триесет години мечтаеме за ЕУ, триесет години зборуваме за ЕУ, триесет години бамкаме за некакви ЕУ вредности и што видовме во практиката од тие вредности? Дека ЕУ напишала оти е заедница на вредности, ама во реалноста почива на силеџиство и блокади.
А бе три години, како не слушнавме барем една добронамерна изјава од Софија. Само навреди, само омаловажување, само закани со сила. Трета година едни асални избори не направија, Влада не успеваат да состават, ама затоа имаат попаметна работа па сто резолуции и декларации за Македонија изгласаа… Бидејќи мала закана е некој да не те признава како нација и да не ти го признава јазикот, па дополнително секој ден и други закани слушаме, од најмаргиналните политичари па сè до претседателот на државата.
Од кога вам во ЕУ ви е гајле како се чувствувам и на кој мајчин јазик зборувам? Нели тоа, да се чувствувам како сакам, е основната вредност што вие во ЕУ ја негувате? Тогаш, што е антиевропско кога ќе кажам дека Европската унија ги крши европските вредности по паметот на Бугарија? Што е антиевропско ако кажеш дека земја на ЕУ се изживува врз мал сосед со наметнување на барањето – откажи се од себеси за можеби некој пат да влезеш во заедницата?
Па чекајте малку, извинете, ама Бугарија нас секојдневно нè заплашува. Бугарија кон нас настапува непријателски. Ни се заканува земја на ЕУ користејќи ја солидарноста и силата на ЕУ. Значи, ни се заканува цела ЕУ.
3 Додека Бугарија ни удира боксови секој ден, другите европски земји праќаат политичари и дипломати да ни постилаат пердуви наоколу за ударот да не нè боли многу кога ќе треснеме на земја.
Последен во низата беше германскиот пратеник за Западен Балкан Мануел Сарацин, кој во интерву за „360 степени“ изјави дека веќе не треба да се губи време и „ако нема уставни измени летово вашата иднина ќе биде нејасна“.
Е ајде тогаш, да брзаме. Да откажеме и одмори и плажи и летово да ги внесеме Бугарите во Уставот. Море, да си откажеме и други планови во животот. Оти, иднината ќе ни биде нејасна. Дека до сега ептен јасна беше, 30 години на патот за ЕУ.
Што ќе се случи? Војна ќе имаме? Сами ќе се тепаме или некој ќе нè нападне? Русија ќе стави ракети на наша територија? Бугарска чизма ќе дојде трет пат да нè гази?
Кога германската канцеларка Ангела Меркел дојде на Денот на независноста на 8 Септември 2018, да нè убедува да гласаме на референдумот за промена на името, премиерот Зоран Заев рече: „Посетата на Меркел е гаранција за влез на Македонија во ЕУ и НАТО. Ќе возвратиме со успешен референдум кој ќе ја осигура европската и евроатлантската иднина на Македонија“.
Е па, не било гаранција. Станавме членка на НАТО, ама европската иднина уште ни е нејасна. Без изгледи наскоро да стане појасна.
Во јуни лани дојде и новиот германски канцелар Олаф Шолц. Во март годинава дојде и германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок. Многу убави работи ни кажаа. И за Македонија и за Македонците и за македонскиот јазик и за сојузништвото и за пријателството и за ЕУ. Ама, џабе.
Всушност, имам впечаток дека кој и да дојде од ЕУ и што и да каже – џабе е. Од европските лидери, ние само на зборовите на Радев им веруваме. Тој сè што кажа, сè оствари.
4 Наместо два нови моста, Скопје остана со еден помалку. Но, тоа не е сè. Градот е пред банкрот, а јавниот превоз е најлош откако постои, метежот на скопските улици станува веќе неиздржлив, а градоначалничката Данела Арсовска за хаосот ги обвинува ВМР0-ДПМНЕ и СДСМ.
СДСМ ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ чија кандидатка за градоначалничка беше Данела, ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува СДСМ дека соработува со нивната градоначалничка, советниците на СДСМ бараат вонредна седница, ВМРО-ДПМНЕ не закажува седница оти чека предлог од градоначалничката, а таа ни кога има седница не им доаѓа да им одговара на прашањата. Сите се жалат дека не можат да најдат начин како да комуницираат со неа и чиниш мостот што се запали и што е затворен за сообраќај сам ќе се пушти ако продолжат меѓусебно да се обвинуваат. А и јавниот превоз и празната каса сами ќе се решат.
Партиите си гледаат сеир на маките на граѓаните и чекаат Данела да го докусури главниот трад. А на граѓаните баш им е гајле со кого е таа, дали со СДСМ, дали со ВМРО-ДПМНЕ или со ДУИ, додека чекаат нервозно на автобуските постојки, додека се туркаат во автобусите, доцнат на работа и трубат заробени во километарските колони низ улиците.
Оние што градоначалничката на ВМРО-ДПМНЕ ја споредуваат со Пиколомини не се коректни. Пиколомини го запалил Скопје само за еден ден и – завршил работа. Ако за година дена Данела успеа толку да го уништи градот, којзнае што нè чека допрва во следните три години.
АУДИО ПОДКАСТ