ВАНРЕДНО СТАЊЕ

Ние мора да сме лудаци штом на Иванов уште му одбиваме на глупост. А тој веќе три пати направи велепредавство.

ВАНРЕДНО СТАЊЕ

1 Не знам. Каков е дипломатскиот протокол? Кога се напаѓа Собрание, кој е пристоен термин за да се најавиш? Кога треба да се јавиш за дозвола да влезеш? Пред нападот, или во тек на нападот? И кому се јавуваш? Лично на претседателот на државата? Или на неговиот советник за разузнавање? И откако ќе влезеш на забавата, дали е задолжително да испратиш самослик од мобилниот телефон? И кому го испраќаш? На советникот, или на претседателот што ти дал дозвола? Или на претседателот што те испратил?

Овие кадриве на српскиот претседател Александар Вучиќ ептен ги копираат вмровските методи за контрола на јавната админстрација. Исто како нашиве државни службеници што мораа да се сликаат на мобилен и да се пуштат на Фејсбук за да го потврдат присуството на бројните минтинзи, контрамитинзи, протести, контрапротести, чистења на споменици, а сега и на собирање потписи против бегалци.

Чудно беше дека ВМРО-ДПМНЕ, што секој ден има да соопшти нешто за сè и сешто, го немаше цели три дена да прати соопштение за повлекувањето на дипломатите од српската амбасада во Скопје. И кога конечно се одважија да кажат нешто, Вучиќ ги отепа. Рече дека српскиот разузнавач добил дозвола да влезе во Собранието на 27 април од највисоката извршна власт.

Ептен јаки ова разузнавачките структури. Сите ги дознавме дури и што пораки си препраќале вечерта на 27 април. Па српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ раскажа дека му пратил слика на советникот на Иванов Синиша Алексовски. А тој, пак, раскажа и дека во смс добил порака „вонредна состојба“.

И така, таман почнавме да го забораваме 27 април, Вучиќ се јави да ни раскаже нешто за улогата на Ѓорге Иванов во сплетките на Никола Груевски да остане на власт и да се спаси од затвор. Прво, со ланската аболиција, па после со одбивањето да му даде мандат на лидерот на парламентарното мнозинството, па сè до ноќта на 27 април кога чекаше да види дали ќе ги убијат Зоран Заев и Зијадин Села за да прогласи „ванредно стање“. Па кога не ги убија, се појави на телевизија да ги повика лидерите на партиите кај него. А двајца веќе беа со искршени глави во болница, додека неговиот лидер чекајќи го „стањето“ на безбедно во Виена, неколку пати се слушал со Чавков да праша „какво је стање“.

Е па, голема благодарност до Вучиќ. Што нè потсети што ни спремале. Се надевам дека се потсети и Обвинителството, па ќе се фати за работа по одморите. А не уште Мукоски и неговото убаво друштво да ги гледаме во Собрание да ни држат лекции за демократски дебати.

2 И сега, претседателот кој на 27 април спремал вонредна состојба ни се прави голем врховен командант. Па на Денот на АРМ ја искара Владата дека без негова дозвола ја ангажирала војската да гаси пожари и да спасува од поплави. Па уште и се закани дека тој ќе решава што ќе прави  војската.

Ние мора да сме лудаци штом на Иванов уште му одбиваме на глупост. А тој веќе три пати направи велепредавство.

3 Малку беше наопаку реакцијата на српската власт што ги повлече преку ноќ, и тоа во недела, сите дипломатски службеници од амбасадата во Скопје. Обично, земјата што фаќа друга дека ја прислушувала, го протерува амбасадорот на таа земја. А не го повлекува својот, сосе цел персонал.

И што се исконсултираа во Белград? Ги учеа вработените во амбасадата во Скопје како да се заштитат од прислушување? Или ги учеа како да зборуваат во шифри. „Она на М“, „Оној што вози ибица“, „Она горна, долна“, „тоа не е рекет, тоа е донација“…

4 Инаку, целата шпионска афера не е толку наивна како што изгледа. Уште на почетокот на август се споменуваа градовите Мадрид, Манчестер и Вршац. Таа доби меѓународни размери уште онаа вечер на 8 август кога се играше Суперкупот во Скопје. И кога еден друг разузнавач од Агенцијата за разузнавање на Иванов се напил во Вршац. И така пијан се степал со полицајците за да влезе на Реал Мадрид – Манчестер јунајтед.

Инаку, кодното име на разузнавачот не е „106“. Така го викаат оти имал 1,06 промили алкохол во крвта. А српскиот град Вршац во шпионскиот заговор заедно со Мадрид и Манчестер се споменува по кафеаната „Вршац“. Што се наоѓа на влезот на стадионот во Скопје, каде што најверојатно разузнавачот собирал материјал.

Многу сум разочаран што оваа конспирација на релација Вршац – Мадрид – Манчестер не ја открија и српските медиуми. Така ќе можеше целата афера со агресијата врз Србија да трае повеќе од три дена. Отприлика исто долго колку што траеа многубројните агресии врз Македонија. Се сеќавате само колку пати беше гранатирана зградата на Владата? Се сеќавате кога владиното авионче, мораше принудно да слетува во Швајцарија. А кога известуваа дека имале сознанија за подготовка на атентат на Груевски се сеќавате? Ехее, цели два дена се збореше за тоа. Многу подолго отколку кога на Вучиќ му се онесвести гледач среде емисија во живо, а тој го спасуваше.

Допрва Србите ќе се соочуваат со грујовизмот. Еве, јавуваат дека од 1 септември го воведуваат екстерното. Е па, нека им е со среќа.

5 Најновата агресија што ѝ се заканува на Македонија е од бегалците. Што ги нема.

Во првите борбени редови повторно се учителките. Оние што се примени на работа во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Па во знак на благодарност организираат собирање потписи против бегалци. Што ги нема.

Истите тие учителки, пред избори ги плашеа децата дека ќе мораат да учат албански и дека ќе нè федерализираат. Сега, откако им кажаа дека малку е фашистички туку – така да зборуваш против бегалци ( а и не е убаво пред децата), им рекоа да ги плашат луѓето дека бегалците ќе ни ги земеле работните места. Ќе ни ја земеле државата. Бегалците што ги нема.

Не бре, нема бегалците да ни ја земат државата. Ние од учителките и цела таа партизирана јавна администрација ја изгубивме државата. Оти нивната партија ни ја киднапираше државата. За да биде само нивна. Оти поради нив избегаа толку луѓе, сосе децата, затоа што не сакаат да им ги учат вакви умови. Избегаа барем децата да си ги спасат, да не бидат отруени од омраза и простотилак.

А ние што останавме, ако сме веќе некакви свесни граѓани, не треба да им ги пуштаме децата на вакви учителки. Доста веќе се плашевме од луѓе кои ние ги плаќаме.

Исто како и воспитувачките во градинките што сега се бунат против втората смена што им ја воведе новата влада. Оти, тие во втора смена одеа само на повик на Груевски. Ама не на работа, туку на митинзи и контрамитинзи, за да му прават народ на лидерот. И да го лајкаат на Фејсбук.

Море какви митинзи… Тие во втора смена и напад на Собранието правеа.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира