ЦИНИЧЕН ОПТИМИЗАМ

Логиката на Заев како бизнисмен и логиката на Заев како лидер на партија е во колизија. Оти од даноците од неговата фирма се плаќаат партиските војници

ЦИНИЧЕН ОПТИМИЗАМ

1 Многу фино изгледаше средбата на премиерите на Грција и на Македонија Алексис Ципрас и Зоран Заев. Ваков пријателски тон на средба на политичари од Македонија и Грција до сега немаме видено. Насмеани, без конфликт, спремни за соработка… Сѐ во духот на автопатот „Пријателство“.

Ама, не знам зошто сѐ уште се плашам. Што ако и овој обид за решавање на спорот за името не успее?

Министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека е загрижен оптимист. Понекогаш го користи и терминот „претпазлив оптимист“. Јас не сакам да бидам песимист. Оти се чувствувам уморен од чекање и едноставно не сакам да мислам дека нема да биде подобро.

Јас сум циничен оптимист. Цинизмот е затоа што ако сега не се затворат преговорите, ние ќе треба одново да почнеме. И кога ќе ми текне какви почетоци би нѐ чекале ми текнува на Палестина, на Курдистан… На Босна.

На една слика ги имаме Заев и Ципрас, нови лица, нови политичари, насмеани и расположени. На друга слика ги гледаме илјадниците Грци на плоштадот во Солун кои викаат „Името не го даваме“. На една слика оди најавата за релаксирање на односите. На друга слика оди најава за нов митинг во Атина оти „територијалниот интегритет е под закана“.

Тие не го даваат името. И ние сме им заканата. Ние, со 9.000 војници, ѝ се закануваме на Грција со 90.000 војници. Ние, со подарените војнички чизми од Словачка со изминат рок на траење и со ќебињата на кои уште пишува ЈНА. Тенковите и авионите ич да не ги броиме. И трите галии од центарот на Скопје, кои се всушност најопасни ако заглават на устието на Вардар во Егејско Море. Заедно сосе цицките на мајка му на Александар, од споменикот на фонтаната на плоштадот што го носи името на таткото на Воинот на коњ.

Се прашувам, кои се тие луѓе што се собираат по плоштадите на грчките градови што така жестоко нѐ мразат? Дали се тоа истите оние кои ни издаваат соби на Халкидики, кај кои јадеме во таверните, кај кои пазариме во продавниците низ Солун и Лерин?

Добро. Не се во толкав број како што беа во 1992 година кога во Солун на протест против Македонија се собраа милион луѓе. Ама сепак… Кога ќе ми текне дека тогаш ни воведоа ембарго. Баш кога ни беше најтешко. Кога на север од нас беснееја војни. Сакаа да нѐ умрат. Колку треба да си лош, колку треба да си клет за да посакаш комшијата да ти умре? Американците ја пробиваа блокадата. Ни пратија брод со жито во Солунското пристаниште. Жито. За леб да имаме.

Што правиме ако тие луѓе повторно станат фактор за одлучување во Грција?

2 Додека премиерот Заев во Давос гради пријателство со Грција и се гушка со Бугарија, во Македонија ништо ново не се случува. Продолжуваат да се измислуваат работни места за партиски кадри кои сите ние треба да ги платиме.

Кога ќе видиш оглас на МЕПСО дека се бара копирант за плата од 25.000 денари, се прашуваш: Па добро, ние што правиме приватни фирми, будали ли сме? Па инспекции ќе ти праќаат, па нови даноци ќе ти измислуваат, па казни ќе те глобат…

Богати се тие што вкупно годишно заработиле 16.000 евра. Колку што се годишните патни трошоци на еден пратеник.  Државата ги брои во 1 отсто богаташи, заедно со олигарсите. И ќе им го зголемува данокот за да има пари да го плати копирантот.

Копирантот копира за 25.000 денари. И паркирачот на коли во Регулаторната комисија за 30.000 денари плата паркира коли. И референтката за протокол во ЕЛЕМ има работа. За 30.000 денари. Ги пречекува гостите и ги спроведува од  влез до лифт и назад.

Просто, човек да посака да направи и повеќе од милион денари хонорар. За да плати повеќе данок. И да придонесе да се одржуваат вакви, ем клучни, ем благородни работни места во државните фирми.

На тие места не се влегува според квалитет, способност и знаење. До нив нема пристап секој. До копирант и портир се стига само со партиска привилегија. Уште кога се закажале изборите се знаело  – ако победиме – кој ќе се вработи како копирант во државна фирма.

Како го трпи ова Заев? Како го трпи ова вицепремиерот Кочо Анѓушев? Двајцата доаѓаат од бизнисот.  Дали во нивните фирми постои референт за протокол и копирант? И тоа со толкава плата? Дали би измислиле вакви работни места, дури и за да си ги вработат своите деца? Или децата на роднините?

Логиката на Заев како бизнисмен и логиката на Заев како лидер на партија е во колизија. Оти од даноците од неговата фирма се плаќаат партиските војници.

Па кога левичариот Бранимир Јовановиќ, кој работи како советник во Министерството за финансии, ќе нѐ искара: „Сакате квалитетно здравство и образование, а не сакате даноци да плаќате“, одговорот е: „Види го огласот на МЕПСО. И прегледај колку забавно четиво е систематизацијата на работните места во јавните институции и државните претпријатија“.

Кога плаќаме даноци, ние не знаеме дали нашите пари ќе завршат кај копирантот, кај паркирачот, кај референтката за придружба или кај пратениците за патни трошоци. Како што гледам, до сега изгледа кај копирантот отишле. Оти, не видов промена во здравството. Не видов промена во образованието. Платата на специјализантите во јавното здравство е 23.000 денари. Почетна плата за наставници е 19.000 денари.

И после – си отишле инженерите. И докторите си отишле. Ќе останеме со портири и копиранти.

Ние не плаќаме за општо добро. Плаќаме за партиските кадри, без оглед како се вика партијата на власт.

И да. Не сакам ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт.

4 Кога сме веќе кај паркирачот во Регулаторната комисија, да потсетиме дека таа регулаторна комисија пресмета оти во новите сметки за вода ќе треба да се доплаќа стапка за пречистителни станици. Тоа се оние пречистителни станици што ги градиме со пари од странците. Оти ние нашите пари ги трошиме за плати на паркирачи.

Инаку, истата Регулаторна комисија пресмета дека водата треба да поевтини. Ама, сметките ќе бидат повисоки. Значи, ќе пиеме поевтина вода, ама поскапо ќе ја плаќаме.

Тоа ти се вика – во водата дупка.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари