1 Ало, будење! Сите влади на Македонија од сите партии што биле на власт, 27 години преговараат за промена на името. Не преговараат за да не се промени името. Затоа што, да потсетиме, Грција не го прифаќа уставното име на Република Македонија. И ја блокира Република Македонија во меѓународните организации. Затоа што ѝ се може. Впрочем, за промена на името и се преговара од прогласувањето на независноста.
И сега, откако по 27 години преговорите завршуваат со договор за промена на името, ние се свестуваме. Викаме: „Еј, името ќе се менува!?“.
Па преговори се. Во преговори нешто се зема, нешто се дава. Целта на пазарењето е да ќариш. Ние, исто како и Грците 27 години се пазариме за нешто да ќариме. Сме дале „ерга омнес“ за да го зачуваме идентитетот. Поточно, македонски јазик и македонска нација.
Да. Не е убаво што мора да го смениме името. Не е пријатно. Ама, ај кога веќе сме се пазареле, да видиме што сме ќариле.
Прв пат по 27 години Грците прифаќаат договор кој нам ни отвара перспектива. Да потсетам, тоа се истите Грци кои во 1992 година сакаа да нѐ снема. Милошевиќ и стариот Мицотакис, таткото на сегашниот лидер на опозицијата на Ципрас, сакаа да нѐ делат. Ембарго ни ставија. Во времето кога бевме најранливи ни ја блокираа границата за гориво и за храна. Ќе нѐ умреа. И гледаме дека во Грција уште има сили што сакаат да нѐ снема. И уште се силни.
Не дека Грците се многу познати по добрина, ама еве сега, истата Грција, која го создаде проблемот и го оддржуваше 27 години, со некое поинакво лидерство прифаќа решение со кое признава дека постои македонска нација и македонски јазик. И дека постои држава Македонија која што е различна од регионот Македонија во Грција. Решиле да ја прифатат реалноста. И да признаат дека постоиме. Оти до сега Грција ништо не прифаќаше. А идентитетот па – ич. Иако, повеќе наши влади прифаќаа да го сменат името. Грците конечно ја прифатија неприкосновеноста на правото за самоопределување.
Не е убаво да се смени името. Понижувачка е и самата суштина на спорот. Ама не е убаво и 27 години да живееш без перспектива. Од кои 11 години во заробена држава, немилосрдно ограбена од ВМРО-ДПМНЕ. Во тие 27 години три војни преживеавме. Распадот на Југославија во 1990-те, бегалската криза од Косово во 1999 и нашата војна во 2001. Уште колку пати бевме на раб на меѓуетнички судир и колку време живееме во студена граѓанска војна? Од Мала Речица, преку атентат врз претседател, до Смилковско езеро и Диво Насеље. И тоа поделени по секоја основа.
И сега кога се отвара шанса конечно да се прекине сонот за прекројување на Македонија, што треба да правиме? Да ги оставиме да сонуваат? Не. Нивниот сон за нас е кошмар.
2 Тоа што ќе смениме име и што со тој себап ќе влеземе во НАТО и ќе почнеме преговори за ЕУ, сигурно нема преку ноќ да ни го подобри животот. Сигурно нема преку ноќ да престанат партиските вработувања, сигурно нема да може преку ноќ да се истера правда на суд, сигурно нема да престанеме да фрламе ѓубре кај што ќе ни текне и да паркираме кај што ќе ни дојде… Сигурно нема преку ноќ да престанат да ни умираат родилки и бебиња, сигурно нема преку ноќ одеднаш да станеме пописмени… Ама, имаме шанса по 27 години да се отвори перспектива за напредок. Со Северна да влеземе во Западна.
На крајот на краиштата, можеме ние да се саботираме колку што сакаме. Ама пак ние ќе губиме. Грците ништо не губат.
Која е дилемата? Следните 27 години да одиме напред? Или да живееме исто како последните 27 години, меѓу кои и најстрашните 11 години под Никола Груевски и фамилијата. Не сакам веќе да се плашам од полошо. Сакам да се надевам на подобро.
Впрочем, ако не вреди да се менува името за да се влезе во ЕУ и НАТО, оти „ништо нема да биде поарно“, зошто тогаш сите земаа бугарски пасоши?
Многумина кои сменија пасоши и веќе се во ЕУ и НАТО сега прашуваат како ќе се чувствувале кога земјата ќе се вика Северна Македонија? Е па, нека дојдат да живеат со македонски пасош во Македонија и нека се чувствуваат како што сакаат.
Како јас на моите деца да им објаснам дека треба да останат тука? Немам што да им објаснувам. Децата не се глупави. И тие заслужуваат живот како нивните врсници во ЕУ и НАТО. Со што ќе си ги задржиме децата? Каде ќе ги школуваме? Каде ќе ги лекуваме? А бе, ние нормален јавен превоз немаме. И каде ќе ги вработуваме? Ќе бидат среќни ако работат за 350 евра во државна администрација за да можат да одат на одмор пред сезона во Паралија.
Па ние тука ни чист воздух немаме. Треба ли понатаму муабет да правиме?
3 Башка што и човештина немаме. Простотилакот и неукоста излегоа на површина во најлошото светло и кон најранливите во селото Тимјаник, неготинско. Кон децата со посебни потреби.
Да протестираш против дом за деца!? И да викаш дека тие деца ќе им се соблакале на улица и ќе ги гаѓале со камења нивните деца!? Оти тие деца биле од Господ казнети!? И нивните деца од здрави – нездрави ќе станеле!?
И тие луѓе што протестираат против сосема немоќни деца ќе викаат „Името не го даваме“. А ние ќе очекуваме од нив да видат перспектива во било што.
4 Претседателот Ѓорге Иванов, како и што се очекуваше, продолжува да се пазари за да си ќари слобода. Тој рече дека не бил вклучен во договорот со Грција и нема да го потпише.
Не знам зошто Иванов очекува да биде вклучен во било што. Оти, тој беше активно вклучен во аболицијата на криминалците што го направија претседател. Со неговиот потпис Врховниот суд на „непријателскиот јужен сосед“ ги држи заштитени обвинетите за нелегалното масовно прислушување на илјадници граѓани. Иванов го аболицираше масовното кршење на човекови права во срцето на Европа. И беше активно вклучен во организацијата на нападот на Собранието на 27 април 2017, за пак да ги спаси криминалците.
И ако Заев се обиде да преговара за амнестија на Иванов и на криминалното поранешно раководство на ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе биде негово политичко самоубиство. Нема да биде промената на името.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST