Поништувањето на Договорот од Преспа како што најавува Христијан Мицкоски, ќе ја врати земјава 25 години наназад, укинување на членството во НАТО и без европска перспектива, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев не денешната прес-конференција на која зборуваше што ќе се случи доколку ВМРО-ДПМНЕ го поништи Преспанскиот договор.
Заев кажа дека како што се наближуваат изборите, раководство на ВМРО-ДПМНЕ заговара опасни идеи за поништување на Договорот од Преспа, кој не донесе до полноправно членство во НАТО и на чекор до отпочнување на преговорите со Европската унија.
„Мицкоски во октомври 2019 година за српски медиуми укажа доколку добиеле двотретинско мнозинство ќе се отвореле можноста за враќање на чекот назад. За потоа за домашни медиуми изјави дека со освоено мнозинство на претстојните парламентарни избори ќе го укинеле Преспанскиот договор.
„Дали се свесни што ќе се случи ако се поништи или измени Договорот од Преспа. Укинувањето на Договорот би не вратило 25 години наназад. Тоа ќе значи автоматски укинување на нашето членство во НАТО, губење на европската перспектива, изгубени милијарда евра странски инвестиции и уништување на иднината на земјата. Ќе исчезне поддршката од нашите стратешки партнери, ќе дојде до нови блокади од Грција и нова внатрешна нестабилност“, рече Заев.
Заев кажа дека ако не постои Договорот од Преспа нема иднина за земјава, тука напротив се отвора можност за нестабилност и нови конфликти. Тој рече дека министрите од ВМРО-ДПМНЕ кои сега се во владата со тоа што не го користат уставното име на земјава, го кршат Уставот и создаваат провокации.
„ВМРО-ДПМНЕ никогаш не успеа да испреговара решенија во кои ќе се признае етничкиот идентитет, македонскиот јазик и ќе се зачуваат кодовите МК и МКД. Го повикувам Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да престане со опасните и манипулативни тези за укинување, поништување или менување на Преспанскиот договор. Ако нема Преспа нема иднина“, кажа Заев,
Заев кажа дека до 11 февруари кога ќе се распушти Собранието, Законот за јавно обвинителство ќе биде ставен на гласање пред пратениците. Тој веќе почнал преговори со независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување двотретинско мнозинство за законот.
А. АНТЕВСКА