СТАНИ ГОЦЕ

Не знам што гледа Заев „братски и пријателски“ во потезите на Бугарија и каде препознава заеднички европски вредности. А не знам ни каде Европа препознава европски вредности во ова однесување на нејзина земја-членка. 

СТАНИ ГОЦЕ

1 Да не претерува малку Заев со она „нашите браќа и пријатели од Бугарија“? Така ли е напишано во Договорот за добрососедство? Дека ние треба нив да ги викаме браќа и пријатели, а нивниот министер за одбрана војска би ни праќал за да нѐ побугарчуваат. Заев претера и со умилкувањето кон Европска унија, дека еве ние ништо не сме згрешиле, ама ако треба ќе направиме уште некаков компромис, нешто ќе се договориме надвор од веќе договореното, само да ги почнеме преговорите. Па што и ако ги почнеме. Дури и да успее Ангела Меркел да го убеди „братот“ Бојко Борисов да не нѐ блокира за почеток на преговорите, каква е гаранцијата дека подоцна, некој друг „брат„ или „сестра“ од Бугарија нема да продолжи со уцените и лекувањето фрустрации од фашистичкиот период на нивната историја? Тие ќе плукаат, ние ќе викаме – врне.

Па, на крајот на краиштата, и нека не почнат преговорите со ЕУ. Ние навистина многу сакаме во ЕУ, затоа што сакаме да бидеме дел од најмоќната економска заедница, ама и затоа што сакаме да споделуваме некои заеднички цивилизациски вредности на 21 век. Што вредности се овие што сега со силеџиство ги промовира бугарската власт? Меѓу тие цивилизациски вредности е и неприкосновеното право и слобода за самоопределување. Е па сега, ако ние не успееме да влеземе во таа толку посакувана заедница затоа што една земја им наметнала на сите други 26 земји-членки дека на Македонците нема да им го почитуваат правото за самоопределба, тогаш не знам за каква Европска унија зборуваме. Унија е, ама европска, од 21 век, сигурно не е.

Ако самоопределувањето е европска придобивка, зошто тогаш ЕУ воопшто дискутира на оваа тема со Бугарија? Во ЕУ можеш денес да си машко, утре да си женско, ако сакаш можеш да се прогласиш и за цвеќе, ама Македонец што зборува македонски јазик не можеш да бидеш, оти Бугарија тврди дека не знаеме како се чувствувал Гоце Делчев во 1903. За кучињата и мачките повеќе се загрижија отколку за цел еден народ, цел еден јазик и цела култура што е дел од светското наследство.

Кај успеавме да направиме држава во која никој дома не смее да ми каже како треба да се чувствувам и на кој јазик да зборувам, па сега некој друг од странство ќе ми кажува кој сум и што сум.

2 Многу ме интересира како изгледаат состаноците на заедничката комисија за историја, чијашто работа е услов Македонија да почне преговори со ЕУ. Помислете. Зборуваме за услов за ЕУ. Најсериозно. За онаа Европска унија за која мечтаеме, ги чекаме извештаите од Брисел, многу сериозно ги сфаќаме нивните критики, зборуваме за заедница на држави во која се почитуваат основните човекови права, владее сигурноста, приватноста е загарантирана, се патува слободно, без граници, цветаат илјадници цвеќиња… Е, за да влеземе во таа ЕУ, некаква комисија на две балкански држави досега стасала со проверка на учениците до шесто одделение и се договориле околу пет историски личности од овие простори, па запнале со работа околу Гоце Делчев… Браво. Шесто за седмо, многу добар, уште една петка и одличен.

Горам од љубопитство, како тоа се „решаваат“ историските личности? Како европска Бугарија од 21 век го определува етничкото потекло на некој што загинал или умрел од природна смрт пред повеќе од 100 и кусур години? Како воопшто се одредува личното чувство како што е етничката припадност на некој што не е жив?

Еве на пример, како што е Никола Тесла. Роден е како Србин во Хрватска. Хрватска тогаш била дел од Австриската империја.  Со австриски документи емигрирал во Америка. Сите нѐ просветлил како државјанин на САД. И замислете сега Хрватите да им прават пречка на Србите на патот кон ЕУ затоа што Тесла бил роден кај нив. И замислете, Австријците да им правеа пречка на Хрватите во преговорите со ЕУ затоа што Тесла бил Австриец. И замислете ја расправата во Америка какво етничко потекло имал нивниот Никола Тесла. Па бидејќи неговото етничко потекло станало меѓудржавен спор што може да ја разниша безбедноста во Европа, Стејт департментот да мора да праќа олеснувачи меѓу Загреб, Белград и Виена. Глупави глупости.

3 Е така и ние во 21 век заглавивме со Бугарија од 19 век. Ај сега ќе расправаме што бил Гоце Делчев. И што прават во комисијата за да ја одредат неговата етничка припадност? Организираат сеанси покрај свеќи и викаат духови? Им шетаат чашки по масата. Може и баба Ванѓа ќе им се придружи свежо воскресната и со хонорар од европски проекти ќе им помага како надворешен консултант. Па научниците ја држат чашката со прстињата и таа оди од буква до буква. А тие консензуално шепотат: Гоце, тука ли си? Јави се Гоце! А Гоце ниту пишува со чачката, ниту се  јавува. И туку на некој ќе му заѕвони мобилниот па духот ќе се испотресе. И ајдеее… Мора одново да се почне со сесијата: Не се плаши Гоце, за добро те бараме. За Европа ни требаш. Разбуди се Гоце, кажи ни вечерва како се чувствуваш?

Уште Грците фалат во сеансата, оти кај нив се сега и Кукуш и Баница, каде што се родил и каде што загинал Гоце.

А бе, дај не го замарајте човекот. А и нас не нѐ замарајте со историја. Бидете вие мангупи како Гоце што бил во 19 век, па сега вие правете историја.

4 Па уште и ако нѐ блокираат кон ЕУ, како ќе гледаат нашите потомци на сегашна Бугарија? Дури тогаш повторно ќе оживеат сеќавањата на нивните зулуми од Втората светска војна. Во 1940-тите не биле сите Бугари фашисти. Ама имале фашистичка власт што тука се памети по лошо. Еве, тетка ми била мачена во бугарски затвор во Битола. Мајка ми, која има 89 години, го памети бугарското време и мачењето на сестра ѝ како една од најголемите трауми во животот.

По што ли ќе ја паметиме ние, па и идните генерации Македонци оваа бугарска власт ако од позиција на сила го блокира напредокот на македонската држава?

Така што, навистина не знам што гледа Заев „братски и пријателски“ во потезите на политичкото раководство на Бугарија. И не знам каде тука препознава заеднички европски вредности. А богами, не знам ни каде Европа препознава европски вредности во ова однесување на нејзината земја-членка.

5 ВМРО-ДПМНЕ продолжува со скапи протести против поскапувања. Најново е протест со возење по автопат против поскапување на струјата. Кога веќе арчеа пари за бензин, можеа да протестираат и против зголемување на акцизата за горивата. Удри го есапот, во еден ден си ги потрошија парите за годишно поскапување на струјата. Плус и бензин наточија, па и со патарините го зајакнаа буџетот. После ќе протестираат дека „мафијашот“ Заев ги троши парите за поткупување гласачи.

Кога веќе одеа накај Штип, требаше да свртат и кон Штипскиот аеродром што Груевски пред десет години им го даде на Турците, оти Австријците и Германците велеа дека нема логика да се гради. Може веќе слетуваат авиони. Следниот пат нека возат по кинескиот автопат за Охрид. Кога ќе заглават во тунелите чии влезови и излези ја имаат утната трасата, нека турираат во место со запалени коли. Ете им уште еден протест против загадувањето.

Додека Христијан Мицкоски очајно бара начин како да привлече внимание, болниците се полнат со болни од ковид-19. На Инфективните одделенија е како во воена состојба, а надвор пратениците на ВМРО-ДПМНЕ возат со колите и размислуваат како да ги закочат здравствените мерки за заштита од ковид, а сите да мислиме дека не ги кочат. Па смислија дека ќе одат во Собрание за да им помогнат на СДСМ и ДУИ да направат кворум, ама тие ќе гласаат воздржано.

Па пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и не се за ништо друго освен за кворум. Со што покажаа досега дека се за граѓаните и за државата? Тие и не кријат дека се во Собрание само за да кочат.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира