ЧИП КУМАНОВО

Бил Гејтс решил лично да го чипира Максим Димитриевски

ЧИП КУМАНОВО

1 Во право биле тие што викаат дека градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски предвидел сѐ и бил визионер уште на почетокот на кризата со коронавирусот. Уште на 6 април, тој барал од Владата да му обезбеди дополнително амбулантно возило за транспорт на пациенти. Ко да знаел дека амбулантното возило ќе му треба баш нему и на жена му, за да ги развезува по приватни лаборатории низ Скопје.

Откако се тестирал за коронавирус приватно, градоначалникот на Куманово објави: „Ги отфрлам сите обвинувања за наводната моја позитивност“. Каква наводна, што наводна? Па самиот си објави на Фејсбук дека тестот од Институтот за јавно здравје покажал оти е позитивен на коронавирус. Што значи тоа? Дека тестот на Институтот за јавно здравје е наводен?

Првиот тест на здравствениот систем кумановскиот градоначалник го направи кога на седница на Општинскиот кризен штаб пречека половина државен врв, без да каже дека два дена пред тоа се тестирал за коронавирус. Малку му е што поради тоа во изолација мораше да одат премиер, вицепремиер, министер за образование, министер за здравство и шефот на Комисијата за заразни болести. Па реши и по вторпат да ја тестира државата. Не му верува на Институтот за јавно здравје, па оди лево-десно да се тестира по приватни лаборатории. Оти, неговиот систем за борба против коронавирусот вреди. А тој на државата не вреди. Наводен е.

Што значи оваа дискредитација на системот за тие што се болни, за тие што чекаат резултати, за семејствата на починатите од КОВИД-19? Кога градоначалник на општина со најголем број жители, плус и од владејачка партија, си умислува дека некој му подметнува позитивни резултати за коронавирус, што туку се чудиме на Фејсбук објави дека Вил Гејтс (со „В“) ни ја смислил болеста за да ни продава вакцини и да ни става чипови. И дека роднини на починати сведочеле оти лекарите им давале по 2.000 евра за да кажат дека умреле од корона, а тие умирале од друго. До пред две недели беше 1.000 евра, ама како што наближува пикот и цената за причината за умирачка се покачува.

Којзнае, можеби Бил Гејтс решил од Куманово да го почне својот поход на Балканот. И лично да го чипира баш градоначалникот. Ама, Максим херојски се брани, со истиот интензитет како што се одбрани од наводните позитивни тестови на Институтот за јавно здравје. До скоро мислев дека ова е некоја игранка помеѓу сопартијците и сограѓани Оливер Спасовски и Максим Димитриевски. Типична сдсмовска. Ама, веќе станува и трамповска. Кај и да е, доктор Димитриевски ќе почне сам и терапија да им препишува на кумановци.

2 Ние знаеме дека здравствениот систем ни е крш. Дури, имајќи го предвид лошото искуство од мирнодопското предкоронашко здравство, бевме пријатно изненадени како државата успешно се справува со кризата во системот кој 30 години е уништуван од партиски калкулации. Имаме лошо јавно здравство, кое се покажа дека и не било толку лошо. Претпоставувам, системот го држат на мускули здравствените работници во јавниот сектор со посветена работа и со ентузијазам кој уште ги одржува во кондиција. И затоа што министерот Венко Филипче на почетокот на кризата си ги слушаше своите колеги лекари и фармацевти. Штом се вмеша политиката, прво добивме кокетирање со верниците, па копирање на мерките на Вучиќ од Србија и завршивме со Чип Куманово.

Кој му го смести на Максим? Кој му го смести на Оливер? Зошто му го смести? Дали му го смести? Со глупости се занимаваме. Нели викаат дека сме во војна со невидлив непријател. Да мислиш на политичка кариера кога треба да мислиш на јавно здравје е рамно на саботажа. А со саботажа војната се губи. Во изгубена војна, и сдсмовци и вмровци и дуиевци и рамковни и нерамковни и богати и сиромашни – ни војничкиот шатор покрај Инфективна клиника нема да нѐ собере. Греота е со политиканство да се зафркне ова што до сега го постигнавме.

Нека не нѐ потценуваат партиите. Ако веќе калкулираат со изборите, се надевам дека веќе им е јасно оти главна тема, сега ќе биде јавното здравство и како ќе се излезе од економската криза. Нека извинат тие што мислат дека уште ќе се палиме на Преспанскиот договор. Каде ли ќе бевме да немавме јавно здравство што и покрај системското уништување уште функционира? Италија, Шпанија, Франција, Белгија, САД… Ќе отвараме дебати за јавно-приватно партнерство? Во приватните болници немаат инфективни одделенија. Умирањата не се добри за реклама. Не прават профит.

Кризава ги покажа сите слабости, но и сите добри страни на целиот здравствен систем. Од матичните лекари, брзата помош, домашната посета, инспекциите, запуштените болници низ внатрешноста, состојбата во поликлиниките, центрите за јавно здравје, зачмаените партиски кадри, незадоволни и неискористени стручњаци, умислени фолиранти, несигурни раководители што бегаат од новинари, директори на болници на кои од животно значење им е да не им се налутат во партијата, отколку да си ја организираат работата, политиканти кои уживаат да се фалат колку се блиски со лидерите на партиите, оти веројатно не можат да се пофалат со бројот на задоволни пациенти и успешни млади кадри што оставиле зад себе…

И стварно ќе биде многу глупаво, покрај сите лекари и сестри што ги пуштивме да спасуваат животи во Германија, да ги изгубиме и овие што останаа дома само затоа што ги сметаат како обични бројки во партиските калкулации. Зошто, на пример, да менуваш директор на болница што се покажал и како добар лекар и како добар менаџер, само затоа што не е од твојата партија? Или не сака да биде во партија. И зошто стручно лице мора да биде во партија за да биде директор?

Ставањето на функција по партиска заслуга, а не поради стручност е погубно насекаде, но во здравството цената се мери во изгубени животи. Па поради таа ужасна партизација дојдовме до дереџе во криза, ВМРО-ДПМНЕ да ни соопштува дека го става својот лекарски тим на располагање. Кому го става на располагање? И кој е тој нивен тим што не е наш?

3 Судиите поднесоа иницијатива до Уставниот суд оти Владата и ним им ја намали платата на 14.500 денари на два месеца, за да бидат солидарни со другите именувани и избрани функционери додека земјата се бори со кризата од пандемијата. Велат дека тоа не е уставно, оти судската власт е независна од извршната.

Така е. Ама тука не зборуваме за уставност. Зборуваме за солидарност. Зборуваме за судии кои не се пожалија дека и штиклирањето на нивните имиња во тефтерчињата на Груевски не беше уставно, па тогаш играа пиперевка дури и пред секретарката на премиерот.

Судиите бараат од Уставниот суд најитно да ја разгледа нивната иницијатива. Оти мерката на Владата е предвидена да трае само два месеца. Им е страв да не застари.

Па Уставниот суд нека ја разгледа иницијативата на нивен начин. Експедитивно, како тие што постапуваат по предметите. Прво да ја стават  точката за расправа на колегиум. Па после да го распределат предметот кај судија известител. Па на судијата ќе му треба време да ја разгледа иницијативата. И превод ќе побара. Па да побара мислење од Владата, од Собранието и од други институции. Па после ќе чека одговор. Па одговорот ќе патува. Па ќе се погоди празник. Па боледување на курирот. Па после судиите ќе консултираат експерти. Па ќе одлучуваат дали да ја стават иницијативата на дневен ред. Па ако ја стават ќе закажат подготвителна седница. И после, судијата известител ќе отиде во изолација оти можеби се видел со некој позитивен на коронавирусот…

Дваесет години константна е забелешката за недостиг од владеење на правото и од Европската унија и од САД. Дури и името го сменивме, а забелешката за корумпирано судство не се смени. Дваесет години тапкавме во место. А тие, два месеца не можат да бидат солидарни со нас.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира