ЦРЕШИ И СУДИИ

Можеш да направиш и 100 добри работи, смисли три - четири глупости и ете ти – сите се исти.

ЦРЕШИ И СУДИИ

1 Ех, што ти било судбина. Никола Груевски се тепаше со Талат Џафери, му ја крадеше картичката за гласање и го прскаше со вода за да го спречи донесувањето на Законот за јазици, а сега токму тој закон ќе го користи за да го одложи судењето за уривањето на „Космос“ и за да му застари делото. Пред самиот крај на судскиот процес во кој поранешниот премиер е првообвинет, една од обвинeтите го смени адвокатот. Новиот адвокат побарал увид во предметот. Ама, бидејќи е Албанец, рекол дека не знае македонски јазик. Се чека да побара превод.

Избеганиот Груевски е добитникот на годинашната 13-Ноемвриска награда. На годишнината од Грујојавление, истиот ден откако пред една година се јави со фејсбук статусот „Јас сум во Будимпешта сега“, му застаре делото за „пет од целото“ за противзаконито примање награда за кинеските автопати. Па сега не само што нема да му се суди, туку и државата ќе ги плати и судските трошоци.

Истиот ден, на Грујојавление, и уставните судии Елена Гошева, Јован Јосифовски, Никола Ивановски и Осман Кадриу побараа да се намали одговорноста, а со тоа и казната во процесите што се водат против функционери што злоупотребиле пари од Буџетот. Така, не само на Груевски, туку и на Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Елизабета Канческа-Милевска, Бујар Османи и други би им се скусил рокот во кој застаруваат делата за кои се осомничени или обвинети. Образложението на уставните судии им беше дека „министрите не знаат кога се прават јавни набавки“, дека „треба да одговараат комисиите за јавни набавки“, а најубедливо правно образложение даде уставниот судија Јован Јосифовски, дека „луѓето страдаат“.

Уште и да помине оваа иницијатива на Уставен суд, Груевски не само што нема да одговара, не само што ќе му ги платиме адвокатските трошоци, туку ќе мора да му исплатиме и надокнада за страдање, претрпен страв и душевна болка, додека го тестирал „малиот Шенген“ поминувајќи неколку граници на Западниот Балкан без пасош. И да го чекаме страдалникот да се врати како херој, за конечно некој да влезе во беспоштедна битка против корупцијата и да завладее правната држава.

2 Зоран Заев имаше да заврши многу суштинска работа – да го одблокира процесот за пристап кон НАТО и ЕУ. Ама, главниот кабает му е тоа што дозволи да му избега Груевски. И што не се фати веднаш со реформите во судството. Додуша, и главниот коалиционен партнер ДУИ нема баш намера да му помогне во тоа.

Сега, на само шест месеци до избори, веќе е доцна. Не е само до личниот интегритет на судиите и обвинителите, ним – се виде – не им е срам. Па и што можеш да очекуваш од судии и обвинители излезени од тефтерчето на Гоца, освен кога-тогаш да одработат за тие што ги ставиле на тоа место.

Убаво е тоа што Заев покачува плати, покачува пензии, се смирува со сите комшии, проштева, се извинува до небо и шири оптимизам наоколу. Но она што и покрај сѐ те прави ништожен во сопствената земја е партизираното судство и партизираната администрација. Цели државни системи се дадени на неизживеани директорчиња и началничиња, кои да не им била партијата, никогаш не би го заслужиле тоа место. Еден портир во државна установа се чувствува силен и недопирлив, а не пак општински службеници кои треба да ти завршат работа. Ставот кон граѓаните им е – не сум јас тука за да ти служам тебе, оти ѝ служам само на мојата партија. Од таму се и сите оние разочарувања, изневерени очекувања, гневни коментари кои Заев ги нарекува мрчења и  онаа летаргија што те зафаќа од фрустрацијата дека не вреди за ништо да се бориш. Оти се соочуваш со селективна правда и со администрација која не само што не е способна, туку е и арогантна. А од животот бараш и нешто повеќе отколку слободно да пишуваш на Фејсбук.

3 Власта не е бахата само кон јавноста. Тие се бахати и кон сопствената работа. Едни болни цреши во Скопје не можеа да исечат без да се направи паника. Во времето на Груевски се сечеа и здрави дрвја за тој да си го изгради „Скопје 2014“. Затоа, сега не можеш да сечеш суви дрва без пред тоа да објасниш што ќе правиш. Како некој што дошол на власт марширајќи заедно со луѓето што ги бранеа и дрвјата од Груевски, мора да си свесен колку тие луѓе се чувствителни.

Видете ја и манипулацијата со пензиите. Кога Груевски и Зоран Ставрески ќе се пофалеа дека ја покачуваат пензијата за 500 денари, линеарно за сите и сосема незаконски оти не ја покачуваа со усогласување на трошоците два пати годишно, сите се сликаа, аплаудираа, држеа прес-конференции… Заев најави дека пензиите ќе се покачат линеарно за 700 денари, но плус останува и законското усогласување два пати годишно, ама сега е „еее, само 700 денари, ич не ги покачувајте“. Па и минималната плата била мала. Па и зошто само на лекарите и сестрите им покачувате, зошто не им покачувате и на друтите, „а вие скенирајте фискални“…

Кај нас е вкоренето чувството дека власта манипулира со интересите на граѓаните. Дополнително, тоа чувство е искомбинирано со едно чудо непроверени вести од непознати извори на информации, повеќето лаги. И супер е тоа што луѓето се охрабрија. Па се распишаа по фејсбуци за сѐ што ги мачело, оти порано не смееја ни да лајкнат, а не пак да коментираат. Затоа и сме се бореле, да може секој да си каже што му е на срце без да се правда дека ќе го избркале од работа, детето немало да го вработат, ќе му ја земат фирмата, ќе му пратат инспекција, ќе трпи бизнисот… Како што беше до пред само 3 години.

А бе, нѐ прислушуваа. Покрај тоа што крадеа на избори за да останат на власт засекогаш, направија своја инфраструктура за да ја покрадат и државата. Сетете се само што правеа со Ѓорге Иванов, кроткиот интелектуалец. И сега, успеваат да направат толку бука за да нѐ убедат дека сите се исти.

А власта покажа толку неукост и бахатост, што дозволи перцепцијата за нив да ја гради оваа растурена, нереформирана ВМРО-ДПМНЕ. Со ова судство ни Мицкоски нема да мора да расчистува со криминалното минато на партијата.  Неговата партиска мантра е – ако сме ние злосторници и корумпирани, тогаш и тие се злосторници и корумпирани. Сите се исти. Што ќе доведе до краен резултат – „Е, не ви гласам бе!“. А од стратегијата „Курто-Мурто“ корист има само ВМРО. И тоа ова ВМРО, што го запознавме од бомбите. Уште е истото тоа ВМРО.

4 Со кој памет Владата предложи Закон за јавни собири со кој се обиде да го ограничи уставното право на протест, па запишаа дека може да се протестира од 06 до 23 часот? И тоа не во близина на државни институции. Дали некогаш ќе дојдеа на власт ако протестираа само од 06 до 23?

Јавноста е пречувствителна од преголемите очекувања и преголемите разочарувања. Не треба многу. Можеш да направиш и 100 добри работи, смисли три – четири вакви глупости и ете ти – сите се исти.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира