СААТОТ НА МЕКШЕЈН

Грција го бараше името, Бугарија го бара јазикот и идентитетот, а на Албанија што ќе ѝ остане за барање кога ќе влезе во ЕУ?

СААТОТ НА МЕКШЕЈН

1 Еврокомесарот за проширување Оли Рен во декември 2007, на прашањето кога Македонија ќе добие датум за преговори раскажуваше вицови за композиторот Јан Сибелиус. Кога во шест часот сабајле жената го прашала кога ќе си дојде дома, Сибелиус ѝ одговорил: „Драга моја, јас не сум претскажувач, јас сум композитор“.

Три години претходно, во 2004, министерот за европски прашања на Велика Британија Денис Мекшејн пред новинарите го извади часовникот и изјави: „Секоја земја има многу едноставен избор. Или го навивате вашиот часовник напред, или го враќате назад“.

Оли Рен сега е банкарски службеник во Финска. А Денис Мекшејн во 2012 одлежал затвор од шест месеци затоа што го фатиле дека приложувал лажни сметки за патни трошоци, па после напишал книга за затворот. Неговата земја веќе не е во ЕУ.

Децата во Македонија што се родени во годините кога разни европски емисари им кажуваа на нивните родители дека еден ден ќе бидеме во ЕУ веќе се тинејџери и планираат како да си заминат од земјата. Многу европски политичари од тоа време се пензионирани, некои веќе не се живи. За Македонија останаа само истите ветувања. И истите фрази за европски вредности. Празни зборови.

2 Фрустрацијата на македонските граѓанки и граѓани не доаѓа од тоа што не се дел од ЕУ, туку затоа што нè лажат евробирократите. И разочарувањето не доаѓа од тоа дека не сме дел од ЕУ, туку затоа што со секоја нова пречка од ЕУ, кај нас саатот се враќа сè поназад и поназад.

Ај сменете го името, многу сте ни важни за безбедноста на регионот. Ај важи. Е па, ај ве примивме во НАТО за да не ве лапне Русија, па не мора да ве примаме во ЕУ. Стварно, ви ветивме, ама Бугарија е внатре, а вие сте надвор.

Дали е европска вредност да ги погазиш европските вредности затоа што така ти е комотно? Што ако имаш вредности во кои се колнеш, кога не ги почитуваш? Правото на самоопределување не е само европска вредност. Тоа е цивилизациска вредност. Ама, тоа право не важи за ЕУ кога е во прашање Македонија. Исто како што не важеше ни меѓународното право, кога Меѓународниот суд во Хаг пресуди дека Грција ја крши Привремената спогодба.

Во случајот со бугарското вето, излезе дека најголема европска вредност е да не си стоиш на зборот.

3 И сега премиерот Зоран Заев, по 16 години кандидатски статус и 12 позитивни препораки за почеток на преговори, во интервју за Дојче веле рече: „Кога ЕУ ќе реши да испорача датум за преговори нека ни се јави“. Сигурно ЕУ е „длабоко загрижена“.  Оти „претплатникот е надвор од мрежното покривање“.

Државава влегува во период како после ветото на Грција за НАТО во април 2008. Кога Груевски почна да се однесува како класичен лош ученик, кој претходно покажувал заинтересираност за учење. Зошто да пишувам домашно кога учителката ме мрази? Ионака ќе ме остави да повторувам уште една година. И видовме како заврши повторувањето.

Можам да ја разберам резигнацијата на Заев како човек, но не и како политичар и лидер. Ама, не ми е јасно зошто сака да ѝ олесни на Европската унија кога вика дека ако решат да почнат преговори само со Албанија, ѝ посакува успех и среќа.  Демек, бркајте си вие работа, ние ќе чекаме да ни се јавите. Од лидер би очекувал да ѝ укаже на ЕУ дека ако само Албанија напредува во евроинтеграцијата, тоа ќе биде уште една сигурна дестабилизација на цел регион.  Што ќе прават нашите Албанци како најбројно малцинство ако само  Албанија влезе во ЕУ, а Македонија не?

Што му е целта на Заев? Да ѝ олесни на Европската унија да нè зафркне до крај или да нè внесе во ЕУ?

Сега Заев се гушка со Еди Рама, ама којзнае каков Рама ќе дојде во Албанија и каков Заев ќе биде премиер на Македонија кога и Албанија ќе биде членка на ЕУ. И со Бојко Борисов така се гушкаше. Сега ни се супер комшиите. Ама кога ќе влезат во ЕУ сигурно ќе се сетат и тие нешто да бараат. Извини брате Зоране, ама ние сме внатре, а ти си надвор. Знае ли Заев следното вето од Албанија што ќе биде? Грција го бараше името, Бугарија го бара јазикот и идентитетот, а на Албанија што ќе ѝ остане за барање? Не двојазичност. Пола држава ќе треба да отстапиме.

4 И власта и опозицијата предвреме ја почнаа кампањата за локалните избори во октомври. Сега секој ден ќе слушаме како ни зборуваат за европски вредности.

Ќе ни кажуват дека им е важен квалитетот на живот на жителите во општините, а ним им се  поважни барањата на инвеститорите. Ќе ни зборуваат за доброто на граѓанките и граѓаните, а ќе мислат како да им обезбедат државна плата на своите партиски членови. Ќе ветуваат дека ќе бидат сервис на граѓаните, а ќе продолжат да вработуваат неспособни и мрзеливи партиски подлизурковци. Ќе ветуваат борба против корупцијата, а достапноста до јавните пари ќе биде  обезбедена само за нивните блиски.

Не ветувајте европски вредности. Оти, единствената европска вредност што ја практикувате е  да ветувате, а да не испорачувате.

5 Кој се жалеше дека никако да завршат судењата за предметите на СЈО? Еве, заврши судењето за апсењето на Љубе Бошкоски. И пак на луѓето не им се подгодува. Сашо Мијалков и „алфите“ се ослободени затоа што на судијката не ѝ било јасно кој што направил за да биде осуден за тортура.

Специјалната обвинителка Катица Јанева ќе си лежи седум години во затвор, затоа што се беше ујдисала со шоуменот Боки 13 и дозволи да ги намести Орце Камчев. Шест судења за случаите од нејзиното Специјално обвинителство се вратени на почеток. Сител и Канал 5 се натпреваруваа кој погрозна снимка од апсењето на Љубе Бошковски ќе објави за да бидат пофалени од Мијалков. А Владата на Заев ветува Фонд за медиуми од парите од марихуаната за да може да си нарачува прилози ко што си нарачуваше Мијалков.

Каков пораз на борбата за правда. Кругот се затвори. Саатот на Мекшејн се врати назад.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира