ВЕТЕР И МАГЛА

Дојдовме до дереџе лекарите да дебатираат за бекатон плочки, а тие што ги редат плочките да мудруваат за вакцини и брисеви.

ВЕТЕР И МАГЛА

1 Се погоди да врне со денови, баш пред локални избори. Излегуваш од дома со свежи впечатоци од репликите и контрарепликите на кандидатите за градоначалници, маѓепсан од креативните пропагандни филмчиња, опседнат со ликовите што те напаѓаат од билбордите на секоја раскрсница и се прашуваш: Што е тоа што ми фали во еден ваков здодевен есенски ден, за да ми се разубави животот? На што прво помислуваш кога врне во Македонија, а треба да одиш на работа, на школо, на лекар, на концерт… Што ти фали најмногу?

Мене ми фали спејс шатлот што го ветуваат партиите на локалните избори. Да можам со него и јас да се лансирам на планетата од која што тие ги согледале приоритетите за тоа што им фали на општините во кои се кандидираат.

Според сите морски чуда што ги ветуваат, тие како да не живеат тука, со нас. Толку им се неверојатни партиските ветувања што ги даваат по митинзите и на рекламите, што некои од кандидатите дури не можат ни да одглумат дека сами си веруваат во тоа што го зборуваат.

Барем јас не паметам избори на кои сум бил толку летаргичен, како што сум сега. Чат-пат ќе фатам сеир на некој што решил од себе да прави палјачо во политиката, ама ни тоа ништо не менува. Сето останато е потрошени пари, потрошено време и потрошен човечки капитал. Бесцелно се ѕверам во телевизорот и сфаќам колку, всушност, ни се потрошени и политичките елити.

2 Од таа изборна летаргија, некако незабележано помина веста дека германска компанија ќе инвестира пола милијарда евра за изградба на ветерници за производство на струја во Македонија. Тоа е најголема инвестиција во земјава од независноста досега и најголема инвестиција во енергетиката од пуштањето на првиот блок на РЕК Битола во 1982 година.

Ама, како можеш да ја сфатиш вистинската димензија на германската инвестиција во енергетската иднина на Македонија, покрај илјадниците партиски проекти за општините истурени по изборните митинзи пред лојалното партиско членство? Што се 500 милиони евра во германски ветерници, наспроти ветерот и маглата на партиските лидери и кандидатите за градоначалници.

Договорот за стратешко партнерство со македонската влада е склучен за 45 години. Ќути, барем Германија следните 45 години ќе се секира за нас. А ние дотогаш, со себап, можеби ќе научиме барем како се нивелираат шахтите на улиците.

3 Има уште една добра причина зошто не успеавме да ја согледаме вистинската димензија на германската инвестиција во македонскиот енергетски сектор. Јака конкуренција на таа вест се обновените надежи на премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи, дека до крајот на октомври ќе продолжат преговорите со Бугарија, а до крај на годината ќе започнеме преговори со ЕУ.

Оптимизмот веројатно го темелат на фактот дека на претседателските избори на 14 ноември во Бугарија се пријавиле само 23 кандидати. А надежта дека Бугарија ќе го симне ветото Заев и Османи ја подгреваат со фактот дека Бугарија уште нема влада, па на 14 ноември ќе имаат трети парламентарни избори за последните 8 месеци.

4 Никогаш не сум можел да го сфатам феноменот на лекари во политиката, ама на овие избори, пак, ми е посебно несфатливо како толку многу лекари се најдоа како кандидати за градоначалници и носители на советнички листи. Колку пати во нивната кариера имаат шанса да се соочат со таков професионален предизвик како што е работа во пандемија и како решаваат својата стручност за спасување животи да ја трампаат за да станат политичари? Половина доктори заминаа во странство, другите заминаа во политика. Чиниш, на медицинските факултети отвориле нова специјализација – за политички науки. И така, дојдовме до дереџе лекарите да дебатираат за бекатон плочки, а тие што ги редат плочките да мудруваат за вакцини и брисеви.

Ги слушаме лекарите како зборат за патишта, пречистителни станици и собирање ѓубре, а не си ги погледнуваат болниците и амбулантите каде што работат. Од паркингот и скалите пред зградата до операционите сали. Лекарот ќе ни раскажува како во општината ќе го менаџира комуналниот отпад, ќе менува лифтови во станбени згради и ќе крпи дупки на асфалтот, а на своето работно место не му пречат дупките на столиците во валканите чекални, расипаните лифтови и распаднатите ординации и операциони сали. На партиска бина ветуваат ефикасен јавен превоз, а кога ќе се вратат на работа се соочуваат со Брза помош која ќе те шета од болница до болница, оти не знае каде има место да те однесе.

Море, се виде дека ним не им пречи ни што роднини си ги негуваат пациентите во инфективните одделенија. Зошто би им пречело, кога тоа не ѝ пречи на партијата.

Впрочем, ако им е толку до активизам за подобри услови за живот и работа, нека се активираат во нивните работни средини, па таму нека ги подобрат условите и за себе и за пациентите. Како гласач, како да им верувам дека ќе поправат сè што не чини во градот или општината, кога како пациент не гледам дека им е важно да го поправат тоа што не чини во нивните болници? Не мора само партијата да им кажува што треба да се поправа, а што не.

Депресивно е сознанието дека нема живот и кариера ако не си врзан со партија.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира