СÈ Е ОК

И стварно излезе дека сѐ е океј. Ама за нив. Не за нас.

СÈ Е ОК

1 Дали сме сега мирни и задоволни? Ете, Катица Јанева оди в затвор. Жената што како Специјална обвинителка гонеше високопрофилна корупција и требаше да ги стави в затвор високите функционери, заврши в затвор пред нив.

Самото судење во случајот „Рекет“ и пресудата за поранешната Специјална обвинителка и шоуменот Боки 13, повеќе личи на формално штиклирање на точка во некој извештај на Европската комисија или на американскиот Стејт департмент. Графа: „Гонење на висока корупција на државни функционери со судска завршница“ – штиклирано! Остваруваме.

Арно ама, тоа што на прв поглед личи на успех, во реалноста е пораз поради неказнивоста на главната корупција.

Дури и да е само троседот, Катица Јанева е кабаетлија. Ни го урна сонот дека некогаш ќе има правда. Ама додека ги пребројуваме парчињата облека на Боки 13, заглушени од сопственото ракоплескање од воодушевеност дека двајцата се в затвор, заборавивме на февруари 2015. Памтите? Тогаш дознавме за нелегалното прислушување на пола држава. Заборавивме на „жолтите комбиња“, бомбите на Заев, Марко Зврлески,  Пржинските седенки, зошто беше смислено Специјалното обвинителство, аболициите на Ѓорге Иванов, „нема правда нема мир“, организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, бегството на Никола Груевски, бегството на двајцата разузнавачи кои учествувале во прислушувањето… Како што сме оперирани од памтење, ќе заборавиме и на „Империја“ и на протечените снимки во италијанскиот „Ла верита“…

Истите луѓе чии гласови пред пет години ги слушавме на снимките, а секојдневно ги гледаме по судовите, уште се претставници на елитата, кремот, угледни граѓани, џет-сетот и ред други помпезни зборови. Ни се смеат в лице, додека си ласкаат меѓу себе како успеале со сите можни мерки, влијанија и пари, ем да се спасат од кривично гонење, ем да го урнат правниот систем.

Ова е одмазда на криминалот со помош на системот, против системот што требаше да го гони.

2 Процесот „Рекет“ требаше да ни ја поткрене вербата во судството. Наместо тоа, уште повеќе нѐ дотепа.

Како да ти се врати довербата во правосудството, кога судењето не даде одговор на клучното прашање: Каде се парите? И на уште ред други важни потпрашања, како на пример: Од каде се парите?

Како да ти се врати довербата во правично судење, кога ќе ја слушнеш Јавната обвинителка за гонење организиран криминал Вилма Рускоска како изјавува: „Јас сметам дека најголемиот дел од парите завршиле кај Бојан Јовановски и Катица Јанева. Тоа е мое лично убедување“. Како пресудил судот? Со облеката и троседот како единствени опипливи докази, само врз основа на лично убедување на обвинителката и едно телефонско дофрлање на осомничената „Сѐ ќе биде океј“?

Ништо не е океј. Нема завршница на судските процеси на СЈО што излегоа од бомбите. Нема ни СЈО. Нема обвиненија за истраги што СЈО ги предаде на Обвинителството. Нема процесуирање на криминалот што го слушавме.

Ова не е држава за тие што почитуваат закони. Во Македонија чесноста очигледно не е вредност. Затоа и глупаво е да си чесен, а да останеш да живееш тука.

И стварно излезе дека сѐ е океј. Ама за нив. Не за нас.

3 Па и ова повикување на свеста на граѓаните, што го прави министерот за здравство Венко Филипче, за да се ограничи ширењето на коронавирусот. Па и сликањето на трпезите, славите, скарите, мекиците… Исчудувањето на совесните, апелите на политичарите… Синким, ние до сега сме се покажале како многу совесни граѓани и солидарни, па власта ќе апелира допрва свеста да ни ја подига. Уште колку време имаме за подигање на свеста?

Не се виновни граѓаните дека не се совесни. Виновна е државата дека не постои. И тоа од чисто политички причини. Сме имале несреќа среде пандемија да нѐ снајде и техничка влада. И во таа техничка влада да има министер за внатрешни работи од партија чија политичка платформа е саботирање на мерките на министерот за здравство. Зошто? За да може, додека здравствените работници умираат од работа, ВМРО-ДПМНЕ да кажува: „Не ви чинат мерките, Заев гази по лешеви“ и Христијан Мицкоски да паничи: „Ова е катастрофа“. Зошто? За да може да се пазари за избори.

И што се испазарија? Наместо на 5 јули, ќе имаме избори на 15 јули. За десет дена одлагање имавме дводневна драмолетка. Те вонредна состојба, те правни толкувања, те експертизи, те ДИК не сака, те претседателот на ДИК не дига телефон, па толкување кој можел да свика седница на ДИК, па Талат да се јави, па ОБСЕ да се јави, па ВМРО бара здравствени протоколи наместо препораки , па Стево да се јави, па тој им вика договорете се, па ќе се јавам…

За на крај, да се јави „некој“ и да ја прекине драмолетката за датум за изборите. Добро е што во целата несреќа со пандемијата и техничката влада, барем имаме среќа дека уште има некој да крене телефон. И да каже: „Датум мора да има. Кога веќе сме решиле и вас да ве има.“

4 Ако веќе збориме за свеста и совеста на граѓаните, мислам дека водиме мртва трка со Србите. Како нагрнаа уште првиот ден откако Грција се отвори за туристи, прво од Евзони ги вратија, па ја извозеа цела Бугарија, па по 10 часа чекаа, деца плачат, плажите во Пефкохори спремни, дипломати преговараат небаре заложничка криза… Толкави колони на граница немало ни кога НАТО ги бомбардираше.

Нас нѐ спаси тоа што Грција уште  не ја отвара границата за македонски туристи. Во трка со Србите, тоа ќе беше регионален кластер „Богородица – Евзони“.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира