1 „Планот за раст е многу повеќе од инцијатива“, рекол премиерот Христијан Мицкоски на Самитот на лидерите на Западниот Балкан во Тирана, што и да му значи таа реченица. Особено во контекст на исполнување на планот дома. Оти таму кога се среќава со луѓе од бриселската администрација им зборува за реформски чекори, вклучително и за реформи во правосудството, а кога ќе се врати дома ќе продолжи да нѐ замајува со весела математика.
Во Владината Реформска агенда од 2024 до 2027 е запишано дека до јуни 2025 треба да се донесат измени на закони со кои се регулираат платите на обвинителите и на судиите, како и на нивните служби. До декември 2025 година треба да се обезбеди финансиска независност на правосудството. Па токму за таа реформска агенда Владата се фалеше дека тоа е историски најдобар документ, толку добар што и први од групата Западен Балкан добивме пари од ЕУ.
И Мицкоски, наместо да одговори на прашањето зошто се доцни со исполнување на задачите кои самиот си ги задал и му ги одобриле во ЕУ, и за чие извршување ќе дадат пари, тој ни го губи времето со изговори, криви биле обвинителите и судиите, големи плати барале, еве нека кажат граѓаните дали ги заслужуваат и овие плати што ги добиваат…
Што да кажат граѓаните? Граѓаните треба да прашаат до каде е со исполнување на обврските кои Владата самата си ги презела за да обезбеди финансиска независност на правосудството? Толку.
Праксата Министерството за финансии да одобрува вработувања во правосудството ја загрозува независноста на правосудството. Така пишала Владата во реформската агенда. Така што, муабетот „не им давам пари, јас сум загрижен за вас како ќе ви ги трошат парите, па ќе им дадам пари, ама ќе барам отчет…“ едноставно е – купи ден, продај.
Сака ли премиерот реформа што ќе обезбеди независно и некорумпирано судство, оти овие пари што сега се издвојуваат не се доволни, како што самиот си напишал во Реформската агенда, или сака само да ги смени овие судии и обвинители и реформата да ја тера со судии и обвинители од неговото тефтерче?
Бидејќи тој знае кој колкава плата заслужува и воопшто дали ја заслужува, зошто самиот да не биде и обвинител и судија?
Утре ќе може да им ја намали и платата на пратениците ако носат закони што не му се допаѓаат.
Па и на претседателката ако престане да слуша.
2 Бугарија ќе продолжи да ни ја краде европската иднина и ќе треба да научиме да живееме со тоа. Ама, нели Владата на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ ќе ни ја носеше ЕУ дома? Е па ајде де, нека ја донесат. Во Планот за раст сами си ги напишаа задачите во Реформската агенда, ЕУ им ги прифати и плус ќе им даде пари за тоа. Е па ајде де, нека си ги завршат обврските. Поминаа и изборите, ќе поминат и новогодишните и божиќните празници.
За броење канти за ѓубре и за чистење фонтани веќе си имаме избрани градоначалници. Па и за надзор над градежни активности на градинки и контрола на медицински апарати во болниците.
Мицкоски одамна не е лидер на опозицијата. Премиер е веќе подолго време. Време е да почне да си ги решава задачите што самиот си ги задал во две предизборни кампањи, и лани и годинава.
3 Владата не ни крие дека нема намера да го откочи пристапниот процес без гаранции од ЕУ дека Бугарија нема да продолжи да нѐ кочи со негирање на македонскиот идентитет. ЕУ не може да даде гаранции. И – тоа е тоа.
Тоа што Бугарија длабоко нѐ заглави на патот кон ЕУ – нѐ заглави. И самата ЕУ веќе губи интерес за нас. Не се ни мачат да нѐ разберат што ни e болката. Мислам дека веќе не нѐ ни слушаат. Нивните политичари вртат крукчиња со авионите, доаѓаат на два-три саати и си одат, веќе не се трудат да смислат ни нови изјави.
Не им се слуша ни тоа дека Бугарија не го почитува македонското малцинство, дека не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур и не им дава на Македонците кај нив да се организираат.
Македонците во Бугарија се граѓани на ЕУ. Македонците во Грција се граѓани на ЕУ. И потомците на децата бегалци од Грција што се родени во источноевропските земји што се сега во ЕУ се граѓани на ЕУ. Македонците во Македонија што се пишале Бугари за да добијат бугарски пасош се граѓани на ЕУ. Повеќето од нив живеат во ЕУ.
Само Македонците со македонски пасош не се граѓани на ЕУ. Како тргнала работата, нема ни да бидат.
ВМРО-ДПМНЕ нека продолжи да нѐ забавува со приказните од Дубаи, јахтата на Заев и реформите на СДСМ со Венко Филипче. Тоа е многу побезболно отколку да ја прашаат Владата до каде е со реформите што сама си ги ставила како обврска кон граѓаните, а не ги исполнила.
А кога ќе пејат „сплоти Пирин, Егеј син, со бистри води вардарски“, белким на нивните гласачи ќе им светне дека два дела од Македонија веќе се во ЕУ. И дека само ЕУ може да го оствари сонот „Македонија од три дела ќе биде цела“.
Би било фино Владата малку да се погрижи и за нас што останавме тука покрај „бистрите води вардарски“. Ако воопшто ги интересира европската иднина на Македонците со македонски пасош.



